Гејминг новости од минатата недела #6

Кои настани и новости ја одбележаа гејмерската индустрија неделава? Добредојдовте во најновиот извештај за вашето омилено хоби, шесто издание.

Battleborn го воведе и 26-тиот херој, роботот Kid Ultra. Ликот е бесплатен за сите сопственици на сезонската пропусница, а за сите останати е достапен од 3 ноември.

Се шушка дека играта, исто како и Evolve, би можела да биде бесплатна за играње. Кога сме кај Evolve, таквиот модел дефинитивно не помогна доволно за да се работи на играта и понатаму. Креаторите Turtle Rock се збогуваа со фановите неделава и кажаа дека е финансиско самоубиство да се продолжи посветата на Evolve.

Излезе Skyrim Special Edition, а со тоа и последната од нашите најочекувани игри за октомври. Играта е бесплатна за сите PC сопственици на оригиналната игра и трите додатоци, а за тоа колку е квалитетна надградба, очекувајте го нашиот мини извештај наскоро!

Doom уживателите бараат утеха во најновото DLC. Hell Followed го проширува мрежното искуство со три нови мапи (Argent Breach, Molten, and Orbital), како и нов демон, Cacodemon. Имате на располагање и ново оружје, опрема, како и ситни додатоци во форма на сетови, шеми и бои за оклопи, но и нови задевања и модули за хакнување. Поради Halloween, викендов добивате искуство двојно побргу.

Во четврток, Xbox One гејмерите забележаа дека Borderlands: The Handsome Collection се нуди за нула денари. Многумина, дури и тие што немаат конзола, побрзаа да си резервираат копија и трпеливо држат среќа Microsoft да не се освести и да не ја повлече играта како што направи со најновата fallout пред неколку месеци.

Skylines е исклучително успешна симулација која се продаде во над 2 милиони примероци. Поради тоа, воопшто не изненадува најавата дека се подготвува трет додаток насловен како Natural Disasters. Трејлерот излезе неделава.

Катастрофално лошиот режисер Ув Бол престана да го работи тоа што со годините иритираше легија од гејмери. Германскиот режисер објаснува дека пазарот за DVD и Blu Ray филмови e мртов и едноставно не може да си дозволи да прави филмови. Сите останати си дозволија да воздивнат со помислата дека едно лошо поглавје конечно е завршено и дека човекот навистина „има пари да игра голф додека е мртов“, како што кажа пред година дена.

Најновото, содржително надополнување за Windows 10, кое е планирано за рана 2017-та година, ќе се одликува со нова алатка за креирање – Paint 3D. Оваа алатка ќе им дозволи на сите Minecraft фанови да ги префрлат нивните креации од играта во апликацијата, а потоа и да ги направат вистински со 3D принтер. Minecraft, патем, ќе биде достапна и на Apple TV!

Во некое друго време и на друго место, излезе петтата и последната епизода за симпатичната авантура King’s Quest, Crysis и Crysis Warhead се најдоа во DRM-Free форма преку продавницата GOG, Bethesda нема повеќе предвреме да дава игри за рецензирање, The Binding of Isaac: Rebirth доаѓа за iOS, новото DLC за Mordheim: City of the Damned е екстра крваво, оригиналната Red Faction би можела да се појави за PS4, а Dishonored има нов трејлер.

Square Enix објави CG трејлер за Final Fantasy XV. Насловен Оmen, краткометражниот филм е изработен од Digic Pictures (истиот тим кој стои зад Kingsglaive).

Од петок, GTA Online започна со нивниот Halloween настан кој се одликува со нова верзија на LCC Sanctus мотор, нов Lost vs. Damned режим на играње во кој тимовите се ангели и демони, а деноноќниот циклус се менува на секои шеесет секунди, притоа давајќи предности или на едниот или на другиот тим. Се враќаат и бројните тематски возила и предмети од претходната година, a доколку тоа не ви се допаѓа, Rockstar започна и со уште поголема распродажба за годишнината на продавницата.

GTA Online не е единствената дестинација каде можете да го добиете вашиот Halloween фикс. Соодветни настани има и во Overwatch, Destiny, The Secret World, Rocket League, World of Warcraft, Smite, Street Fighter V, Guild Wars 2, Tamriel Unlimited, Black Desert Online, а, верувале-или-не, и во Pokemon Go!

За крај, мало потсетување дека United Front Games не е повеќе со нас, Rockstar ги празни сметките на измамниците во GTA Online, македонската филхармонија е на саундтракот на Civilization VI, а Mafia III е игра која се игра во мали дози. Во случај да имате барем уште малку време, дефинитивно погледнете што GG.mk мисли за Red Dead Redemption 2, Nintendo и конфигурација за 300 евра.

Која вест највеќе ви се допадна? Која пропуштивме? Кажете ни во коментарите, на друштвените мрежи или во гејминг секцијата на ИТ форум!

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии