Гејминг новости од минатата недела #35

Кои настани и новости ја одбележаа гејмерската индустрија неделава? Добредојдовте во најновиот извештај за вашето омилено хоби, триесет и петто издание.

Battlefield 1 го исфрли мајското надополнување на сите платформи за кои е излезена играта и ги воведе посакуваните плејлисти од операции кои се замислени да охрабрат подолго дружење во операциите, со суптилен премин од една во друга, без да ве враќаат постојано на главното мени. Јачината на бајонетите е намалена, автоматско поправање е исто за сите тенкови и многу, многу повеќе.

Tokyo RPG Factory, студиото зад симпатичната I Am Setsuna ја откри работата на нивниот нов проект. Насловен како Lost Sphear, новата jRPG игра ќе излезе наредната година, a има за цел да ги прошири елементите и да го подобри борбениот систем од I Am Setsuna. Повеќе за играта можете да дознаете или на официјалниот сајт или преку следниот трејлер.

Take-Two издавачите ги откупија правата за играта Kerbal Space Program – уникатна вселенска симулација која во целост ги има освоено срцата на гејмерите. Играта и понатаму се агресивно надополнува со нови содржини, а студиото искажа огромна радост што им се пружила помош од искусните издавачи кои во нивното резиме можат да се пофалат со Mafia, Civilization и XCOM серијалот.

The Long Journey Home, процедуралната вселенска авантура е излезена и ви ја пружа уникатната можност да се вратите дома или да умрете трудејќи се. Се чини дека гејмерите се поделени за тоа колку таквите залагања се исплатливи и играта има само 67% позитивни рецензии на Steam и 66 поени на Metacritic.

Pyre е RPG игра од талентираното студио кое стои зад игрите Bastion и Transistor. Финалната верзија ги напаѓа дигиталните фронтови од 25.јули и ќе се одликува со борбен систем каде тројца ваши ликови се спротивставуваат на тројца контролирани од AI, во свет која е „поголем и поимерзивен од кога било“ и приказна која ќе се расчленува во повеќе правци. Pyre може предвреме да се купи од Steam и тоа за 18 евра.

Sonic Mania дефинитивно излегува на 15.август, а Steam страната ветува целосно нова дводимензионална Sonic авантура со 60 фрејмови во секунда и ретро-инспирирана графика во висока дефиниција. За дружење со пријателите, имате на располагање натпреварувачки режим на игра или ко-оп.

Star Trek: Bridge Crew, AAA играта која ви дозволува да исполнувате неколку улоги во вселенски ST брод, стана достапна за жителите во виртуелна реалност и за кратко време собра 95% позитивни рецензии на Steam. Ако во јуни купите HTC Vive, играта ја добивате бесплатно. Што и да решите, не заборавајте да живеете долго и да просперирате. :)

Master X Master излегува на 21.јуни. Оваа MOBA игра ќе биде бесплатна за играње и, дури и да сте презаситени од таквиот жанр, шест минутниот трејлер навистина вреди да се погледне.

Modern Warfare Remastered, според најновите гласини, ќе се продава како засебна игра. Моментно, гејмерите кои сакаат да уживаат во ремастерот на еден од најголемите FPS хитови, мора да ја купат поскапата едиција на Call of Duty: Infinite Warfare, но од 20.јули таквото нешто би можело да се промени.

Dungeon Defenders 2 ќе излезе од раниот пристап веќе наредниот месец. По две-и-пол години траење на развојниот процес, студиото смета дека на 20.јуни оваа бесплатна за играње co-op tower defense RPG игра ќе биде конечно спремна. Од неодамна, Dungeon Defenders 2 бележи негативни оценки поради бројните grind елементи кои се вметнаа со последната закрпа.

Bohemia Interactive ќе го исфрли нивниот бесплатен шутер Argo на 22.јуни. Project Argo е целосна конверзија на војниот шутер Arma 3 и негово пресликување во тактичка борбена игра каде пет играчи се борат против пет други низ три режми на игра. Играта нема да има никакви микротрансакции и сите кои би сакале да ги подржат авторите и платат 10 евра ќе добијат Argo Supporter’s Pack, пакет од 14 MVP анимации, 22 парчиња облека, способност за користење возила во Argo Scenario Editor, пристап до премиум серверите и многу повеќе.

Overwatch ја направи достапна најновата мапа Horizon Lunar Colony, но само преку PTR. Со најновиот трејлер, Винстон уште еднаш покажува дека е мајстор за овозможување тури низ мапите, особено на месечината!

Heroes of the Storm слави втора годишнина и во таа чест до 12.јуни ве наградува со по еден чест (common) ковчег со плен за одиграна партија против AI, брза или рангирана партија. Згора на ова, целиот OST е на понуда преку iTunes или бесплатно преку YouTube или Spotify. На 5.јуни, членови од тимот ќе играат и разговараат за, меѓу другото, и новиот херој. Стримот ќе биде овозможен преку twitch.

Ark: Survival Evolved исфрли нова закрпа. Од бројните новитети дефинитивно би го истакнале новиот моторен џамец, новото оружје (харпун) петте нови суштества и, секако новиот тоалет чија интеракција ќе ве награди со забрзано собирање искуство.

Papers, Please добива кратка филмска екранизација која ќе биде детално заснована на феноменалната инди игра каде работите како имиграциски инспектор во фиктивната земја Арстотцка. Краткиот филм произлегува од заедничката работа на Никита и Лилија Ордински, но сеуште не се знае кога би излегол.

 

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии