Кои настани и новости ја одбележаа гејмерската индустрија неделава? Добредојдовте во најновиот извештај за вашето омилено хоби, триесет и четврто издание.

Британскиот универзитет Staffordshire ќе има курс за е-спортот, а универзитетот Rice ќе лансира курс за Скандинавските фантазиски светови. Курсевите ќе стапат на сила веќе од септември наредната година, а се замислени дополнително да обработуваат тематики од бизнисот и компјутерските игри.

Titanfall 2 и очекуваното Monarch’s Reign DLC излегува наредната недела. 30.мај ќе донесе за фановите нов титан – Monarch и една класична мапа – Relic. За поситните новитети кликнете тука!

Call of Duty: WWII ќе има само една кампања која ќе ја прикажува страната на сојузниците и, наспроти верувањето на повеќето фанови, играта нема да се одликува и со засебна кампања за Силите на оската.

Microsoft го преименува сервисот за стримување Beam во Mixer и воведе поддршка за заеднички стримови, односно можност четири играчи да ги комбинираат нивните стримови и сите четири да ги прикажат на гледачите од еднаш и на еден екран.

Call of Duty: Black Ops 3 има четири исклучително скапи додатоци за мрежниот дел, но доколку сакате, можете да го проверите нивниот потенцијал бесплатно и во времетраење од месец дена. Од 30.мај, сите сопственици на основната игра ќе можат бесплатно да ги отклучат сите мапи, а оние кои веќе ја имаат сезонската пропусница ќе добиваат двојно повеќе искуство за триесетдневниот период.

DayZ и понатаму егзистира во сенката на раниот пристап, но најновото надополнување, 0.62 воведува нови дрвја, погуста шума, динамично време. Дополнително, бројни локации се преработени, воведени се нови амбиентални звуци и поправени се најпроблематичните багови.

Far Cry 5, за разлика од претходните игри од овој серијал кои беа сместени во далечни, изолирани локации, ќе се одвива на американската почва и во модерно, алтернативно доба. Огромни детали беа објавени на 26.мај, но за нив ќе ве известиме веќе од наредната недела.

Tannenberg e реалистичен шутер на кој работи истиот тим кој беше задолжен за лудилото Verdun. Шутерот, овој пат, ќе биде сместен за време на Првата Светска Војна и ќе им дозволува на уживателите на мрежни пресметки (до 64 играчи) да се борат на помалку познатите локации на источниот фронт.

Get Even, хорор FPS играта, е одложена поради теротистичкиот напад кој се случи неделава во Манчестер. Наместо 26.мај, издавачите решија да го одложат излегувањето на играта и да искажат сочуство на сите загрижени. Get Even ќе излезе на 23.јуни, а до тогаш прочитајте што се излезе месецов.

Divinity: Original Sin 2 ќе излезе од раниот пристап во септември. Во меѓувреме, студиото продолжува да исфрла редовни и содржителни надополнувања, најновото од нив е 37 по ред.

Io Interactive, студиото најдобро познато со серијалот Hitman започна со серија отпуштања, месец дена откако издавачите Square Enix започнаа со продажба на студиото. Бројката на отпуштените не се знае, но студиото објасни дека даваат се од себе да се згрижат за талентот кој повеќе нема иднина со Io Interactive.

Overwatch слави една година постоење и во чест на тоа приредува бројни настани, како три нови арени, бројни кутии со плен кои кријат ексклузивни скинови, танцови и многу повеќе. Згора на тоа, играта се продава со 50% попуст. Настанот трае до 12.јуни.

Digital Extremes, студиото зад една од најдобрите бесплатни-за-играње игри – Warframe, работи на нова игра. Keystone комбинира акција во прво лице со стратешко градење шпилови од карти. Играта е далеку од готова, но доколку сакате да пробате предвреме да ја играте кликнете тука!

Gwent, играта со карти на CD Projekt RED не само што е сместена во добро познатиот The Witcher универзум, туку и ќе се одликува со кампања за еден играч. Играта е во отворена бета и може да ја проверите преку линков. За тоа како би изгледал гејмплејот, како и филмскиот трејлер погледнете ги следниве две видеа.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии