Кои настани и новости ја одбележаа гејмерската индустрија неделава? Добредојдовте во најновиот извештај за вашето омилено хоби, дваесет и четврто издание.

The Division најави две проширувања во втората година од нејзиното постоење. Додатоците ќе се посветат само на заеднички PvE активности од повторлив карактер и нема да се со нови мисии во приказната. Првото проширување излегува летово, а второто наесен.

Quake Champions има нов трејлер кој го открива првиот шампион. Трејлерот се појавува само еден ден по најавување на затворената бета за играта. Низ месеците, ќе бидат најавени уште многу други шампиони, но бетата ќе стапи на сила за неколку недели. За да земете дел од затвореното тестирање, пријавете се на quake.bethesda.net. Играта, меѓутоа ќе биде бесплатна за играње, со изборна можност да се купи.

Overwatch фановите добија уште една можност да дознаат како всушност се запознале Bastion и Torbjörn. Најновиот стрип на Blizzard ја обработува токму оваа тема, а за негово бесплатно читање кликнете тука!

No Man’s Sky Path Finder надополнувањето е излезено и ви дозволува да користите најразлични возила, да споделувате бази како и да сте сопственици на повеќе вселенски летала. Покрај новиот мод за фотографии имате и нови ултра високи текстури. Надополнувањето се одликува и со бројни исправки и подобрувања низ сите системи.

Playdead и Campo Santо студијата успеаја да си отидат од GDC настанот со награди за најдобра визуелна уметност (Inside) и најдобра нарација (Firewatch). Овие две инди студиа се исто така номинирани за еден куп награди и за време на BAFTA Game Awards. Долго-очекуваниот BAFTA настан почнува на 6 април.

System Shock римејкот нема да биде во енџинот Unity туку во Unreal 4. Таквото нешто, објаснува тимот, морало да се направи за да значително им се олесни работата и дека никако нема да влијае негативно на финалниот производ. Во случај да имате неодолива желба да го прочитате целосното обраќање на оваа тема, кликнете тука!

Humble Jumbo Bundle 8 е најновиот пакет од исклучително квалитетни игри кои ќе бидат ценети од уживателите на различни жанрови. По цена од 60 денари ги добивате Valhalla Hills, Legends of Eisenwald и првите две The Journey Down епизоди, а за нешто повеќе од триста денари ја добивате Vermintide, Jotum, Turmoil и уште неколку други игри кои ќе бидат откриени наредната недела. За 600 денари добивате сѐ тоа плус Verdun, но највисоката финансиска посвета ја препорачуваме само доколку сте по мрежни пресметки.

Voodo Vince е игра која излезе само за Xbox во далечната 2003, а во април ќе излезе римастер верзија за Xbox и PC. Beep Industries се колнат дека гејмплејот и музичката подлога се потполно исти како во оригиналот, но во 1080p опкружување и со можност за 60fps.

PlayerUnknown’s Battlegrounds, очекуваниот хит на Bluehole и Брендан Грин, ќе излезе на 23.март како дел од програмата за ран пристап. Се работи за multiplayer battle royale shooter осмислен од човекот кој е директно заслужен за креирање на овој жанр со неговите модови за Arma 2 и 3.

Remote Explosives е најновиот мод за Fallout 4 кој ви го проширува арсеналот со серија од експлозивни направи, не исклучувајќи ги новите C4 пластични експлозиви. Во случај и понатаму да престојувате во пост-апокалиптичниот свет и да копнеете по нови начини за експлозивни поздрави со непријателските жители, ова е мод за вас.

Dawn of War 3 ги објави податоците за системската побарувачка и за да му служите на императорот потребно ви е 3GHz i3 процесор, 4GB RAM, GeForce 460 графичка карта. Препорачаната конфигурација е невообичаено скромна и бара 3GHz i5 процесор, 8GB RAM и 2GB nVidia GeForce 770.

Victor Vran: Fractured Worlds e проширувањето за релативно успешниот наслов на акционата RPG игра на бугарското студио Haemimont Games. Покрај тоа што ќе раскажува нова приказна, Fractured Worlds ќе има четири нови зандани, ќе има и зголемување на lvl cap од 50 на 60, можност за креирање и носење талисмани, како и менување на изгледот и борбените способности на Виктор.

Outlast 2, продолжетокот на еден од најстрашните хорор игри кои не се осмеливме да ги завршиме, излегува на 25 април. Играта ќе чини 30 долари, а авторите се изјаснија дека немаат планови за идни додатоци.

Styx: Shards of Darkness излезе од сенките со нов трејлер кој на вистински начин ги прикажува ко-оп можностите за овој наслов. Ко-оп системот ќе биде базиран на drop-in/drop-out системот каде двајца атентатори ќе работат кон остварување на заедничките цели. Играта излегува на 14 март.

Sniper Ghost Warrior 3 навистина не сака да се плашите со Outlast 2 и, за да имате што да играте тој ден, реши уште еднаш да го одложи излегувањето. Резултатите од неодамнешната бета ги принудила авторите дополнително да поработат на нови оптимизации и наместо да излезе на 4 април, играта ќе излезе на 25 април. Искрено се надеваме дека нема да има четврто одложување.

Mass Effect: Andromeda launch трејлерот пристигна порано од очекуваното, а со него и вести дека во играта ќе наидете над 1200 ликови кои зборуваат и дека препорачаната конфигурација за играта е предвидена за 30fps, за 1080p. Инаку, системската побарувачка е скоро идентична со таа за Star Wars: Battlefront.