Гејминг новости од минатата недела #13

Кои настани и новости ја одбележаа гејмерската индустрија неделава? Добредојдовте во најновиот извештај за вашето омилено хоби, тринаесетто издание.

Dawn of War 3 ги удостои фановите со прв приказ на фракцијата на Орците. Низ четириминутното видео ќе се најдете лице-в-лице со бесот на зеленокошците и уште еднаш ќе се потсетите зошто Dawn of War 3 е една од најочекуваните игри во 2017 година.

Battlefield 1 ги задеваше фановите со нова слика, според која, додатокот They Shall Not Pass ќе нѝ дозволи да заиграме со француската армија. Втората армија која ќе биде воведена со додатокот ќе биде од Русија, а авторите не ја исклучуваат можноста за додавање и трета светска сила. Додатокот излегува на март, а до тогаш го имате на располагање неодамнешното надополнување.

Resident Evil 7 е јапонско дело, а ако по нешто се познати јапонските развивачи тоа е по правење исклучително морничави трејлери. Она што ќе го видите е вториот телевизиски трејлер кој во никој случај не сака да го побие горе-искажаното стереотипско мислење.

Final Fantasy 15 ќе добие бесплатно надополнување на 22 декември. Покрај најразлични елементи за обележување на сезонските празници, играчите ќе имаат на располагање New Game Plus. Сопствениците на премиум едицијата на играта или сезонската пропусница добиваат премиум подарок со многу повеќе изненадувања како додатоци за битка, облека и рамки за фотографии.

Super Mario Run конечно пристигна на iOS, а во чест на излегувањето, креаторот Шигеру Мијамото, седејќи на кауч со iPad Pro and Apple Pencil, ни даде мал увид во креативниот процес така што нацрта скеч со омилениот водоводџија.

The Walking Dead: Season Three – A New Frontier ќе излезе на 20 декември, но пред тоа, авторите Telltale ќе објават таканаречен генератор за приказна кој, преку вашите одлуки низ 42 различни ситуации, ќе проба да одлучи каков сте во поглед на преживувачките аспирации. Генераторот е првенствено замислен да помогне на оние кои не ги играле првите две сезони затоа што одлуките од претходните две игри влијаат на третата.

Subnautica се поднови со ново надополнување. Precursors буди нова вонземна технологија и тајни кои преколнуваат да бидат истражени.

Warhammer: End Times – Vermintide ги отвори портите на Karak Azgaraz. Додатокот им дозволува на фановите да се втурнат во нова приказна низ три нови нивоа , како и две нови оружја и достигнувања. Додатокот е моментно само за PC, со најава за излегување на соодветна верзија за конзолите во блиска иднина.

Ubisoft уште еднаш ви дозволува бесплатно да ги присвоите седумте игри кои ја одбележаа нивната годишнина низ месеците. До 18 декември сите заинтересирани ќе можат да ги земат Prince of Persia, Splinter Cell, Rayman Origins, The Crew, Beyond Good and Evil, Far Cry 3: Blood Dragon, и Assassin’s Creed III, а во процесот и да добијат уникатно достигнување за нивниот профил.

Dead by Daylight е бесплатна за играње викендов. Играта е мрежна ко-оп игра со интересен концепт каде еден играч е убиец, а четворица други се трудат да извлечат жива глава. Во случај да ви се допадне ваквото нешто, насловот се продава со 30% попуст.

The Division, чедото на Ubisoft кое вети многу, а испорача малку, исто така е бесплатен за играње викендот. Покрај попуст од 50% играта се надева да привлече нови и стари играчи по серијата исправки и надополнувања.

Gears of War 4 започна со првиот празничен настан. Gearsmas се одликува со тематска содржина во пресрет на новогодишните празници и покрај облека и изгледи на оружја имате на располагање нов мод наречен Snowball Fight, каде, претпоставувате, ги лечите вашите убиствени фрустрации преку фрлање снежни топки.

Denuvo, краторите зад најкомплексната DRM заштита ги побија шпекулациите дека враќаат пари доколку нивната заштита се пробие за одреден временски период. Ваквата изјава беше дадена откако DOOM ја исфрли Denuva заштитата, а сите светски гејминг сајтови почнаа да претпоставуваат дека тоа е затоа што играта е пробиена, а Denuva наводно враќа пари доколку таквото нешто се случи набргу по излегување на некоја игра.

Minecraft доби нов пакет кој овозможува локации и ликови од серијалот Fallout. За шест долари, вредните копачи добиваат пристап до Diamond City и Tenpenny Tower, 44 нови изгледи на ликови, музика од пост апокалиптичниот серијал и суптилна промена на корисничкиот интерфејс како би потсетувал на стилот на Pip-Boy 3000.

Games Republic, една од популарните продавници за продажба на дигитални игри, како гром од ведро небо, најави дека ќе ја згаснат продавницата на крајот од годината. Моментно, продавницата не продава игри, а сите кои купиле игри од продавницата имаат време до 31 јануари да ги преземат игрите или клучевите.

DOOM го исфрли последното DLC, Bloodfall. Додатокот го проширува искуството со три нови мапи за мрежни пресметки, демон, оружје и опрема. Со цел да го прослават излегувањето на Bloodfall, развивачите дозволуваат двојно побрзо приграбување искуствени поени.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии