Гејминг новости од минатата недела #27

Кои настани и новости ја одбележаа гејмерската индустрија неделава? Добредојдовте во најновиот извештај за вашето омилено хоби, дваесет и седмо издание.

Steam подарува 1.000 игри на секој регистриран корисник. Ваквата промоција трае само денеска, а сѐ што треба да направите е да кликнете на следниов линк!

Серијалот The Witcher има продадено повеќе од 25 милиони копии, од што само The Witcher 3 има спечалено над 250 милиони долари, што е одличен показател за тоа дека една игра не мора да има DRM за да се продава одлично. Ваквата бројка беше откриена преку финансискиот извештај за 2016 година и една недела по интервјуто во кое авторот на книгите The Witcher (Андреј Запковски) призна дека се кае што не барал процент од продажбите на игрите туку барал само еднократна исплата за правата бидејќи мислел дека игрите нема никогаш да бидат популарни.

Funcom ќе исплаќа играчи дури и до 500 долари на сите играчи кои ќе пријават проблеми кои можат да бидат експлоатирани во играта Conan Exiles. Исплатата од 100 до 500 долари ќе се остварува преку paypal и е доста слична со Bounty програмот на уште една друга игра – Ark: Survival Evolved. Во случај да ги имате игриве, викендов ви се отвора прекрасна можност да се забавувате, а и да спечалите некој денар. За остварување на таквата цел, погледнете го најновото нешто што беше воведено во играта со последната закрпа.

Outcast – Second Contact, римејк на хитот од 1999 година, никако да излезе и уште еднаш беше одложен од 30 март до…. некогаш! Челното лице зад проектот не се изјасни за тоа кога би можеле да ја очекуваме играта, но затоа исфрли нов трејлер кој, ако ништо друго, ќе проба носталгично да ве потсети на филмот Stargate.

Heroes of the Storm ќе објави надополнување кое ќе биде исклучително корисно за сите кои се по козметички работи, но не и по давање вистински пари. Heroes 2.0 ги менува системите со напредување и козметичките работи и воведува ковчези со плен, во стилот на играта Overwatch. Па така, со секое добивање ниво, ќе добиете и ковчег со плен и наместо да губите 15 часа за левелување херој од лвл 10 на лвл 20 сега таквото нешто ќе биде можно по само два до три часа. Сево ова и многу, многу повеќе доаѓа во играта по 25 април.

Guardians of the Galaxy: The Telltale Series ќе почне да излегува од 18 април. Првата од планираните пет епизоди ќе се вика Tangled Up in Blue и ќе го поплочи патот за целосно нова приказна во универзумот од неочекуваните херои. Официјалниот трејлер ветува многу работи за фановите на авантуристички игри каде донесување одлучи е клучниот двигател во гејмплејот.

Играта Quake Champions и понатаму продолжува со истото темпо за исфрлање трејлери за шампионите. Најновиот се вика Анарки, има ховерборд, се лечи како ненормален и зрачи со панк референци. Quake Champions има затворена бета, зошто не сте дел од неа?

Destiny 2 дефинитивно излегува и за PC. По сѐ изгледа постерите кои се проширија претходната недела се веродостојни и играта ќе излезе на 8 септември, со две, веќе-потврдени последователни проширувања. Сега-за-сега, имаме само трејлер и ветување за гејмплеј прикази на 18 мај.

Fallout Shelter, уверливо најсипатичната игра сместена во постапокалиптичен свет, се вдоми и на платформата Steam. Ваквата верзија доаѓа со Steam достигнувања и сочувување на играта преку клауд, а микротрансакциите се потполно исти, целосно изборни и крајно непотребни за вистинско уживање во играта.

Syberia 3 излегува на 20 април, а најновиот трејлер дава подобар увид во мистериозното патување на преубавата Кејт Вокер. Првата игра од серијалот излезе 2002 година, а третата две години по неа. Третата игра требаше да излезе во декември претходната година, но се одложи поради желбата на авторите дополнително да се посветат на насловот. Syberia 2, патем, е бесплатна преку Origin програмата.

We Happy Few се поднови со нов остров, но и нови елементи во гејмплејот. Најновото надополнување воведе и поразлични региони, а и исправи бројни проблеми во играта. Детален увид имате тука или преку следниот трејлер.

Final Fantasy 14: A Realm Reborn со најновата закрпа го отстрани двонеделното ограничување за бесплатниот пробен период во играта и сега им дозволува на играчите неограничен престој во пребогатиот ММО свет, до 35 ниво. Покрај ова, надополнувањето ги отстрани и неделните ограничувања против Alexander: The Creator, а и ја започна четвртата сезона, воведе нови главни квестови, нови достигнувања, титули и музика. Сево ова е во пресрет на експанзијата Stormblood, која се очекува на 20 јуни.

Planescape: Torment Enhanced Edition е најавена и во римастерот помага видното лице Крис Авелон. Ваквата едиција ќе подржува 4К резолуција, а и ќе се поднови со модерен интерфејс, подобрена музичка подлога и други надополнувања од Крис. Студиото зад овој римастер направи солидна работа и со римастери на класичните Baldur’s Gate игри.

Titanfall 2 има бесплатен викенд, во кој се вклучени бројни мрежни режими на игра, а и дел од приказната за еден играч.  Ова се поклопува со излегувањето на Colony Reborn додатокот, кој воведува нова мапа, оружје, потег и неколку козметички работи. Бесплатниот период трае до 3 април и за сите ваши активности, доколку сте ја купиле играта, нуди двојно повеќе XP.

Total War: Warhammer 2 е официјално најавена за крајот на годинава. Во случај да не можете да се заситите од формулата на Creative Assembly, погледнете што би можело да ве очекува кога ќе поставите High Elves против Dark Elves против Lizardmen.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии