Кои настани и новости ја одбележаа гејмерската индустрија неделава? Добредојдовте во најновиот извештај за вашето омилено хоби, триесет и второ издание.

Sonder., македонската научно фантастична авантура уште во првата недела исфрли три последователни закрпи кои не само што го подобруваат квалитетот на севкупното искуство туку и зборуваат за посветата на Kamai Media. Нашите првобитни впечатоци можете да ги прочитате тука, а ексклузивното интервју веќе од наредната недела.

Alan Wake, ремек делото на Remedy Entertainment засекогаш ќе биде повлечено од продажба поради истекување на правата за музичките нумери. Од 15.мај, ниедна продавница нема да ја продава оваа психолошка хорор игра и доколку сеуште не сте ја купиле, имате уште неколку дена да го искористите длабокиот попуст од 90%. По 15.мај сите сопственици ќе можат и понатаму да ја играат играта.

Payday 2 Ultimate Edition ќе дојде на Steam веќе од 8.јуни. Ултимативната верзија ќе се одликува со сите досегашно излезени додатоци кои моментно се на попусти до 85%. Исто така, сите идни додатоци ќе бидат бесплатни за таквите сопственици. Подоцна, Payday 2 ќе добие и поддршка за VR.

Mirage: Arcane Warfare, идна од нашите најочекувани игри за овој месец, започна со отворена бета. Во случај да сакате предвреме да го искусите судирот на челикот и магијата, отворената бета трае само за викендов и е ваша за проверка преку клиентот на Steam. Mirage: Arcane Warfare е најновиот наслов од креаторите на Chivalry: Medieval Warfare, а излегува на 23.мај.

Civilization V го изгуби главниот дизајнер. Џон Шејфер ги смени знамињата и скокна на страната на Paradox Development Studio за да работи на нова стратегија од епски пропорции. Веста беше споделена за време на настанот PDXCon. Во Paradox, Шејфер ја исполнува функцијата на режисер на сеуште ненајавената игра.

Paradox Interactive и студиото кое стои за серијалот Tropico, најавија нова стратегија од форматот за градење и одржување градови. Surviving Mars доаѓа во 2018 година и ви дозволува да ја колонизирате површината на планетата Марс така што ги искористувате уникатните способностите на загрозените колонисти.

Assassin’s Creed: Origins, наредната игра од еден од најпопуларните серијали, би можела да ве одведе во древниот Египет. Играта по првпат ќе биде откриена на Е3 настанот, но еден скриншот уште еднаш покажа дека сликата вреди повеќе од илјада зборови.

Prey и неговата најнова закрпа излегоа на крај со корумпираните сејвови, експлоатацијата за неограничено создавање материјали при процесот со рециклирање, како и неколку проблематични моменти за време на кампањата. Во нашиот мини преглед за играта, споменавме дека ви се потребни околу 15 часа за играта, но тоа дефинитивно не се однесува на обичните смртници и еден гејмер првин ја „заврши“ играта за 45 минути, а потоа, сметајќи дека тоа не е премногу кратко време, го направи истото но за неверојатни 20 минути.

Need for Speed се враќа годинава со подобрено искуство за еден играч кое ќе биде целосно игриво и офлајн. Студиото Ghost Games зборуваше и за дека системот за прилагодување на автомобилите ќе биде подобар од кога било, полицајците кои ќе бидат крајно неуморни во брканиците, а дополнителни настани ќе го исполнуваат преубавиот свет за истражување. По генеричен опис -здравје, но барем знаеме дека серијалот е далеку од мртов.

Vanquish, играта која излезе дури во 2010 година за PS3 и Xbox 360, конечно доаѓа на Steam на 25.мај. Digital Deluxe Edition се одликува со музичка подлога од пет песни, аватари, ексклузивни позадини и дигитална книга за развојот на играта, а оние кои ја купија Boyonetta добиваат попуст од 25%. Vanquish ќе има 4К поддршка, дополнителни опции за графиката (што и да значи тоа), поддршка за тастатура и глувче и отклучен фрејмрејт.

Mass Effect: Andromeda исфрли нова закрпа која, меѓу-друго, ги подобрува меѓу-секвенците, ја подобрува јачината на оружјата и моќите, а и го подобрува системот за разговор за да, не-дај-боже, не пропуштите некои споредни разговори со екипажот. Со оглед на тоа колку лошо помина играта, овој научно фантастичен серијал се паузира до недогледно време, а студиото се распредели во споредни улоги за други проекти.

The Elder Scrolls Online: Morrowind предвреме ќе биде достапна на веќе-постоечките играчи и тоа две недели порано од сите останати. Имено, играта излегува на 6.ти јуни, но оние кои ќе ја купат само експанзијата ќе можат да почнат со нејзино играње од 22.мај.

Quake Champion се пофали неделава со нов шампион. Visor можеби изгледа застрашувачки со металната плочка на лицето, но таквото нешто е одлично за гледање преку ѕидови, а една друга способност ви дозволува постојано забрзување низ мапите.

The Surge, sci-fi Dark Souls алтернативата се поднови и со launch трејлер преку кој можете да видите што се случува кога металот е клучното нешто за издвојување победа. The Surge излегува на 16.мај, a ни доаѓа од авторите кои се прославија со The Lords of the Fallen.

Io Interactive, студиото зад серијалот Hitman се продава од издавачите Square Enix. Издавачите се изјаснија дека започнале преговори со потенцијални купувачи, но ништо не е сигурно во моментот. Според најновите гласини, меѓутоа, Io Interactive ќе ги задржи правата за играта, а развојот на втората сезона се одвива непречено.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии