Гејминг новости од минатата недела #20

Кои настани и новости ја одбележаа гејмерската индустрија неделава? Добредојдовте во најновиот извештај за вашето омилено хоби, дваесетто издание.

E3 2017, омилениот настан за сите гејмери, ќе биде достапен и за обичните смртници, без традиционалното ограничување само на индустријата и новинарите. За таа цел, ќе се продаваат 15 000 билети, по цена која ќе почне со 150 долари, а ќе заврши на 250 долари. E3 2017 е од 13 до 15 јуни, во Лос Анџелес.

Project Cars 2 не само што доаѓа во 2017 туку и подржува 12к резолуција. Во меѓувреме, Bandai Namco ја опремува играта со 170 автомобили и 60 траки за тркање, нов режим за тркање и уникатен гејмплеј во зависност од временските услови.

The Elder Scrolls Online е уште една ММО игра во која официјално можете да си имате дом надвор од дома. Најновото надополнување ви дозволува да купите 39 различни имоти, од мали куќи, преку вили, па се до цели острови. Со над 2000 предмети ја добивате можноста за уникатно украсување на вашето кралство.

Fallout 4 објави пакет со текстури во високи резолуции. Пакетот овозможува ултра-делукс детали, бесплатен е, но покрај 58 GB простор бара исклучително помоќен компјутер на сите фронтови и за минимално уживање потребен ви е барем Intel Core i7-5820K, GTX-1080 и 8 GB RAM.

World of Warcraft токените од неделава имаат проширена функција и покрај стандардните можности за нивно купување/ продавање за злато или вистински пари, отсега ќе можете да ги употребувате како battle.net валута и да ја искористите нивната вредност за купување дигитални добра низ останатите подржани игри на Blizzard. Одлично објаснување за што е тоа WOW Token имате со следново видео.

Valve го откри планот за целосно заменување на Steam Greenlight. Системот кој требаше да им пружи шанса на помалку среќните инди игри да се појават на платформата Steam преку гласови на посетителите, веќе подолго време беше етикетирана како лоша пракса за Steam заедницата и дека треба да си оди во предвремена пензија. Steam Direct е новиот систем кој, во кратки црти, ќе им дозволи на развивачите да си ја објават нивната игра без да поминува низ процесот на гласање и одобрување.

Sniper Elite 4 конечно се поднови со официјалниот трејлер за излегувањето на играта. Четвртото издание се вдомува на 14 февруари, а со трејлерот се појавија информации и за сезонската пропусница, која отвора врати на нови кампањи со бројни мисии, скинови, оружја и сопатници.

Fallout Shelter, симпатичната и неверојатно забавната игра од универзумот на Fallout, излезе за Windows 10 како Play Anywhere игра. Тоа значи дека повеќе не сте обврзани да го инсталирате дополнителниот клиент на Bethesdа, а и сега можете флуидно да споделувате сочувани игри PC и Xbox верзиите на играта. Shelter е бесплатна и со крајно фер политика за играчите кои не сакаат да трошат пари.

Playground Games, студиото зад Forza Horizon 3, отвори нов оддел кој ќе ги фокусира силите на игра која нема да е од тркачки карактер. Студиото е базирано во Англија и, според основачот Ралф Фалтн, им дозволува да си го тестираат знаењето во друг жанр. Тоа не значи дека студиото крева раце од саканиот Forza Horizon серијал и дека паралелно со ова, работат и на нова тркачка игра која би можело да излезе наредната година.

Syberia 3 и понатаму полека се провлекува до датумот на излегувањето. По 13 години неизвесност, третата авантура со Кејт Вокер ни доаѓа на 20 април. Во чест на петгодишното работење на играта, авторите го објавија следниот трејлер.

For Honor има нов трејлер кој од 360 степени ви ја покажува суровата реалност на бојните полиња и бруталноста која демнее на сите страни. For Honor излегува на 14.февруари.

Star Wars Humble Bundle 3 ви дава неверојатно квалитетен пакет од Star Wars игри за исклучително ниски цени. Со првата платежна категорија од 1 долар добивате пет игри, како Knights of the Old Republic и Galactic Battlegrounds Saga, а за цена од 10 долари ја добивате втората KOTOR Игра, Jedi Knight II, но и Battlefront II. Одете со третиот платежен столб од 14 долари и добијте ги и The Force Unleashed игрите, како и Empire at War!

Guild Wars 2 ја ослободи за јавноста четвртата епизода од третата сезона. The Head of the Snake ја продолжува приказната на сосема нова територија, со епски пресметки против озлогласените The White Mantle. Покрај бројни подобрувања во сите режими на играње, ново легендарно оружје и нов рејд, Guild Wars 2 се поставува како одличен наслов кој би требале, барем на кратко, да го посетите викендов.

The Halo Wars 2 е уште една игра која излегува овој месец и, во пресрет на 17 февруари, студиото го објави официјалниот кино трејлер кој драматично го воведува Ејтриакс на сцената.

Call of Duty студиото Infinity Ward е со 20 вработени помалку. Серија од отпуштања се забележани и низ студиото Beenox, зад кое стојат игрите како Spider-Man. Со ваквата мерка, Activision Publishing ги намалува работните сили за 5%.

Beautiful Desolation е изометриска постапокалиптична авантура која се развива од студиото зад авантурата Stasis. За да може да се направи, на студиото се потребни 120.000 долари. Во случај да ви се допадна Stasis и да сакате и оваа авантура да доживее виделина подржете ги на Kickstarter.

Valve го поправи безбедносниот ризик за профилите на корисниците и сега нема никакви проблеми при интеракцијата. Преку користење на ново-откриениот баг преку Cross-site Scripting (XSS) кодот, оние кои немаа попаметна работа неделава можеа да внесат нивен код и да го искористат вашиот профил за да извршуваат акции во ваше име.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии