Гејминг новости од минатата недела #16

Кои настани и новости ја одбележаа гејмерската индустрија неделава? Добредојдовте во најновиот извештај за вашето омилено хоби, шеснаесетто издание.

Humble Store започна со распродажба на дигитални игри и, во чест на настанот, ја поклонуваат Dirt Showdown на сите заинтересирани посетители. Имајте во предвид дека доколку сте претплатник за Humble Monthly, а би требало затоа што најновиот пакет ја дава XCOM 2, добивате 10% дополнителен попуст на скоро сите игри. Додатно, 5% од потрошените пари одат или за добротворни цели или во вашиот дигитален паричник.

Ghost Recon Wildlands има нов трејлер кој ги запознава гејмерите со трудот кој се вложува во создавање на музиката. Низ петминутниот видео приказ погледнете ги креативните излагања на Алан Јоханес, човекот кој, меѓу другите, има работено и со Queens of the Stone Age, Кели Кларксон, Eagles of Death Metal и Хилари Даф.

Conan Exiles има официјална харверската побарувачка и ќе можете да ја играте на максимална, ултра графика со i5 процесор, 8GB RAM, но nVidia GeForce GTX 1070. Минималните побарувања се уште поскромни и бараат i3 процесор, 4GB RAM и Nvidia GeForce GTX 660. Играта излегува на 31 јануари, како дел од ран пристап програмата на Steam.

Resident Evil 7 и најновиот трејлер за играта навистина сакаат да ве убедат дека домот кој ве очекува е пријатно место, што не би можело да е подалеку од вистината. Играта излегува на 24 јануари.

Shovel Knight, симпатичниот платформер, ќе се поднови со можност за ко-оп, нова кампања, но и нова цена. Shovel Knight: Treasure Trove ќе биде колекција од Shovel of Hope (ориигиналната кампања), Plague of Shadows (втората кампања) и Specter of Torment (идната кампања). Сите оние кои веќе ја имаат оригиналната игра, автоматски ќе бидат надградени на Treasure Trove едицијата. На пролет, меѓутоа, цената на играта ќе порасне и нема да биде 15 долари.

Torment: Tides of Numenera се поднови со нов, интерактивен трејлер кој на успешен начин ви покажува каква приказна да очекувате и до кој степен влијаат вашите одлучи во овој богат универзум. Играта е веќе подолго време дел од Steam програмата за ран пристап, а финалната верзија се очекува да излезе на 28 февруари.

Tomb Raider: The Last Revelation HD е проект кој би требало да го подобри, пред сè, графичкото искуство со седумнаесет годишната игра. Неколку ентузијасти и фанови на играта работат на изострување на текстурите, подобрување на квалитетот на предметите, додавање нови ефекти, но и елементи во гејмплејот. Од модерните ефекти, тимот се стреми да воведе динамична магла, веродостојни сенки и спрајтови од повисок квалитет.

For Honor сезонската пропусница ќе даде пристап до шест нови воини една недела пред оние кои не ја поседуваат пропусницата, но и ран пристап до други нови содржини, три таканаречени scavenger crates, Sunbeam emote и триесет дена статус на шампион. Цената за пропусницата е непозната, но доколку ја купите златната единица за неверојатни 100 долари, ја добивате основната игра како и предностите од пропусницата. Златната едиција доаѓа и со три уникатни украси за шлемови, специјален ефект при ликвидирање и седум дневен шампионски статус. Во меѓувреме, Ubisoft побрза и ги отстрани ваквите податоци од официјалниот сајт.

Scalebound, акционата авантура од развивачите Platinum, е дефинитивно откажана. Издавачите Microsoft Studios се изјаснија дека, по долги дискусии, решиле да ја откажат работата на играта и веднаш побрзаа да додадат дека тоа не би требало да ги загрижи фановите затоа што веќе работат напорно на одлични игри како Halo Wars 2, Crackdown 3, State of Decay 2, Sea of Thieves и многу повеќе, само не на Scalebound.

Halo Wars 2: Blitz бета настанот, во кој ќе бидат вклучени PC гејмерите, ќе започне од 20 јануари и ќе трае до крајот на месецот. Финалната верзија на играта, меѓутоа, излегува на 21 февруари.

Guerrilla Cambridge, развојното студио најдобро познато по работата на Killzone: Mercenary, ќе биде затворено. Sony потврди дека таквото нешто е неизбежно и е дел од најновиот план за реструктурирање.  Ова не е првото студио на кое Sony ги затвори вратите. Во март претходната година го затворија и Evolution Studios (DriveClub), а и отпуштија многу вработени од San Diego одделот во септември.

Skyrim script extender e корисен додаток кој би требало да овозможи сите модови кои функционираа со оригиналната Skyrim да работат и со надградената специјална едиција. Додатокот се очекува да излезе во март, а за тоа како точно би можел да функционира, погледнете го најновото видео од тимот.

Guardians of the Galaxy, од талентираните Telltale, би требало да нè израдува со првата епизода на пролет. Продавницата GameStop го рекламираше продуктот како сосема нова приказна во универзумот на невообичаените херои, чии имиња се Star-Lord, Гамора, Дракс, Рокет и Грут. Се верува дека излегувањето на играта е предвидено за 25 април, недела пред филмската премиера на Guardians of the Galaxy Vol. 2. Ваквите податоци бргу и беа повлечени по нивното објавување.

The Sims 4 имаше интересна недела. Првин, го најавија излегувањето на додатокот за вампири во играта, а неколку дена потоа и го најавија и воведувањето на бебиња, што, во најмала рака, е исклучително невообичаена серија од настани. Додатокот за бебињата е бесплатен за сите и веќе можете да почнете да си играте со малите ѕверчиња и да ги учите да играат и зборуваат, како и да развиваат нови вештини. Додатокот за вампирите, пак, ќе проба да ве исплаши подоцна во месецот.

2 коментари на “Гејминг новости од минатата недела #16

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии