Kои настани и новости ја одбележаа гејмерската индустрија неделава? Добредојдовте во најновиот извештај за вашето омилено хоби, четириесет и деветто издание.

Nioh: Complete Edition ќе излезе на 7.ноември и ќе ја понуди основната игра заедно со сите три последователни додатоци —Dragon of the North, Defiant Honour и Bloodshed’s End. Комплетната верзија ќе биде збогатена и со Action Mode и Movie Mode, подобра оптимизација на енџинот, поддршка за 4К резолуции, нова облека и предмет.

За непречено уживање во Assassin’s Creed: Origins ќе ви биде потребен барем Intel Core i5-2400s процесор, NVIDIA GeForce GTX 660 и 6GB RAM. Препорачаната конфигурација бара Intel Core i7- 3770 процесор, NVIDIA GeForce GTX 760 и 8GB RAM. Најновиот трејлер за играта го открива раѓањето на братството.

WWE 2K18 нема да има микро трансакции. Одлуката била донесена најверојатно поради катастрофално лошо прифатената NBA 2K18 каде многумина играчи ја прикажаа како игра целосно фокусирана на микро трансакции. Издавачите објаснија дека ќе ги има кутиите со плен, но ќе се купуваат со валутата која ќе се заработи во играта.

Call of Duty: WWII ќе ја има класичната мапа Carentan, како бонус мапа за сите сопственици на сезонската пропусница. Оние кои ја играле оригиналната Call of Duty, проширувањето United Offensive или пак Call of Duty 2, ја паметат мапата како бојно поле кое ќе ги одведе играчите низ уништени згради и забарикадирани улици на препознатливото француско гратче. Activision се нема изјаснето дали и останатите играчи ќе можат да навлезат во мапата подоцна.

Psychonauts 2, продолжетокот на култната игра од 2005 година се поднови со четиринаесет минутно „прво игриво“ видео кое прикажува огромни отворени мапи и, па, коза. Би пробале да објасниме подетално, но целата магија би се изгубила во процесот.

Battle.net клиентот, поточно бета верзијата се одликува со нови опции за социјализација, кориснички профили и функцијата да бидете регистрирани како да сте offline. За да ги проверите новитетите потребно да го отворите клиентот, да навлезете во менито Settings, да изберете Beta и да кликнете на Switch to Beta копчето.

The Evil Within 2, како и претходникот, бара значително јака конфигурација доколку сакате да ја искусите во целосна слава. Минималното барање се сведува на Intel Core i5-2400, NVIDIA GTX 660 2GB и 8 GB RAM, но препорачаната е Intel Core i7-4770, NVIDIA GTX 1060 6GB и 16 GB RAM. Играта излегува на 13.октомври.

Stronghold 2: Steam Edition излезе и ги ревитализира мрежните елементи на играта. Оригиналната игра ги згасна серверите уште во 2014 година, но новата верзија овозможува до осум играчи да се натпреваруваат онлајн, ја подобрува графиката, а и воведува шест екстра мапи, нов кориснички интерфејс, а и поддршка за Steam Workshop. Сопствениците на The Stronghold Collection ја добиваат играта бесплатно.

EVE Online ќе биде значително по дарежлива кон алфа клоновите – играчите кои бесплатно ја играат оваа ММО игра. Од декември, таквите играчи ќе добијат пристап до power Tech 2 варијанти за оружја од мала или средна категорија, како и способност за управување со battlecruisers и battleships. Дополнително, алфите ќе можат да тренираат вештини поврзани со империја и ред други предности кои моментно се заклучени зад претплата.

Во втората епизода за Batman: The Enemy Within се наоѓа слика од атентатот извршен врз рускиот амбасадор од Турција, немилата случка која го потресе светот на 19.декември 2016 година. Сличностите помеѓу сликата во играта со реалната се премногу големи за да бидат игнорирани и од Telltale побрзаа да ја повлечат сликата, да се извинат за инцидентот, како и да ветат дека ќе се погрижат високите стандарди за продукција и квалитет да не се загрозени во иднина.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии