Kои настани и новости ја одбележаа гејмерската индустрија неделава? Добредојдовте во најновиот извештај за вашето омилено хоби, шеесет и трето издание.

World of Warcraft: Battle for Azeroth ќе излезе летово, но доколку предвреме ја нарачате експанзијата, ќе добиете можност да играте со Allied Races, односно нови варијанти на веќе-постоечки раси. Првин ќе морате да поминете низ бројни grind сесии, но откако ќе соберете доволно репутација со соодветните фракции ќе можете да создадете нов лик со уникатни изгледи. Стандардната едиција на експанзијата чини 50 долари и ви дозволува да креирате лик со левел 110. Делукс едицијата чини 70 долари, но ви дава дополнителни козметички работи во останатите игри на Blizzard.

Metal Gear Survive, како само една од многуте игри кои ќе излезат во месец февруари, ќе може да се игра со минимални графички поставки само доколку имате конфигурација со барем Intel Core i5-4460, 4 GB RAM и GeForce GTX 650. За повисока графика, потребно ви е Intel Core i7-4790, GeForce GTX 960, и 8 GB RAM. Metal Gear Survive излегува на 20.февруари.

Играта на Bioware, Anthem требаше да излезе некаде при крајот на оваа година, но од EA се изјаснија дека излегувањето е поместено до првата половина на 2019 година. Издавачот ЕА го потврди поместувањето и објасни дека нова Battlefield игра ќе излезе во октомври годинава. На слична нота, Star Wars Battlefront II не успеала да се продаде во доволен број примероци. Според издавачот ЕА, требале да продадат најмалку 10 милиони копии, а тие успеале да продадат само 9 милиони. Ваквата „катастрофална“ продажба се должела на контроверзноста која ја следела играта, објаснија од ЕА и додадоа дека ќе мора да ги вратат микро-трансакциите во играта наскоро.

CS:GO Dragon Lore AWP е скин кој се продаде за 61 000 долари. Оваа козметичко добро, кое го менува изгледот на пушката во Counter-Strike играта првенствено беше купено за 35,000 долари, но неделава успеа да се продаде за двојно повеќе. Dragon Lore е еден од најретките скинови во Cobblestone пакетитe. Секоја од овие кутии со плен се продава по цена од 30 долари.

The Elder Scrolls: Legends исфрли уште една ситна, но динамитна експанзија. Новиот шпил карти се вика Forgotten Hero Collection и, слично на Madhouse Collection има само 12 карти, 3 од нив се легендарни. Цената на експанзијата е 10 долари или 1500 gold.

Avernum 3 се поднови со римејк. Avernum 3: Ruined World чини 20 долари и ветува комплексно RPG искуство кое целосно го затвора кругот во Avernum трилогијата. Оние кои сакаат да ја проверат вистината зад ветувањето без да потрошат денар, можат да се втурнат во бесплатното демо на Steam.

Rockstar уште еднаш го помести излегувањето на Red Dead Redemption 2. Долго-очекуваниот вестерн ќе излезе на 26.октомври, и понатаму само за PS4 и Xbox One. Авторите се извинија поради поместувањето и објаснија дека причината за тоа е желбата додатно да го усовршат насловот.

The Forest ќе излезе од раниот пристап во април. По четири години, една од најпопуларните survival игри се чини конечно спремна за финалната верзија, а таквата транзиција ќе биде одбележана и со поскапување на цената од 15 на 20 долари. Во меѓувреме, девелоперите макотрпно работат и на исфрлање новитети и на истребување на баговите кои тврдоглаво се провлекуваат низ верзиите.

Total War Saga: Thrones of Britannia ќе излезе на 19.април, а за максимално уживање ќе ви треба барем i5-4570 процесор со 8 GB RAM и GeForce GTX 770 4GB. За минимален пристап, потребен ви е процесор Intel® Core™ 2 Duo 3.0Ghz, 5 GB RAM и GTX 460 1GB. Играта бара 60 GB простор на хард диск. Со сите предвремени нарачки, 25% од парите се даваат на добротворни цели и тоа War Child UK.

Со малку позабрзано темпо, би ве известиле и дека Extinction излегува на 10.април, а девелоперот на Тitanfall се изјасни дека нивната Star Wars игра ќе излезе дури во март 2020 година. Од друга страна, креаторот на Diablo, Дејвид Бревик ќе исфрли 2D sandbox RPG игра со наслов It Lurks Below, а Year of the Dog настанот за Overwatch играта ќе стапи на сила веќе од неделава.

За сите останати вести, останете со IT.mk!

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии