Гејминг новости од минатата недела #5

Кои настани и новости ја одбележаа гејмерската индустрија неделава? Добредојдовте во најновиот извештај за вашето омилено хоби.

По дводневно задевање, Rockstar ја најави работата на Red Dead Redemption 2, а потоа и ги израдува фановите и со трејлер. Со оглед на времетраењето на трејлерот, искрено се надеваме дека нема да трепнете!

Хитот од 2010-та, Red Dead Redemption конечно ќе може да се игра на PC, но не онака како што би можеле да помислите, туку само со претплатата за PlayStation Now.

Брајан Блум, пак, актерот кој го позајмува гласот на Б.Ј. Бласкович од играта Wolfenstein: The New Order задеваше неделава за нова игра од серијалот. Најновата закрпа за Deus Ex: Mankind Divided, пак, поправа проблеми во гејмплејот и со DirectX 12, a Guild Wars 2 го најавија првиот легендарен оклоп!

Hi-Rez Studios, авторите зад популарната Smite, најавија нова спин-оф игра. Smite Tactics ги користи митолошките богови и чудовишта и ги испраќа на бојно поле со turn-based и card-based тактичка борба. Играта, претпоставувате, ќе биде бесплатна за играње и ќе понуди впечатливи авантури како за еден играч така и за повеќе. Пријавете се за бета тестирањето!

Со потег кој никого не изненади, EA изјави дека на 18 ноември Star Wars Battlefront: Ultimate Edition ќе чини 40 долари, а ќе ја содржи основната игра заедно со сите додатоци и екстра содржини. Ваквиот пакет чинеше неверојатни 110 долари на почетокот.

Сезонската пропусница за Dead Rising 4 ќе се одликува со нова приказна, мини голф мрежен режим на играње, како и козметички предмети и оружја, а најновата серија од исправки и промени за The Division излегува на 25 октомври.

Фановите на култниот turn-based серијал го дочекаа и денот за Civilization VI! За тоа што ние мислиме за играта очекувајте ја нашата рецензија наскоро, а во меѓувреме погледнете го најновиот трејлер!

Darksiders: Warmastered Edition нема да излезе на 25 октомври, туку на 22 ноември за конзоли и 29 ноември за PC. За ваквата едиција ќе биде овозможена 1080p резолуција, во 60 фрејмови во секунда, што не беше случајот со хитот од 2010 година. Најавени се и графички подобрувања како и нови ефекти.

Watch Dogs II излегува две недели подоцна од планираното за PC, односно на 29 ноември. Кога сме кај уште одложувања, и Sniper: Ghost Warrior 3 нема да излезе во јануари 2017 туку на 4 април. Таквото нешто, велат авторите, е поради желбата додатно да се надгради и оптимизира искуството.

Сите оние кои предвреме ќе ја нарачаат Call of Duty: Infinite Warfare ќе ја добијат ексклузивната мапа Terminal – графички наградената алтернатива на една од омилените мапи од Modern Warfare 2. За сите останати, не се знае кога мапата би станала достапна и дали и колку би чинела.

Еndless Legend се поднови со нова експанзија. Насловенo како Tempest, проширувањето е озбилна надградба во гејмплејот и воведува нова фракција и еден куп квестови. Хорор серијалот Amnesia морбидно се прикрадува и за PS4.

Феноменалната Doom неодамна доби ново надополнување со кое се воведува нов режим за еден играч. Таканаречениот Arcade Mode ја трансформира кампањата за еден играч во серии од предизвици кои се од натпреварувачки карактер, а резултатите се прикажуваат на Leaderboards. Надополнувањето се одликува и со класични Doom текстури, поголема слобода со SnapMap услугата, како и неколку нови режими за повеќе играчи. За 27 октомври се очекува да излезе втората експанзија, насловена како Hell Followed.

GTA 5 мод ви дозволува да го користите Samsung Galaxy Note 7 како експлозивно оружје. Како што можеби претпоставувате, на Samsung ова воопшто не им се допадна, па неделава нивните тимови испраќаа DMCA налози со кои се симнуваа таквите видеа од YouTube. Арно ама, се чини дека со секое симнато видео излегуваат десет нови.

За крај, мало потсетување дека излезе официјален трејлер за филмот Assassin’s Creed, RPG играта Tyranny доби 100 минутен видео приказ, а по играта со мачки, креаторот на The Oatmeal, Метју Инман ве кани да играте со мечки! Исто така, GTX 1050 е најевтин начин да го претворите секој компјутер во гејминг машина!

Која вест највеќе ви се допадна? Која пропуштивме? Кажете ни во коментарите, на друштвените мрежи или во гејминг секцијата на ИТ форум!

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии