Гејминг новости од минатата недела #30

Кои настани и новости ја одбележаа гејмерската индустрија неделава? Добредојдовте во најновиот извештај за вашето омилено хоби, триесетто издание.

Во чест на триесеттиот извештај за гејминг новости (уредничка забелешка: огромна благодарност до Мартин за макотрпната работа), IT.mk наградува тројца читатели со една од следниве три игри:

  1. Far Cry 3: Blood Dragon (uPLAY) – FPS акција која носталгично ќе ве вовлече во акционите филмови од осумдесеттите.
  2. Tropico 4: Steam Special Edition – Стратегија која ќе ги разбуди вашите диктаторски аспирации
  3. Broken Age – Авантура која ќе ве вовлече во магично доба на детството

За да станете потенцијален добитник, сè што треба да направите е да го пронајдете овој пост на нашата Facebook страна и да оставите коментар за тоа која е вашата игра за месец април. Најсреќните читатели ќе ги одбереме и наградиме по случаен избор и истите ќе добијат бесплатни клучеви за игрите! Изборот ќе биде направен во 18.00 ч. во текот на утрешниот ден, недела.


Final Fantasy 14: Stormblood исфрли нов трејлер кој ги покажува преубавите нови околини, а и ви дозволува да ја преземете алатката на benchmark за да видите до која мерка е вашиот компјутер спремен да го истражува таквото графичко блаженство. Stormblood излегува за два месеци и тоа на 20 јуни.

Sniper: Ghost Warrior 3, по неколку одложувања, конечно излезе месецов, но многу корисници се жалат на проблеми со анимациите, замрзнување, лоши контроли, корумпирани save-ови и генерално-лоша оптимизација. Половина од овие проблеми и самите ги искусивме во првите два часа од играњето и откако не можевме да се навратиме на претходно сочуваната точка решивме да ги посветиме енергиите на хорор во малку поразлична форма – Outlast 2. Студиото зад SGW3 вети целосно стопирање на нови содржини, вклучувајќи го и мрежниот дел, сè додека не се решат техничките проблеми.

Middle-earth: Shadow of War се заканува да биде уште поголем хит од претходниот и во формирање на таквото верување дефинитивно помага новото видео кое детално ги прикажува гејмплеј елементите преку убивање војни поглавици, напаѓање тврдини и уништување споменици.

Battlefield 1 побрза да го исфрли нивното пролетно надополнување кое, меѓу другото, го поплочува патот за водови, а и послужува четири нови варијанти од оружја. Секој вод е воден од само еден генерал, зад кој стои полковник, а зад кој, пак, потполковник. Секој од ваквите повисоки воени лица има на располагање пристап до одредени исклучително кул елементи, со што мрежното играње зазема многу подлабока и поисполнителна димензија. Од новите опции, Medic revive intent значително ја олеснува ситуацијата на оние кои се паднати на бојното поле или пак за оние кои сакаат да помогнат на таквите.

For Honor ќе ја започне втората сезона од 16 мај. Насловена како Shadow and Might, новата сезона ќе воведе два нови ликови, центурион и нинџа, две нови мапи, дополнителни опции за прилагодувања и надополнувања во гејмплејот, како и ново, епско ниво за опрема.

Rising Storm 2: Vietnam овозможи предвремени нарачки на Steam, a и ги удостои гејмерите со минимална и препорачана хардверска побарувачка. Имено, за минимално графичко искуство ви треба i3 процесор, GTX 460 и 4 GB RAM, а за максимално уживање во потенцијалите на графичкиот енџин потребно е барем i5 процесор, GeForce® 760 и 6 GB RAM.

Awesomenauts, една од најпознатите платформери во стилот на MOBA игрите, ќе биде бесплатна за играње. По пет години стандарден модел на играње, авторите решија да го зголемат неверојатно малиот број играчи така што целосно ќе ја елиминираат цената за пристапот. Таквата промена стапува на сила од 24 мај и покрај прилагодени системи за напредување, студиото ќе имплементира и продавница за микро трансакции каде за вистински пари ќе можете да купувате нови изгледи за ликовите, индивидуални ликови и droppods.

Overwatch надмина 30 милиони регистрирани играчи, што е за пет милиони зголемување само во последните три месеци. Заслуга за ваквата импресивна бројка дефинитивно се должи на бројните бесплатни викенди, но и на огромната посвета на авторите, неодамнешниот Overwatch Uprising настан, како и ветување за уште три нови мапи кои ќе излезат годинава.

Fallout 4 има интересен, нов мод кој ви дозволува автоматски да префрлате од трето во прво лице секој пат кога нишаните со оружјето. Во случај да отсекогаш сте сакале ваков автоматизиран стил на играње во пост апокалиптичниот универзум, почестете се со MGS Aiming тука!

Little Nightmares е уште една хорор игра која излезе месецов и во чест на тоа, студиото исфрли трејлер за кој да се каже дека е длабоко вознемирувачки би било екстремно потценување.

Prey сѐ уште не е излезена, но авторите веќе најавија дека играта ќе добива бројни DLC-а затоа што е невозможно да се видат сите вонземни моќи во едно преигрување. Во неодамнешно интервју, авторите потврдија дека ќе има разграничувања во приказната и дека се охрабрува повторно преигрување за да се види сè што играта има подготвено за играчот. Prey излегува на 5.мај.

Call of Duty: Modern Warfare Remastered доби четири нови класични мапи и тоа добро познатите Broadcast, Creek, Chinatown и Killhouse. Додатокот уште еднаш ги разлути гејмерите затоа што основната игра не само што е директно врзана со купување на Infinite Warfare, туку и пакетот со класичните мапи чини неверојатни 15 евра.

Тинејџерскиот хакер кој стоеше зад DDOS нападите на Minecraft и Runescape е осуден на 2 години затвор. Имплементацијата на тинејџерската алатка Titanium Stresser, значително ја загрозила состојбата на Minecraft, Microsoft услугите и MMO Runescape, до таа мера, да само Runescape потрошиле 6 милиони фунти за да ги сотрат таквите DDOS напади.

Guild Wars 2 ќе ја испорача најновата епизода од третата сезона на 2 мај. Наречена Flashpoint, оваа епизода ќе воведе нова територија за истражување, нова приказна, како и долго-очекуваниот легендарен оклоп кој е анимиран при битките, а е ексклузивен само за најзагрижените ветерани во рејдови. Flashpoint е претпоследна епизода и по завршување на третата сезона, се очекува студиото да ја најави нивната втора експанзија.

И секако, неделата беше обележан и со најавата за македонската игра Sonder од битолското студио Kamai. Повеќе на таа тема можете да прочитате на следниов линк.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии