Kои настани и новости ја одбележаа гејмерската индустрија неделава? Добредојдовте во најновиот извештај за вашето омилено хоби, педесет и четврто издание.

Star Wars Battlefront 2 микротрансакциите се привремено укинати и сите работи се отклучуваат само преку гејмплејот, а не паричникот. Многумина мислеа дека причината за ова се бројните бурни реакции од фановите, но, според непотврдени гласини, се чини дека и Disney (носителот на правата за Star Wars) вмешал прсти и барал од ЕА и Dice да се направат клучни промени во играта. Издавачите ЕА побрзаа да им пренесат на инвеститорите дека отстранување микротрансакции од Star Wars Battlefront II нема да има влијание на планираната заработка за играта.

Need for Speed Payback исто така претрпува промени во системот за напредување и играчите се пресретнуваат со пофлексибилни начини за собирање REP и Bank, особено по завршување на бројни активности. Од студиото изјавуваат дека ова е само фаза 1 и дека уште балансирања и промени ќе следат. Светот ја осуди Need for Speed Payback на сличен начин како Star Wars Battlefront 2. За многумина, ова се две игри кои покажуваат што се случува кога алчноста нема крај и кога клучните гејмплеј механики целосно ќе пуштат корени во гробишта од микротрансакции.

Titan Quest, по цели 11 години, конечно исфрлува нова експанзија. Titan Quest: Ragnarok ќе навлезе во норската митологија, со целосно ново поглавје, десетици квестови, нови босови, непријатели и Runemastery mastery. Максималното ниво е проширено на 85, а се воведени и бројни подобрувања низ сите системи, не исклучувајќи го графичкиот енџин, интерфејсот и можностите за имплементирање модови.

Farming Simulator 2017 Platinum Edition излезе и се одликува со нови насади, нова локација и нови возила. Дигиталните земјоделци имаат на располагање 280 машини од 80 произведувачи, како и различен добиток и насади за ултимативната победа на еден од најбруталните пазари. Сопствениците на основната игра можат да ја купат оваа едиција за 20 долари, додека сите останати за 35 долари.

Middle-earth: Shadow of War ќе добие пет бесплатни надополнување пред 2018. Ова го ветија WB Games откако го зацртаа планот за сезонската пропусница. Endless Siege ќе ве стави во најразлични сценарија за одбрана на тврдината, а Rebellion ќе ве дружи со Ologs и Uruks во целосно нова мисија. Со Enhanced Photo Mode ќе можете да ја овековечите секоја битка и опсада преку различни филтри, рамки и текстури, а преку Online Fight Pits ќе можете да ги предизвикувате орците на другите играчи во спектакуларни арени. За крај, новата брутална тежина ќе донесе многу поголем предизвик од Nemesis системот. Првите три надополнувања ќе бидат излезени до 21.ноември, четвртиот ќе излезе на 5.декември, а новата тежина на 12.декември.

Pillars of Eternity 2: Deadfire ја започна затворената бета со нов трејлер. Бетата ќе можат да ја проверат само оние кои го дале нивниот финансиски допринос преку сега-затворената Fig кампања. Pillars of Eternity 2: Deadfire е под сенката на издавачот Versus Evil, а финалната верзија се очекува некогаш во 2018 година.

Marvel Heroes ќе згасне. Веста беше донесена неделава откако студиото се помири со фактот дека нема доволно заинтересирани играчи за оваа бесплатна-за-играње ММО игра, во стилот на Diablо игрите. Сите заинтересирани и понатаму можат да играат со некој од 59 херои, но Marvel дефинитивно ја има прекинато соработката со Gazillion Entertainment и не се охрабрува никаква емоционална и финансиска посвета.

Soma е критички признаената sci-fi хорор игра која ни доаѓа од креаторите на Amnesia: The Dark Descent, но доколку не сте по хорор игри, наскоро ќе можете да ја проверите Soma преку мод кој ветува истражување лишено од какви било хорор елементи. Имено, на 1.декември играта ќе излезе за Xbox One,  а PC сопствениците на играта ќе можат да поминат низ насловот со целосна заштита од чудовиштата и со максимални можности за безбедна имерзивност во мистеријата.

Во некое друго време и место, FPS играта за Првата Светска Војна, Tannenber стана дел од програмата за ран пристап, Thrones of Britannia ќе излезе наредната година, This War of Mine доби ново DLC, насловено Father’s Promise, Dynasty Warriors 9 ќе излезе во февруари, а најновите Nvidia драјвери, меѓудругото, ги зголемија перформансите во Destiny 2 за над 30%.

1 коментар на “Гејминг новости од минатата недела #54

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии