Kои настани и новости ја одбележаа гејмерската индустрија неделава? Добредојдовте во најновиот извештај за вашето омилено хоби, четириесет и седмо издание.


Guild Wars 2: Path of Fire е излезена и е подобра отколку што можевме да очекуваме. По мрачното навлегување во џунглите на Магума, второто проширување ги отвора портите на пет пустински територии кои се поголеми не само од првото проширување туку и од мапите кои беа воведени со третата сезона. Преку сеопфатната кампања, Path of Fire ви дозволува да јавате пет животни со уникатни способности, да искусите целосно нови елитни специјализации, како и да си ја подновите гардеробата со интригантни оружја и опрема својствена за пустинско истражување.

Отворената бета за Call of Duty: WWII се спрема да започне од 29.септември и во пресрет на тоа NVIDIA исфрли нови драјвери кои допринесуваат до по оптимизирано искуство, не само за Call of Duty: WWII туку и за игрите како Project Cars 2, Total War: Warhammer II, Forza Motorsport 7, Eve: Valkyrie-Warzone, FIFA 18, Raiders of the Broken Planet и бетата за Star Wars Battlefront 2. Преземете ги драјверите!

Најновото надополнување за Minecraft се труди да ги обедини гејмерските кругови од Windows 10, мобилниот, но и конзолскиот свет. Наречено Better Together, надополнувањето црпе сили од масивни сервери за да ги вдоми сите играчи, а и да ги награди со нови работи, правила, опции за хостирање, како и да исправи бројни проблеми во сите верзии за играта.

Overwatch се истакна неделава и со ново надополнување кое исправа одредени работи кај Mercy, но и отстранува четири мапи од стандардизираните ротации на мапи за режимите Deathmatch и Team Deathmatch. Па така, за активација на одредени способности на Mercy ќе чекате помалку, а мапите Hanamura, Horizon Lunar Colony, Temple of Anubis и Volskaya Industries ќе бидат достапни само преку custom мечовите.

Half-Life: C.A.G.E.D. е бесплатен мод за Half-Life и ви дозволува да побегнете од затвор преку бројни можности за пресметки и загатки. Авторот на овој мод има соработувано со Valve, Monolith и Guerilla Games, а и бил дизајнер за Portal 2 и Team Fortress 2, така да, доколку сте фан на овој серијал, модот ќе може барем малку да го разблажи болното чекање за следната Half-Life. C.A.G.E.D. е бесплатен мод, но бара копија од Half-Life.

Мега кампањата за Total War: Warhammer 2 ќе се вика Mortal Empires, а ќе се одликува со 117 фракции, 35 лидери, 295 населби и 25 почетни локации. За исполнување на ваквата цел, авторите ќе го спојат новиот со стариот свет и ќе ги вовлечат сите раси и лидери на една уникатна мапа од епски пропорции. Total War: Warhammer 2 излегува на 28.септември.

Преку ново надополнување, GTA Online го воведе режимот Bombushka Run и дозволува два тима, од по четворица, да се натпреваруваат за ултимативната доминација на небесните пространства. Еден тим управува со новиот Bombushka авион, додека другиот тим управува со хеликоптери. Дополнително, продавницата е прошарана со скромни новитети и попусти.

На некое друго место, South Park: The Fractured But Whole го оствари Gold статусот, но реши таквото нешто да го одбележи преку препознатливото исмејување на Kanye, Vampyr, RPG играта на тимот кој стои за Life is Strange е одложена до 2018 поради желбата да се испорача по квалитетен производ, Steamworld Dig 2 ќе проба да ги засени сите останати игри од овој калибар со преубав трејлер, Dynasty Warriors 9 ќе излезе на почетокот на 2018 година, а Wolfenstein 2: The New Colossus ви покажува точно каде лежат вистинските вредности.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии