Кои настани и новости ја одбележаа гејмерската индустрија неделава? Добредојдовте во најновиот извештај за вашето омилено хоби, дваесет и осмо издание.

Overwatch има нов стрип кој, овојпат ја прикажува првата мисија на Tracer. Од останати познати лица, ќе вмешаат прсти и Mercy, Torbjörn, Ana и Reinhardt. Излегувањето на стрипот некако го поплочува патот за очекуваната најава на 11 април, за кога Blizzard би можел да ги израдува фановите со нов, сезонски настан.

Nvidia исфрли нови драјвери кои додаваат поддршка за затворената бета за Quake Champions, но и за најновото Windows 10 Creators надополнување кое стапува на сила или на 11 април или веднаш, преку рачно активирање. Покрај ова, драјверите 381.65 воведуваат и DTX и Dolby Atmost поддршки за 5.1.2 конфигурации, Dolby Vision, како и Ansel поддршка. Со овие драјвери, официјално се поддржува Titan Xp  која е импресивна и во поглед на моќта и во поглед на цената.

Conan Exiles воведе нова зандана со предизвикувачки бос, како и нови оружја и оклоп. Наградите за најхрабрите истражувачи на подземјето на Unnamed градот ќе отклучат нови рецепти и ресурси за креирање фосфорни факели кои ќе осветлуваат и во вода, нов оклоп од кожата на рептилите, како и нов меч, нож и стрели. Со занданата доаѓа серија од непресушни исправки, балансирања и визуелни подобрувања.

Mass Effect: Andromeda има нова закрпа која, меѓу другото, го подобрува визуелниот впечаток, особено очите на ликовите кои, заедно со анимациите, беа предмет на огромно исмејување. Закрпата доаѓа по ветувањето на Bioware дека со оваа и идните закрпи ќе дадат максимум за да ја доведат играта во состојба која е на достојно ниво не само за тимот, туку и фановите.

Dawn of War 3 ќе има отворена бета овој месец. Сите оние кои се заинтересирани да ги проверат потенцијалите на мрежниот дел со сите три фракции, како и Master of War пакетот од изгледи, можат да се пријават преку следниов линк. Ова е само една од многуте игри кои се планирани за излегување во месецот април.

Grip, аркадната тркачка игра која и понатаму престојува во раниот пристап, се поднови со онлајн мрежен дел, нов автомобил и бројни исправки. Студиото предупредува дека одредени проблеми во играта, како исклучување и кочење, се можни. Од сите детали за закрпата ве дели само еден клик!

Dark Souls 3 е исклучително тешка игра, особено последното DLC, но не за сите, еден играч реши да го покори најтешкиот бос без да трча и без да ги избегнува или блокира ударите. На Soul Level 1 и на New Game Plus 7. Скоро гол. За чудење!

Valve, компанијата зад Steam, планира огромни промени во начинот на кој продавницата препорачува игри. Сега-за-сега, многу од таквите планови се во почетна, разработна фаза, во која својот придонес го даваат и познатите јутубери TotalBiscuit, Genna и Jim Sterling. Генералната идеја е да ви се прикажуваат само игрите кои се поклопуваат со вашите интереси и да се намали експонирањето на неквалитетните игри.

Squad, воениот мултиплеер шутер, е бесплатен викедов. Промоцијата се поклопува со исфрлање нова, огромна мапа Al Basrah, како и 50% попуст за играта. Squad и понатаму е дел од раниот пристап на Steam, a на работата на играта се посветени и бивши модери на Project Reality Battlefield. Целосната игра се очекува за средина на 2017 година.

For Honor доби закрпа која ги намалува скирмишите, ги прилагодува борбените способности, а и поправа одредени багови како би се подобрило севкупното искуство. Скирмишот има доживеано најголеми промени и убиствата на хероите сега ви дава 35 поени, а кил стрикови дополнителни 5 поени за секое последователно убиство. Исто така, блокирањето е визуелно поисполнително. Сите информации се кријат зад линков.

Don’t Starve Together: A New Reign воведува нови џинови и подобрени биоми преку најновото надополнување. Џиновите доаѓаат во форма на Toadstool, Bee Queen и Кlaus, а новите биоми допринесуваат до подобрени пустини.

Gearbox го прекинува партнерството со G2A, за дистрибуција на колекционерската едиција на Bulletstorm: Full Clip Edition. Целата драма произлегува откако гејмерите и видните критичари, меѓу кои и TotalBiscuit, решија целосно да кренат раце од gearbox затоа што се здружува со сомнителен сајт кој е познат по финансиско оштетување на правата на развивачите и продавање клучеви од игри купени со украдени кредитни картички. За да проба некако да се извлече од сево ова, Gearbox понуди ултиматум кој за G2A беше неостварлив и партнерството се прекина.

Master X Master, најновата бесплатна за играње MOBA од NCsoft започна со затворената бета, која ќе трае до 27 април. Шансите да ви дозволат да ја проверите бетата по пријавувањето се екстремно големи, но инстантно пристапување се дозволува доколку решите да купите некој од трите пакети, кои се на понуда од 20 до 100 долари. По крајот на бетата серверите се бришат, но купените пакети одново се врачуваат кога играта целосно ќе излезе.

Total War: Warhammer 2 има ново документарно видео каде девелоперите разговараат за новите раси и за Големиот Вортекс. Она што никако не се кажа е четвртата раса која и понатаму се држи во тајност. Она што студиото вети е длабока приказна која нема да можете да ја игнорирате. Играта излегува во втората половина на 2017 година.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии