Kои настани и новости ја одбележаа гејмерската индустрија неделава? Добредојдовте во најновиот извештај за вашето омилено хоби, педесет и осмо издание.

Ylands, најновата игра на Bohemia Interactive излезе како дел од раниот пристап програмата на Steam. Се работи за Survival игра во која покрај стандардните операции, како правење работи од ресурси кои ги собирате, можете и да истражувате туѓи острови, како и да го користите моќниот едитор за создавање најразлични сценарија при играњето. Луѓето се импресионирани од флексибилноста која се наоѓа во играта и со секоја купена копија, играчите добиваат и 20 долари кредит за продавницата со микротрансакции.

Grand Theft Auto 5 доби уште една нова радио станица во која водителот е Френк Оушн. Ова доаѓа со надополнувањето Doomsday Heist. Blonded Los Santos 97.8 FM е првата радио станица која се воведе во последните две години.

Продолжетокот на инди играта To the Moon и A Bird Story се поднови со официјален трејлер. Finding Paradise се надоврзува на една од нај трогателните авантури со ретро-инспириран графички стил. Во играта се враќаат двата харизматични доктори, заедно со детето од A Bird Story, кое е сега возрасен индивидуалец.

Hitman Holiday Pack e пакет од бесплатни содржини за сите фанови на последната Hitman. Во пакетчето, кое е бесплатно само до 5.јануари, ја добивате главната мисија во Париз, сите 16 Escalation договори, како и Elusive метите од оваа територија. Исто така, ќе можете да поминете низ тренинг мисиите кои претходно беа понудени како бесплатно демо.

Најновата закрпа за Titanfall 2 ќе донесе, меѓу другото, и нови модови и скинови веќе од 19.декември. Operation Endeavor нуди шест нови изгледи на оружја кои ќе се продаваат по пет долари или сите за 20 долари, како и пет нови модови чии имиња се Turbo LTS, Spicy Attrition, The Otherside, Rocket Arena, Turbo Titan Brawl.

Metal Gear Survive треба да излезе на 20.февруари. Ова е првата MG игра без легендарниот Хидео Коџима и многумина побрзаа да го осудат насловот како разблажена форма на еден незаборавен серијал. Следниот трејлер се труди да ви го смени мислењето така што покажува како изгледа самостојно бранење база. Јануарската бета ќе ги заобиколи PC гејмерите.

Crytek го тужи Cloud Imperium Games, студиото зад играта Star Citizen поради прекршување на договорот според кој CIG го користеле енџинот на Crytek за помалку пари, но биле обврзани да прикажуваат бројни Crytek обележја низ Star Citizen. Ова повеќе не е случајот затоа што сега играта работи на Lumberyard, енџинот на Амазон.

Fade to Silence, пост-апокалиптичната survival хорор игра која беше најавена на овогодишните VGA се појави како игра од ран пристап, по цена од 27 евра. Во играта треба да излезете на крај со лошото време, безмилосните непријатели, ограничениот број ресурси и исклучително тешки одлуки со кои морате да живеете долго откако ќе завршите со играта. Или, барем, така ветува студиото.

Почна да се продава сезонска пропусница за Rainbow Six Siege Year Three. Оние кои ќе ја купат пропусницата ќе добијат ран пристап до седумте нови оператори, осум ексклузивни униформи, како и 600 R6 кредити за трошење во онлајн продавницата. Дополнително, сите сопственици ќе бидат третирани како VIP, со што цела година ќе добиваат 10% попуст во продавницата, 5% побрзо добивање Renown и Alpha Pack. Сопствениците на сезоната од втората година ќе добијат уште 600 R6.

Star Wars Battlefront 2 понуди ново бесплатно надополнување, во чест на неодамна излезениот филм. Last Jedi ги воведува Finn и Phasma, заедно со нов, херојски брод, нови мисии за кампањата и две нови мапи за мрежното играње. Во поглед на приказната, ваквиот додаток е независен од филмот. Паралелно со ова, се провлекуваат и бројни исправки и балансирања.

На некое друго место, Funcom изјави дека Conan Exiles ќе излезе од ран пристап на 8.мај, Destiny 2 надополнувањето воведе нови оружја и балансирања, Shenmue 3 откри нов лик и партнерство со Lakshya Digital, Wolfenstein 2: The New Colossus го исфрли додатокот Gunslinger Joe, Afterparty е новата игра на студиото за Oxenfree, Payday 2 доби ново DLC во чест на Reservoir Dogs, Far Cry 5 доби нов трејлер, а Galactic Civilizations 3 доби надополнување кое ја подобрува вештачката интелигенција и времето на вчитување.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии