Кои настани и новости ја одбележаа гејмерската индустрија неделава? Добредојдовте во најновиот извештај за вашето омилено хоби, осумнаесетто издание.

Pillars of Eternity 2: Deadfire е официјално најавена и во првите 24 часа од кампањата за собирање средства ја исполни примарната цел. Со уште 27 дена од крај на кампањата на Fig, авторите собраа 1.3 милиони долари и ветија многу поисполнително искуство каде квалитетот ќе биде над квантитетот и нема да пополнуваат празнини со бесмислени битки, како што беше случајот со првата игра, туку навистина ќе се посветат на моќта за раскажување приказни.

– Pillars of Eternity 2: Deadfire излегува во првата половина на 2016 година

The Pillars of Eternity документарецот кој, преку час-и-половина, прикажува извадоци од изработката на играта стана бесплатен за сите. Овој документарец првин се нудеше само за сите оние кои ја подржаа играта преку Kickstarter, а потоа се продаваше за еден долар на Vimeo. Меѓутоа сега е ваш за целосно уживање и впивање интересен увид во креативните процеси (и проблеми!) кои се дел од создавањето на една игра.

– Документарецот започнува со челните лица, Фергус Ургхарт, Адам Бренек и Џош Сојер.

The Wild Eight е кооперативна игра каде акцентот е на преживување во Алјаска и соочување со нешто што е значително поопасно од суровиот шепот на студот. Играта, објаснуваат авторите Hypetrain Digital, ќе излезе на 8 февруари преку раната програма на Steam, но ќе се задржи во таа форма само три месеци. Сите оние кои ќе се посветат на играта додека е во ран пристап (за 20 долари), добиваат и „специјална козметичка награда“.

– Додека е во ран пристап, играта ќе добива клучни надополнувања на секои две недели

Galactic Civilizations 3 има ново 2.0 надополнување кое значително менува одредени работи во гејмплејот така што воведува нов ресурс – Starbase администратори кои се потребни за конструкција на ѕвездените бази. Дополнително, надграден е и системот со дипломатијата и вештачката интелигенција тргува и реагира на по веродостоен начин. Сево ова е зачинето со бројни исправки на багови. Во чест на ова, играта се продава со попуст на Steam!

– За сите новитети можете детално да се информирате тука!

The Surge е научно-фантастична RPG игра која ни доаѓа од студиото зад Lords of the Fallen – игра која од петни жили се трудеше да го засени серијалот Dark Souls. Најновиот трејлер, преку краток извадок, ви покажува што да очекувате од приказната.

– The Surge излегува во мај!

Nvidia и најновите драјвери 378.49 имаа за цел да ги подготват хардверските конфигурации за флуидно дружење со Resident Evil 7: Biohazard, но наместо ова, драјверите предизвикаа главоболки за одредени корисници. Имено, едни корисници имаат проблеми при користење на Steam In-House можноста за стриминг, други често се пресретнуваат со ненадејни „замрзнувања“, а трети со несаканите плави екрани кои означуваат системски грешки. Valve, компанијата зад Steam, строго препорачува враќање на постарата стабилна верзија, 376.33, додека не се решат проблемите со најновата.

– За целосен увид во проблемите на корисниците можете да го погледнете и соодветниот пост на reddit.

Seven: The Days Long Gone е симпатична игра од изометриска перспектива, во отворен свет и со sandbox елементи! Најновиот трејлер ви покажува како можете да го издигнете искуството на сосема ново ниво преку имплементирање тактики за прикрадување. Датумот на излегување и понатаму останува непознат.

– Полското студио зад играта, Fool’s Theory, е составено од бивши развивачи на играта Witcher

The Division уште подлабоко навлегува во водите на микро трансакции и ќе лансира нова валута која може да се добие само со вистински пари. Таканаречените Premium Credits ќе се користат за купување ексклузивни работи од козметички карактер и никако не би влијаеле на гејмплејот.

– Цената на Premium Credits е сеуште непозната, но нивната употреба се очекува да стапи на сила со наредното PTS тестирање.

Endless Space 2, играта која и понатаму е во ран пристап, неделава се поднови со содржително надополнување кое, меѓу другото, ја ре-воведува фракцијата Horatio, но и неколку помали фракции, како Gnashast’s Scavengers и Tikanan’s Eusocials. Играчите имаат на располагање и ново технолошко дрво и пет нови услови за издвојување победа. Нормално, забележителни се и бројни исправки и подобрување на флуидноста при играњето. Прелистајте ги сите новитети тука!

– Ова е второто од трите клучни надополнување за Endless Space 2

Overwatch има над 25 милиони играчи. Податокот беше скромно сервиран преку Twitter сметката на Blizzard и се однесува за сите три платформи, не исклучувајќи ги и неколкуте бесплатни за играње викенд сесии каде сите можеа да ги проверат потенцијалите на играта. Во октомври, меѓутоа, играта броеше 20 милиони уникатни играчи, што значи дека за само три месеци бројот се зголемил за пет милиони.

– Моментно, во играта има year of the Rooster сезонски настан, а наредното нешто за Overwatch е нов Capture the Flag режим на играње!

Ace Combat 7: Skies Unknown, по се изгледа, ќе дојде и за PC платформата, а како сигурен доказ за таквото нешто се поставува и најновиот трејлер за играта на Bandai Namco. Најавување на играта за PC беше пресретнато како релативно рамнодушна вест затоа што серијалот Ace Combat никако не вложуваше напори да гради пријателства со PC гејмерите, за што е додатен показател и ситуацијата со Ace Combat: Assault Horizon – единствената игра од овој серијал кој може да се најде на Steam, а е сè само не омилена помеѓу играчите.

– Ace Combat 7: Skies Unknown беше најавена на крајот од 2015 само за PS4

Enter the Gungeon со најновото надополнување ве наградува со нови оружја, непријатели и 200 нивоа. Таман кога помисливте дека оваа roguelike игра има повеќе од доволен арсенал оружја и новитети, Devolver Digital и Dodge Roll решија пријатно да ве изненадат со 200 соби за подготвување експлозивен коктел од убиствени играчки, сопатници, светилишта и непријатели.

– Играта се продава и со 50% попуст.

Хидео Коџима, генијалниот ум зад серијалот Metal Gear, има повеќе од импресивно студио. Преку следното видео, овозможено од BBC Newsbeat, можете точно да забележите од каква пријатна средина Коџима и неговиот тим влечат инспирација за нивната длабоко вознемирувачка игра – Death Stranding.

–  Се очекува Death Stranding да излезе на крајот од 2018 или на почетокот од 2019 година

Square Enix започна дружење со издавачката куќа Marvel и најави работа на Avengers проект. Играта, за која апсолутно ништо друго не се знае, ќе биде изработена од истите развивачи кои работеа на Deus Ex и Tomb Raider игрите.

Dirt 4 ќе излезе и за PC, a финалната верзија ќе понуди 50 автомобили и можност за нивно вртоглаво возење низ Австралија, Шпанија, Мичиген, Шведска и Велс. Од познатите режими во играта, очекувајте Landrush, Joyride, FIA World Rallycross Championship и career мод.

– Dirt 4 излегува на 6 јуни!

Mobius Final Fantasy е бесплатна за играње RPG игра само за мобилни, но не за долго, затоа што издавачите ја планираат играта и за PC. Na 6.февруари играта ќе се вдоми и преку Steam, a ќе дозволи на играчите лесно префрлување на сочуваните игри од мобилен на PC верзијата.

– Mobius Final Fantasy и понатаму ќе биде бесплатна, но со акцент на микротрансакции

Conan Exiles се поднови со нов филмски трејлер, а и се изјасни за цената. Имено, основната игра, која треба да излезе на 31 јануари преку раниот пристап на Steam, ќе чини 30 долари, а доколку сте за максималниот пакет од блаженства, со дигитални стрипови и книги, ќе биде потребно да одвоите двојно повеќе пари.

За крај, сосема неслучајно ги оставивме двата трејлери за Mass Effect: Andromeda, кои дадоа интересни податоци за тимот Pathfinder, но и опасниот непријател Аркон!

– Запознајте се со Кора Харпер и Лијам Коста

– „Не ми треба армија. Си имам Кроган!“ :)

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии