Гејминг новости од минатата недела #44

Kои настани и новости ја одбележаа гејмерската индустрија неделава? Добредојдовте во најновиот извештај за вашето омилено хоби, четириесет и четврто издание.

Сите оние кои предвреме ја имаат купено Destiny 2, ќе можат и предвреме да ја преземат играта за да веднаш се втурнат во бетата од 28.август. Оние кои не ја купиле играта, ќе можат да навлезат во бетата ден подоцна. Со играта ќе можете да се дружите до 31.август, со огромни шанси бетата да се продолжи за уште некој ден.

За да сè помине во најдобар ред со тестирањето на Destiny 2, Nvidia објави драјвери кои се оптимизирани за играта и би допринеле до по флуидно искуство. Со истите драјвери се опфаќа подобра оптимизација и за PlayerUnknown’s Battlegrounds, ARK: Survival Evolved, F1 2017, Pro Evolution Soccer 2018 и Quake Champions. Доколку планирате да им посветите време на некоја од следниве игри, погрижете се вашата GeForce графичка карта да ги има најновите драјвери. Во продолжеток, запознајте се со Cayde-6 и Hawthorne.

Divinity: Original Sin 2 ќе има целосна гласовна поддршка. Со оглед на тоа што во играта се наоѓаат над 1000 NPC ликови, студиото најми 80 актери и сними над еден милион зборови. Тимот првин одел со замислата ликовите да кажуваат само по една реченица, а останатото да се чита, но набргу виделе дека таквото нешто не било добро. Играта излегува на 14.сптември.

Darkwood е една од пострашните игри кои би можеле да ги играте, а доколку не сакате или не можете да платите за таквото хорор искуство, авторите ја имаат поставено нивната цела игра на сајтот за торенти, The Pirate Bay. Авторите објаснуваат дека е жално што не можат сите да си дозволат игра на легален начин и ова е еден од начините на кои сите би можеле да го проверат нивниот наслов, а, доколку им се допаѓа, да ги подржат авторите во иднина.

PC верзијата за Final Fantasy 15 ќе излезе преку платформата Steam или Origin, но оние кои ќе ја купат преку Steam ќе можат да ги искористат предностите на Steam Workshop, нешто што е исклучително корисно за едноставно и брзо поставување, пронаоѓање и имплементирање модови. Тимот зад играта работи и на мултиплеерско проширување кое би можело да се појави паралелно со излегувањето на играта за PC.

По неколку одложувања, South Park: The Fractured But Whole конечно излегува на 17.октомври, а преку следниот трејлер може точно да забележите како се имплементирани системите за создавање работи и за загатки.

А кога сме кај создавање работи, пријатно се изненадивме и кога прочитавме дека озлогласената Metal Gear Survive ќе се одликува со систем за crafting, но и фармерство. Па така, во главниот камп ќе можете и да одгледувате билки, да се грижите за животни, да складирате вода и храна како и дополнителни слични опции. Од овој центар ќе планирате ко-оп и самостојни мисии, ќе создавате опрема, ќе управувате со други ресурси и ќе поставувате одбранбени механизми.

Со малку позабрзано темпо, би ве информирале и дека Monster Hunter: World ќе има бесплатни додатоци кои ќе бидат во форма на квестови, Call of Duty: WWII ќе има бета настан каде и PC гејмерите ќе можат да ја проверат игра пред време, PES 2018 ќе исфрли демо веќе од 30.август, а Rainbow Six Siege, како и XCOM 2се бесплатни викендов.

На фронтот со трејлери, Tyranny ја најави првата експанзија за 7.септември, Tropico 6 е вистински рај за сите стратешки диктатори, Far Cry 5 ќе проба да ве импресионира со нешто повеќе од експлозии, Assassin’s Creed: Origins ќе ви покаже што сè се прави за да се дојде до моќ, а Mount & Blade 2: Bannerlord се пофали со интересен борбен режим на играње за десет играчи. За крај, погледнете и краток анимиран филм за играта Hearthstone!