Гејминг новости од минатата недела #14

Кои настани и новости ја одбележаа гејмерската индустрија неделава? Добредојдовте во најновиот извештај за вашето омилено хоби, четиринаесетто издание.

И уште едно топло добредојде ви посакуваат скоро сите продавници на дигитални игри. Со бројни распродажби и попусти до 90% возбудата беше воздигната до таа мера да Steam, потпомогнат од DDoS напад, едноставно мораше да ги прекине сите услуги. Сѐ уште не се знае причината зад немилиот настан, но пет минути по враќањето во нормала, официјалната FB страна на Steam ja даде следната изјава:  „Зимската распродажба на Steam продолжува и денес, сѐ до 2 јануари! Заштедете на илјадници игри за Windows, Mac and Linux!“. Steam, по сѐ изгледа, реши да се преправа како ништо да не се случило и, како последица, разбесни легија од корисници кои не беа удостоени со соодветно објаснување.

Во случај да барате задоволување на вашите шопинг аспирации на друг фронт, GOG е солидна DRM-Free алтернатива која има попусти на бројни (пакети од) игри, Origin нуди солидни попусти на повеќето игри од нивниот каталог, а, меѓу другите, во сличен кош се најдоа и Green Man Gaming, и GamersGate.

Valve, истата компанија која стои за Steam, треба да исплати 2.2 милиони долари поради прекршување на законите за потрошувачите во Австралија. Ваквата пресуда се донесува откако Австралискиот федерален суд утврди дека компанијата е виновна во пласирање лажни изјави во врска со различни права, гаранции и овластувања кои се косат со законите на потрошувачите во Австралија. Valve има до 20 февруари шанса да поднесе жалба и да проба да ја отфрли пресудата.

Resident Evil: Vendetta, јапонски CG анимиран филм кој треба да се појави во 2017-та година, објави нов трејлер. За приказната е заслужен Макото Фуками (Psycho-Pass), а за режисерските должности – Таканори Цуџимото (Hard Revenge Milly, Ultraman X).

Mafia III доби ново бесплатно DLC кое целосно се посветува на вашите возачки аспирации така што воведува 10 нови опции за прилагодување на автомобилите, нов мод за тркање и три нови изгледи за Линколн. Авторите ветија уште бесплатни додатоци во иднина.

Crytek, разивачите зад технички импресивниот CryEngine, веќе подолго време крпат крај со крај за да конечно не започнат со додатно затворање студија и отпуштање вработени. Не можејќи да излезат во пресрет на финансиските предизвици, студијата во Будимпешта, Истанбул, Сеул, Софија, Бугарија и Шангај ќе бидат затворени, а функционални ќе останат само две, тие во Франкфурт и во Киев. Оние кои и понатаму работат се соочени со чести и се подолги доцнења во исплатата на платите.

Minecraft 1.10 е најновата верзија на играта за конзоли која го проширува искуството со значителни промени во endgame содржините, но и додава нови мобови, блокови и предмети. Со надополнувањето, конзолашите конечно добиваат крилја, благодарејќи на предметот Elytra. Сево ова, додатно збогатено со нова професија и статус ефекти, ја поставува оваа верзија чекор поблиску до таа за PC.

Super Mario Run достигна 50 милиони преземања и Нинтендо реши да ги награди играчите со 10 бесплатни Road Rally билети. Ваквата цел се зацртува по само една недела од излегување на играта, а, уште поинтересно, само во првите четири дена, играта броеше 40 милиони преземања. Super Mario Run е бесплатна за играње, но за отклучување на сите нивоа потребно е да платите 10 долари.

Sniper: Ghost Warrior 3 се поднови со нов гејмплеј приказ каде развивачите играат цела мисија од кампањата за еден играч и дискутираат за бројните новитети во третиот продолжеток од овој серијал. Играта излегува на 4 април за PC, PS4 и Xbox One.

Civilization VI и нејзиното најново DLC ви дозволува да играте со полската средновековна кралица, Јадвига. За цена од 5 долари, ви стојат на располагање уникатни способности како крадење територија со градење тврдини и полесно ширење на религијата во околните градови. Додатокот доаѓа и со сценарио кое, низ 60 редови, кои ќе ви помогне да ја браните Полска, Прага и Виена од освојувачите. Покрај ова, авторите исфрлија и уште едно DLC кое е од сличен карактер, но во чест на Викинзите. Сево ова е препратено со огромното зимско надополнување кој внесува бројни подобрувања за играта.

Blizzard објавија за нивната игра Overwatch во која се открива како Трејсер споделува бакнеж со девојка. За Русија, по сѐ изгледа, тоа е огромно не-не, бидејќи таквите „геј пропаганди“ се косат со руските закони и „можат да влијаат на малолетните лица“. Поради тоа, руските фанови, видно разбеснети, можат да споделат бакнеж само со предната корица на стрипот.

Празнично расположение

GTA Online никако не сака да го прескокне збогатувањето на празничното расположение и им дозволува на играчите да се радуваат на снег како и да заиграат во нов Adversary мод. Наречен Juggernaut, модот им дозволува на играчите да навлезат во оклопи од тешка категорија и да го искусат задоволството од користење епска верзија на chaingun. Додатно, сите кои ќе се логираат во играта на 25 декември ќе добијат маска, но и пижами до духот на празниците, како и муниција од различен тип.

Cossacks 3 исто така се поднови со симпатично надополнување во пресрет на новогодишните празници и главното мени, корисничкиот интерфејс и одредени визуелни елементи низ играта се имаат претопено во божиќна тема, а нова мисија ќе ви дозволи да ги спасите ирвасите на Дедо Мраз, но и да барате божиќни дрва низ бројните мапи, но и селани со интересни пакетчиња.

Fallout Shelter, одличната постапокалиптична игра за вашата мобилна направа, доби новогодишно надополнување со бројни декорации, облека, како и квестови.

Тука не е крајот на игрите кои имаат новогодишни или божиќни теми и на слично изненадување би наишле и кога би ги заиграле следниве наслови:

  • Battlefield 1
  • Call of Duty: Infinite Warfare
  • Call of Duty: Modern Warfare Remastered
  • Dead Rising 4
  • Destiny
  • The Elder Scrolls Online
  • FIFA 17
  • Final Fantasy XIV
  • Final Fantasy XV
  • Gears of War 4
  • Guild Wars 2
  • Heroes of the Storm
  • Hitman
  • The King of Fighters XIV
  • Minecraft
  • Overcooked
  • Overwatch
  • Planet Coaster
  • Pokemon Go
  • Rainbow Six Siege
  • RollerCoaster Tycoon World
  • Street Fighter V
  • Starbound
  • Star Wars: The Old Republic 
  • World of Warcraft

Пријатно играње! :)

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии