Гејминг новости од минатата недела #38

Кои настани и новости ја одбележаа гејмерската индустрија неделава? Добредојдовте во најновиот извештај за вашето омилено хоби, триесет и осмо издание.

DDoS нападите врз Final Fantasy 14 продолжија и неделава, со што главоболките полека заземаа едно месечна форма. Згора на ова, сите Minecraft фанови нема да можат и понатаму да уживаат во Pokemon модот Pixelmon. Имено, компанијата за Pokemon ги затегна работите и побара инстантно згаснување на модот. И фановите на Call of Duty : Infinite Warfare се растревожија откако најновата закрпа го укина тргувањето преку јавните мечови. Black Desert Online, од друга страна, започна со Terrmian Waterpark настанот и овозможува временско-ограничени квестови, предизвици и мини игри. Smite Tactics, пак, позната и под името Hand of the Gods: Smite Tactics ја започна отворената бета. Оваа бесплатна за играње игра е интересен спој на неколку жанрови и можете да ја проверите тука.

Во ловот по евтини игри, ви препорачуваме да го зграпчите најновиот пакет на Humble Bundle и да си посветите квалитетно време со феноменалните Resident Evil и Dead Rising игри. Играта Jotun е бесплатна и на GOG и на Steam, a Bundle Stars исфрли релативно квалитетен пакет од убиствени игри. Ни најновиот пакет на Groupees не би можел да ве остави рамнодушен, особено играта Warden: Melody Of The Undergrowth, а оние кои се по виртуелни игри би можеле да го проверат и пакетот од VR игри на Indie Gala.  За крај, свртете го вниманието и на Warhammer: End Times—Vermintide, која не само што се продава со 67% попуст туку и исфрли ново, бесплатно DLC неделава.

Оние кои сметаат дека ни евтиното не е доволно и се по бесплатно конзумирање дигитална забава, би можеле да бидат израдувани од новоста дека играта Butcher се поднови со бесплатно демо и три нови нивоа, што е одлична дестинација доколку сте по брутален шутер. Во случај да сеуште не ја пробавте Mass Effect: Аndromeda, EA овозможи десет часовно бесплатно дружење независно од тоа дали сте поклоник на Origin Access програмата или не. Научно фантастичната Dark Souls алтернатива The Surge вети дека веќе од наредната недела ќе понуди содржително демо, а играта со прикрадување, Hello Neighbor, има бесплатно демо од pre-alpha стадиумот на развивање (Steam / GOG)

Сосема неповрзано, Just Cause 3 ќе се поднови со нов мод за мрежно лудило од наредниот месец, Conan Exiles доби ново надополнување кое, меѓу другото, воведува механизми за качување, The Escapists 2 излегува на 22 август, Killing Floor 2 има значително потешки предизвици викендов, Half-Lifе го доби првото надополнување по цели 19 години и, не, нема ништо со Half-Life 3, Project Cars 2 ги откри сите 60 траки и 139 урнеци прилагодени за четирите сезони и динамичното време, а Icewind Dale 2 нема да може да биде надграден во Enhanced верзијата затоа што изворниот код бил изгубен.

На фронт со нови трејлери, имавме можност да видиме што ново готви Питер Молинекс, човекот кој со неговите преголеми визии и катастрофално-лошо реализирани ветувања често е нарекуван патолошки лажго. Најновиот трејлер за Total War: Warhammer 2 крие филмско искуство и одново запознавање со злобните Dark Elves, Wolfenstein II: The New Colossus сее селективна љубов кон фашистите, а 50 играчи во PlayerUnknown’s Battlegrounds решија да го нападнат личниот простор на еден играч на исклучително болен начин.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии