Гејминг новости од минатата недела #37

Кои настани и новости ја одбележаа гејмерската индустрија неделава? Добредојдовте во најновиот извештај за вашето омилено хоби, триесет и седмо издание.

Steam започна со нивната летна распродажба и до петти јули ќе продава илјадници игри со попусти до 95%. За време на распродажбата добивате сезонски карти за секои потрошени 10 долари, како и за прелистување на Discovery одделот. Секојдневно исполнување едноставни активности, како проверка на профили на пријатели, ве наградува со сликички кои ги лепите низ дигиталниот албум.

По огромниот протест за забраната на GTA алатката за модови, Rockstar изјави дека се во преговори со главниот девелопер од OpenIV за да може да се продолжи развивањето. Алатката набргу потоа доби мала закрпа која, според описот, се одликува со исправки на грешки и мали подобрувања.

Gigantic е најновиот бесплатен за играње шутер со херои кој е моментно во бета стадиум на тестирање, со ветување дека финалната верзија ќе излезе на Steam на 20.јули. Во случај да сакате да проверите дали овој шаренолик Overwatch клон е за вас, играта може да ја проверите преку платформата и клиентот на Arc.

Titanfall 2 продолжува со неуморното исфрлување надополнувања. Следниот бран од нови содржини напаѓа на 27.јуни и покрај добро-познатата War Games мапа, играчите ќе добијат можност за препукување во целосно нова Live Fire мапа, со дополнителен, трет слот за оружје.

Arma 3 исфрли огромно надополнување. Оригиналната мапа од Operation Flashpoint: Cold War Crisis, Malden, е целосно префрлена во Arma 3 опкружување, заедно со препознатливите Arma 3 структури и вегетација, но и со неколку нови објекти.

Project Argo излезе на 22.јуни и е целосна конверзија на војниот шутер Arma 3 и негово пресликување во тактичка борбена игра каде пет играчи се борат против пет други низ три режими на игра. Играта нема никакви микротрансакции и сите кои би сакале да ги подржат авторите и платат 10 евра ќе добијат Argo Supporter’s Pack, пакет од 14 MVP анимации, 22 парчиња облека, способност за користење возила во Argo Scenario Editor, пристап до премиум серверите и многу повеќе.

Желни за поголем профит Paradox Interactive решија на бројни наслови да ги зголемат цените поради што илјадници гејмери, дополнително смачени од бројните и прескапи додатоци за кои е позната оваа компанија, почнаа да пишуваат крајно негативни рецензии и да се колнат дека никогаш повеќе нема да купат ништо од нив. Во очите на гејмерите, издавачите вештачки започнале со дување на цените на нивните стари игри неполн месец пред Steam распродажбата. Поради бурната реакција, Paradox Interactive изјави дека ќе ги врати старите цени, како и парите на сите што ја купиле играта поскапо.

Beyond Good and Evil 2 остави огромен впечаток за време на Е3 конференцијата на Ubisoft и креаторот на играта побрза да го прикаже првиот демо приказ кој, за жал, се состои од многу теорија, а малку практична реализација.

Machinarium, саканата point & click авантура од 2009 година стана уште подобра, благодарејќи на целосната преселба во подобар енџин, поддршка за високи резолуции, достигнувања, контролери и многу повеќе. Ова е бесплатна надградба за сите сопственици на играта која, моментно се продава со 75% попуст.

Неделава се потврдија гласините дека Call of Duty: Modern Warfare Remastered ќе излезе како самостојна игра. По цена од 40 долари, старата игра со новата графика ќе излезе на 27.јуни за PS4, а месец дека по тоа и за PC.

XCOM 2: War of the Chosen е најновата експанзија која треба да излезе на 28.август. Тазе подготвениот трејлер ви ја прикажува прикрадувачката единица која  доминира со ладни оружја, импресионира со можноста за невидливост, а запрепастува со далечински напади во форма на брутална псионичка сила.

Final Fantasy 14 е под DDoS напад, кој за многумина резултира со неможност да се воспостави конекција. Издавачите потврдија дека од 16.јуни се под постојан напад, но дека податоците на играчите и нивните акаунти се недопрени. Ова се поклопува со скорото излегување на Stormblood проширувањето.

Monster Hunter: World, една од најголемите новитети од Е3 конференцијата на Sony, се поднови со 25 минутен гејмплеј приказ кој е со акцент на еко системот, јапонски дијалекти, неприродни анимации и бројни други неправилности.

Diablo 3 Rise of the Necromancer ќе биде спремен за масовна консумација од 27.јуни и тоа за 15 евра. Проширувањето се одликува со нова класа, милениче, крилја, два дополнителни слотови за херои, уште две јазичиња за складирање, портрет, знаме и други визуелни ситници.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии