Кои настани и новости ја одбележаа гејмерската индустрија неделава? Добредојдовте во најновиот извештај за вашето омилено хоби, четириесет и прво издание.

Вест на неделата: Guild Wars 2: Path of Fire

Последниот пат кога зборувавме за можната експанзија за Guild Wars 2, кажавме дека проширувањето ќе не однесе на континентот Елона и тоа за отприлика три-до-четири месеци. Тајмингот можеби го промашивме, но не и сместувањето. Преку специјализиран настан на најпознатите платформи за стриминг, ArenaNet ветија навлегување во кристалната пустина побргу отколку што би можеле да очекуваме, и тоа на 22.септември.

Guild Wars 2: Path of Fire ќе ја продолжи приказната од третата сезона и ќе не пресели на најголемите пет мапи од целата игра. Со оглед на нивната големина, играчите по првпат ќе можат да јаваат пет животни за побрзо, но и поефикасно преминување далечина. Секое од животните ќе се одликува со специјални способности кои ќе се клучни за преминување физички пречки и решавање загатки. Дополнително, секоја од класите ќе добие по една целосно нова елитна специјализација, со што значително се зголемуваат можностите за преигрување во сосема нови борбени стилови. Низ мапите ќе можете да отклучувате ниви, вредни награди, а и да уредувате сосема нов дом за вашиот гилд.

Guild Wars 2: Path of Fire се испорачува во три верзии. Со предвремена нарачка на која било, добивате можност за еден Sunspear изглед на оружје, мини следбеник во форма на богот Балтазар и титула дека припаѓате на елонијанската придружба. Првата верзија чини 30 долари и ви ја дава целата експанзија и инстантна надградба на еден херој од првото на последното ниво. Втората верзија чини 55 долари, но се испорачува со дополнителен слот за херој, неверојатно корисната пропусница Lily of the Elon каде со еден клик се телепортирате на безбедно место и можете да извршувате бројни активности, како создавање оружја, оклопи и опрема, да имате пристап до продавачи, банки и портали за брз премин. За истата цена добивате и дозвола за промена на име и целосен изглед на еден ваш херој. 80 долари ви го даваат сево ова, плус 4000 gems – виртуелната валута која вреди 50 долари. Заинтересираните и за двете експанзии имаат на располагање двослоен пакет каде ја купуваат оваа и претходната експанзија за 50 долари.

A-Net ветија два бесплатни пробни викенди за играта. Секој што сака може да провери една нова област и животно за јавање од 11 до 13 август. Потоа, од 18.август, сите ќе можат да креираат демо ликови и да играат во модовите Player vs. Player или World vs. World како и да ги тестираат сите девет нови елитни специјализации.

Conan Exiles, една од најиграните survival игри, ќе се поднови со прва, бесплатна експанзија. Играта можеби е сеуште во ран пристап, но тоа никако не ги спречува авторите да ги наградат играчите со Frozen North проширување каде добивате уште поголема мапа, нови временски услови, згради, ресурси, религија, бог и непријатели, како и два нови системи за создавање.

Dynamite Entertainment, познатите издавачи на стрипови имаат активирано тим кој ќе работи на стрип серијал за омилениот атентатор. Во стриповите, читателите ќе добијат увид во комплексното минато на агентот 47, како и влезот во International Contracts Association и запознавањето со милозвучната Дајана Бурнвуд. Првиот број од стрипот излегува на 11.октомври.

Titanfall 2 се приклучи кон Origin Access програмата и доколку сте претплатени кон трезорот на ЕА игрите, непречено ќе можете да навлезете и во оваа игра. Се очекува Battlefield 1 да ја снајде иста судбина веќе од наредниот месец. Од друга страна, неделава излезе и ултимативната Titanfall 2 едиција за PlayStation 4, Xbox One и Origin.

Rockstar Games се тужени поради спореден лик кој се појавува во GTA: Vice City. На Psychic Readers Network им требаше петнаесет години за да заклучат дека ликот Auntie Poulet е плукната Miss Cleo. На мрежата не им се допаѓа што истата актерка, Јурис Харис, ги позајмува гласовите и бараат значителна сума пари во судски процес чие обвинување Rockstar го нарече целосно неосновано и апсолутно смешно.

Wolfenstein 2: The New Colossus доби три нови видео материјали за приказната и гејмплејот кој би можеле да го очекувате во играта. Имајте во предвид дека првиот открива детали за приказната, а последниот покажува неизвесна битка со бос. The New Colossus излегува на 27.октомври.

Dota 2 доби ново надополнување која ја прави играта поприфатлива за новите играчи. Со закрпата, на новите играчи ќе се прикажуваат само 20 херои, барем додека не се одиграат најмалку 25 партии. Дополнително, свежата крв ќе биде ставана во мечови со и против културни играчи, а не се оние кои често имаат негативни поени од заедницата.

Издавачкото студио за стрипови, Dark Horse, во соработка со CD Projekt RED ќе издадат The Witcher боенка за возрасни. Во страниците на боенката ќе бидат вдомени бројни ликови од серијалот и, пред да прашате, да, оваа боенка ги задржува истите стандарди како игрите и, не, никако нема да биде добар подарок за децата.

Најновото проширување за Battlefield 1, In the Name of the Tsar прикажува со какви оружја ќе сее хаос Medic класата. И двете оружја, Fedorov Avtomat и General Liu Rifle доаѓаат во две варијанти. Проширувањето се очекува да излезе овој месец и, во поглед на бројот на оружја и возила, ќе биде едно од најголемите надополнувања за играта.

Според нашиот најнов извештај за игри кои ќе излезат во месец август, Ark: Survival Evolved требаше да го напушти раниот пристап на 8.август, но тимот го одложи таквото нешто до 29.август. И Ragnorak DLC-то се поместува и ќе излезе паралелно со основната игра.

Gears of War 4 претрпе содржително надополнување и воведе две нови мапи, Forge Blitz и Canals, за сите сопственици на сезонската пропусница. Сите останати би можеле да се радуваат на нови бонуси и настани. Од 18.август ќе стапи на сила нов настан за режимот Versus and Horde.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии