Гејминг новости од минатата недела #17

Кои настани и новости ја одбележаа гејмерската индустрија неделава? Добредојдовте во најновиот извештај за вашето омилено хоби, седумнаесетто издание.

The Division Last Stand e најновото проширување кое е замислено да понуди мрежен режим од натпреварувачки карактер каде осум играчи се спротивставуваат на други осум, земајќи ја во предвид и опасноста која доаѓа од непријатели контролирани од вештачката интелигенција. Last Stand си има и одделен систем за до 40 нивоа, а со секој ранк добивате награди, чија уникатност е повисока при достигнување одредени пресвртници. Датум на излегување сеуште нема, но експанзијата ќе чини 15 долари.

– Last Stand е третото и последното проширување кое е опфатено од сезонската пропусница за The Division

The Division има планови и за големите филмски платна. Како што можеби знаете, Ubisoft уште летово потврди дека се работи на филм со Џејк Џулинхал и Џесика Частејн, но она што неделава дознавме е дека филмот ќе биде напишан и режиран од Стивен Гејган – добитник на Златен Глобус и Оскар за сценариото на филмот Traffic. Стивен беше и номиниран за втор Оскар во 2006 година за неговиот придонес во Syriana.

Излегувањето на филмот The Division е планирано за во 2018 година

Torment: Tides of Numenera, чедото на Techland and inXile, излегува за недела дена, а авторите навистина сакаат што подобро да сте запознаени со финалната верзија на играта. Најновиот трејлер покажува како нивната инспирација, Planescape: Torment, директно влијаела на борбениот систем и на тешките одлуки кои морате да ги донесете за време на тактизирањето.

– Torment: Tides of Numenera е ваша на 28.февруари

EA Motive, студиото кое беше формирано во 2015 од бившата Assassin’s Creеd и Watch Dogs продуцентка Џејд Рејмонд, прилепи уште едно познато име на нејзина страна. Имено, дизајнерката од играта Portal, Ким Свифт, која е позната и по нејзиниот допринос во Left 4 Dead, Left 4 Dead 2, Half-Life 2: Episodes One и Two и Quantum Conundrum, официјално стана директор за дизајн за EA Motive. Тазе формираното студио моментно работи на неколку проекти од кој само еден е познат, а тоа е работата на нова Star Wars игра, чиј главен писател е Ејми Хениг, писателката и режисерката на Uncharted серијалот.

Ким Свифт како новиот директор за дизајн за EA Motive

Atlas Reactor e повторно бесплатна за играње. Со втората сезона за играта, авторите сфатија дека еднократниот платежен модел за пристап до играта не е доволно профитабилен и решија повторно да се вратат на бесплатниот модел. Оние кои веќе ја купиле играта ќе добијат пакети од ексклузивни титули, амблеми, 50,000 flux и 5000 ISO, како и пристап до сите идни фрилансери. Со втората сезона доаѓа и нов туторијал, нов режим на играње, XP бонуси, но и бројни исправки.

целата листа од новитети ја имате тука! 

Sniper: Ghost Warrior 3 ќе организира отворена бета на 3 февруари. За време на тестирањето, играчите ќе можат да проверат две мисии и тоа: Cut Off (инфилтрација) и Blockout (експлозивна акција). За да се пријавите за бетата потребно е да се регистрирате на официјалниот сајт!

Call of Cthulhu, најновата RPG истражувачка игра на Cyanide има нов трејлер. Насловен како Depths of Madness, видеото е вознемирувачки приказ од убиство, нестабилни ликови и мистериозната страна на окултните влијанија.

– Call of Cthulhu би требало да излезе оваа година

ZeniMax и Oculus на суд во Далас, расчистуваат обвиненија за кражба на технологија. Како најнов сведок беше повикан и Палмер Лаки. За време на судењето, ко-основачот на Oculus VR беше прикажуван од адвокатите на ZeniMax како неспособен сам да го дизајнира Rift, со оглед на тоа дека не ни успеал да заврши факултет и потенцираа уште еднаш дека технологијата зад Oculus Rift сетот за глава беше всушност развиван од Џон Кармак, додека Џон бил дел од id Software – компанија на ZeniMax.

Палмер Лаки ги негира сите наводи дека го прекршил NDA (Non-disclosure agreement) договорот со ZeniMax

Guild Wars 2, една од најдобрите ММО игри на пазарот, моментно е длабоко навлезена во третата епизода од нивната трета сезона и, иако постојат можности на преигрување на мисиите од втората и третата сезона, нема никаква можност да се одигра првата сезона поради начинот на кој беше осмислена да се одигра само во одреден временски период. Фановите кои се желни да се запознаат со деталите од приказната може да го огледаат следниов неверојатно-долг „филм“ кој целосно ги опфаќа настаните од приказната во првата сезона.

– Филмот е направен од Guild Wars 2 играчи

Obsidian Entertainment, студиото зад Fallout: New Vegas, Pillars of Eternity и најновата Tyranny почна да ги задева фановите со нешто што се нарекува „проект Луизијана“. Најновото нешто што го прикажаа беше таканаречениот Leaden Key, референца за играта Pillars of Eternity. Со оглед на успехот кој им го донесе PoE, воопшто не изненадува подготовката за продолжеток во овој универзум.

Little Nightmares, креативниот продукт на Bandai Namco и Tarsier Studios, исфрли трејлер кој ни покажува што се случува кога јадната Сикс не внимава и ја потценува моќта на една обична запалка.

– Little Nightmares излегува на 28 април, преку дигиталните платформи Steam или GOG

Marvel Heroes, бесплатната акциона RPG игра со вашите омилени супер херои доживеа масивно надополнување неделава. Најавено уште во септември, надополнувањето врши целосен ремонт на сите 59 херои, ги прилагодува сите предмети, го заменува системот за напредок на ветераните и воведува нова тежина.

– Преземете ја играта преку следниов линк!

Ghost Recon Wildlands и најновиот видео приказ ве дружи со режисерот на приказната и водечкиот дизајнер на играта. Низ шестминутниот трејлер, челните автори се трудат да објаснат како системот на играта се вметнува во тој на приказната и кои елементи се реални, а кои морале до одредена мера да се изменат за да се вклопат во контекстот на една видео игра.

– Ghost Recon Wildlands излегува на 7.март

AOC ви дозволува да се подновите со уште еден монитор од 35 инчи. Благодарејќи на AU Optronics VA панелот, AG352UCG се одликува со ултра-широка резолуција од 3440 x 1440 (21:9), а и ја подржува технологијата на Nvidia’s G-Sync за нудење пофлуидно искуство. Мониторот се одликува со 3ms време на одзив, 2,500:1 сооднос со контрастот, висока аголна прегледност и богати можности за приклучување.

Agon AG352UCG излегува во март и чини неверојатни 1000 долари.

The Culling воведе нова мапа, режими на игра и оружја преку содржителното надополнување. Насловено како Big House Update, надополнувањето е прошарано и со бројни исправки и прилагодувања кои би требало да го подобрат севкупното искуство.

  The Culling од ран пристап се префрлува на бета верзија и моментно има 67% позитивни рецензии на Steam

For Honor е игра која детално сака да ве запознае со класите кои ги имате на располагање. Во прилог ги имате трејлерите кои беа прикажани неделава. Играта, меѓутоа, ќе започне затворена бета веќе наредната недела (од 26 до 29 јануари), а финалната верзија излегува на 14 февруари.

– Nobushi е самурајска класа од лесна категорија која се потпира на брзина и остар меч за разрешавање на сите конфликти

– Valkyrie е уште една импресивна класа од лесна категорија која ја користи брзината и агилноста за да ги исполни извидничките аспирации

– Lawbringer е сушта спротивност на Valkyrie и, како класа од тешка категорија, се стреми да ви покаже дека финесите се непотребни нијанси и нема ништо поефикасно од бруталност во најпримална форма

1 коментар на “Гејминг новости од минатата недела #17

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии