Kои настани и новости ја одбележаа гејмерската индустрија неделава? Добредојдовте во најновиот извештај за вашето омилено хоби, шеесет и четврто издание.

Kerbal Space Program ќе ја добиe првата експанзија на пролет. Насловена како Making History, проширувањето ќе им дозволи на играчите да создаваат, менуваат и споделуваат најразлични сценарија за играта. Покрај ова, ќе има и пакет од претходно изготвени историски мисии, со нови делови и костими. Making History излегува на 13.март, по цена од 13 евра.

На Injustice 2 борците им се приклучуваат и Teenage Mutant Ninja Turtles. Од 20.февруари, ќе можете да навлезете во бруталните битки со Леонардо, Донатело, Микеланџело или Рафаело. Секој од нив ќе се одликува со специјални потези и моќи. Додатокот чини 15 евра, а доколку ја имате ултимативната едиција, ќе започнете со играњето од 13.февруари.

The Surge 2, ќе го продолжи она што се започна со првата Dark Souls sci-fi RPG алтернатива. Двојката ќе излезе во 2019 година, а играчите ќе навлезат во разрушен град со поголем и поамбициозен дизајн. Борбата, ветува тимот, ќе биде по брутална и по тактичка од кога било и со проширени системи во скоро секој поглед.

Relic прекинува со работата на Dawn of War 3. Неделава, девелоперите објаснија дека плановите морале да се сменат бидејќи играта не ја достигнала зацртаната популарност. Студиото задеваше со нови раси, фракции и кампањи, но таквото нешто дефинитивно нема да се случи затоа што бројката на играчи кои ја играат играта е сведена на 400. Само за споредба, Total War: Warhammer 2 има скоро 20 000 играчи во кое било време. Во меѓувреме, Relic работи на Age of Empires 4.

 

Destiny 2 била најуспешната PC игра во историјата на Activision. Според издавачот, играта и последователната експанзија биле исклучително профитабилни, до таа мера да ниедна друга PC игра на Activision не успеала да се приближи до тронот. Компанијата верува дека тимот и понатаму ќе продолжи да ги „слуша“ нивните играчи и дека ќе даде се од себе да го оправда успехот. Минатото има покажано дека Bungie навистина слушаат и секојпат кога ќе направат еден чекор напред со една работа, ќе направат и три чекори назад со десет други. Потоа ќе се извинат и пак ќе го започнат истиот маѓепсан круг.

Зулу племето и нивниот поглавар Шака исто така се појавија во Civilization 6: Rise and Fall. Нивната уникатна единица е Импи и се одликува со тоа што не чини многу, а е исклучително дисциплинирана и има бонуси во напади од страна и побрзо собирање искуство. Уникатната способност на Шака е Amabutho, односно способност да формира армии порано од останатите лидери, а и да има поголема сила при одбрана на базата.

Hand of Fate 2 им дозволува на играчите да прават нивни сопствени мисии. Преку најновата надградба, играта ги овозможи истите алатки со кои тимот ги создавале квестовите во играта и со кои ќе ги прават сите идни додатоци. Доколку имате волја и знаење, сега и вие можете да правите целосно нови квестови и да ги споделувате со останатите преку Steam Workshop.

Извршниот директор на Square Enix се изјасни дека тие се посветени на игри со еден играч и не значи дека сите нивни идни проекти ќе имаат кутии за плен. Сево ова доаѓа откако издавачот првин потврди дека нивните игри ќе ја заземат формата на игри како услуга, а набргу по тоа објаснија и како планираат да се фокусираат на онлајн гејминг. Извршниот директор побрза да објасни како тоа никако не значи дека ќе ги занемарат игрите со еден играч.

Fortnite ја надмина славата на PUBG и минатата недела одбележа 3.4 милиони играчи. До пред некое време, PUBG го држеше рекордот со 3.2 милиони играчи во кое било време, но, по се изгледа, и Battle Royale модот на Fortnite не е за фрлање. Огромната потреба за играта предизвика серија проблеми за време на викендот, до таа мера да играта беше неигрива во одредени периоди.

Scrolls, играта на Mojang поради која се одеше и на суд за името со Bethesda, целосно ќе згасне на 13.февруари. Пред згаснување на серверите, тимот ќе организира неколку настани, а потоа ќе се потруди да го овозможи софтверот достапен до јавноста така што ќе го модифицира клиентот за да може заинтересираните да се приклучат кон него.

Од друга страна, Fear The Wolves е battle royale игра од поранешни девелопери на Stalker игрите, а би требало да стане дел од Steam програмата за ран пристап кон крајот на годината. Авантурата, пак, Crossing Souls, доби бесплатно демо и доколку сте по графика која е инспирирана од ретро цртаните кликнете тука.

За сите останати вести, останете со it.mk!

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии