Гејминг новости од минатата недела #51

Kои настани и новости ја одбележаа гејмерската индустрија неделава? Добредојдовте во најновиот извештај за вашето омилено хоби, педесет и прво издание.

Сосема (не) очекувано, датумите за трите идни распродажби на Steam се обелоденија. Halloween распродажбата е од 26.октомври до 1.ноември. Есенската распродажба е од 22 до 28.ноември, а новогодишната е од 21.декември до 4.јануари. За време на распродажбите, се очекуваат попусти чија длабочина се движи од 33% до 95%. За тоа дека на платформата може да се најде за секого по нешто, зборува и фактот дека бројката на нови игри кои ќе се појават на Steam ќе изнесува 6000, што е за 2000 игри повеќе од претходната година. Во меѓувреме, Forbes процени дека Гејб Њуел, човекот зад Valve и Steam платформата, тежи „само“ 5.5 милијарди долари. Претпоставуваме дека човекот не мора да се грижи за тоа дали ќе може да си дозволи некоја игра, пред, по или за време на распродажбите.

По најавата за 10 бесплатни додатоци за Dying Light, девелоперот Techland претходната недела го исфрли Content Drop #1. Насловено како Lethal Inventions, играчите добиваат три мисии чие успешно завршување вродува три нови оружја. Fenris Axe, Kuai Dagger и Last Wish Revolver ќе пробаат да ги заситат вашите убиствени апетити, а доколку сакате да предложите нешто интересно за некој од идните бесплатни пакети, упатете се на официјалниот сајт.

Mafia: The City of Lost Heaven одново стана достапна на GOG, пет години откако беше отстранета од Steam. Излезена уште во 2002, првата Mafia беше и сеуште се поставува како една од култните и пионерски игри во отворен свет. Во време кога GTA III палеше и жареше на сите страни, Mafia, успеа да понуди подетален и по веродостоен свет со графички ефекти кои, и петнаесет години подоцна, не се за фрлање. Mafia 2 излезе 8 години подоцна.

Warhammer: Vermintide 2 се поднови со нов гејмплеј трејлер каде јасно и гласно ја прикажува новата Chaos армија со која се нудат интересни гејмплеј можности за сите љубители на овој ко-оп шутер во стилот на Left 4 Dead игрите. Студиото зад играта ветува дека доколку ви се допаѓала првата игра има да ја сакате втората и дека целосно ја слушале заедницата за да понудат 15 различни кариери со уникатни таленти и флексибилни арсенали од оружја. Студиото исто така се изјасни дека нивната игра нема да продава loot boxes и дека пленот ќе доаѓа од гејмплејот, а не од паричникот.

EA го затвори Visceral Games, студиото најдобро познато по Dead Space и Battlefield Hardline. Студиото работеше и на акциона-авантура во Star Wars универзумот, но од EA се изјаснија дека линеарната визијата на Visceral не се баш совпаѓала со вистинските потреби на играчите и дека многу работи во играта ќе бидат целосно променети како би се понудила поголема разноликост и длабочина. Веста ги има разочарано повеќето фанови кои побрзаа на социјалните мрежи да го искажат нивното незадоволство и разочараност во издавачот.

Со излегувањето на втората епизода, Life is Strange: Before the Storm официјално ги крева рацете од Denuvo. Се претпоставува дека, по успехот на првата епизода и поради неефикасноста на заштитата, која започна да се пробива по само еден ден, издавачот Square Enix решил да ја испорача втората епизода без оваа дополнителна заштитна мерка.

Killing Floor 2 го започна нивниот препознатлив Halloween настан и ги израдува играчите со нова мапа и достигнувања, пар од нови оружја, нови и стари непријатели препознатливи за настанот и бројни дневни мисии. Новата мапа се вика Nightmare и се одликува со соби кои се поставуваат по случаен избор, а се во духот на најразлични кошмари и фобии.

А во некое друго време и место, South Park: The Fractured But Whole и Wolfenstein 2: The New Colossus исфрлија launch трејлери, Epic најави промени во Fornite Battle Royale со новото видео, а Half-Life 2 мод воведе локации, ликови и заплети кои беа исфрлени од основната игра.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии