Гејминг новости од минатата недела #12

Кои настани и новости ја одбележаа гејмерската индустрија неделава? Добредојдовте во најновиот извештај за вашето омилено хоби, дванаесетто издание.

FPS игри на годината е нашата скромна листа од најдобрите пукачки игри во прво лице кои дефинитивно ќе остават белег во 2016-та година. Разгледајте ги нашите предлози, а потоа придружете нѝ се на социјалните мрежи и гејминг секцијата на ИТ форумот за да го дадете вашиот глас за игра на годината!

The Elder Scrolls Online најавија дека нивното идно надополнување, наречено Homestead, ќе им дозволи на ммо играчите да купат дом. Планирано да излезе на почетокот од новата година, Homestead ќе биде бесплатно за сите, а купениот дом ќе можете да го уредите со околу 2000 парчиња мебел. Авторите ветуваат околу 40 видови домови од различна големина и архитектонски стил.

Star Wars: Battlefront ќе стане дел од EA Access програмата веќе од 13 декември. За месечна претплата од 4 евра, ваквата програма ви дозволува да играте некоја од триесетте игри на понуда. Од неодамна, Mirror’s Edge Catalyst навлезе во трезорот, а сега дојде време и за популарната мрежна игра во Star Wars универзумот. Претплатниците на програмата уживаат и во 10% попуст. Кога сме кај попусти искористете го и следниот код (GIFTOFPLAY) за дополнителен попуст од 30%!

Modern Warfare Remastered ќе ги израдува играчите со шест бесплатни и исклучително носталгични мапи. Bloc, Countdown, Pipeline, Showdown, Strike, и Wet Work  се графички надградените алтернативи од оригиналната Modern Warfare, а Hardpoint и Gun Game се двете мапи кои се воведоа подоцна во серијалот. Мапите стануваат достапни за јавноста на 13 декември, а на крајот од истиот месец, развивачите Raven Software планираат празнична преработка и на мапата Crash.

Battleborn ќе доживее огромни промени со најновото надополнување. Помеѓу бројните исправки, се очекува сите 25 херои веднаш да станат достапни за играње, а и да располагаат со нови способности. Мисиите од приказната ќе нудат подобри награди, но и бројни промени во корисничкиот интерфејс, дневни задачи, зголемување на ранковите, како и 4K поддршка за PS4 Pro.

Battlefield 1 е уште една одлична игра и озбилен кандидат за FPS игра на годината, но што доколку се најде во рацете на откачениот Конан Обрајан? По „рецензирање“ на Final Fantasy 15, харизматичниот гејмер-кој-не-е-гејмер реши да ја провери Battlefield 1 заедно со Тери Крус и еден куп зајчиња и кутриња. Резултатот од таквото нешто? „Battlefield 1 ќе ве принуди да уринирате, толку е добра!“

DOOM, уште една од нашите предлози за FPS игра на годината, ја одстрани најкомплексната DRM заштита – Denuvo. Doom, меѓутоа, не е првата игра која реши да ѝ каже збогум на оваа заштита, Playdead го направија истото преку една од закрпите за Inside. Mногумина претпоставуваат дека Denuvo ги враќа парите доколку излезе крак за некоја игра во првите три месеци. Ваквата „теорија на заговор“ е додатно потпалена од фактот дека и за двете игри веќе има излезено крак.

Shadow Warrior 2 го доби своето прво, бесплатно DLC. The Way of the Wang е пакет од седум мисии кои се базирани на крвави борби во арени и откачени шеги за, па, со оглед на тоа дека името на главниот лик е Вонг, претпоставувате за што. :) Со завршување на седумте мисии ќе добиете исклучително моќно оружје наречено Fist of Gozu. Во чест на ова, играта се продава со 25% попуст.

Batman: City of Light е последната, петта епизода од уметничката визија на Telltale. Епизодата излегува за повеќето платформи на 13 декември, а авторите ветуваат огромни расчленувања во приказната, во зависност од тоа какви одлуки сте донесувале во претходните епизоди. Во пресрет на епизодата, Telltale објави закрпа за PC верзијата, надевајќи се дека ќе ја подобри оптимизацијата на оваа платформа. Со оглед на тоа дека првата епизода е бесплатна на Steam, можете точно да видите како е играта оптимизирана за вашата конфигурација.

Pewdiepie вети дека ќе го избрише неговиот канал откако ќе собере 50 милиони „претплатници“. Моментот за исполнување на таквото ветување дојде и познатиот јутубер навистина го избриша неговиот канал, но не оној за кој повеќето претпоставуваат. Она што Pewdiepie избриша е неговиот втор канал, Jack septiceye2, кој имаше 1 милион „претплатници“.

Bully, една од култните игри на Rockstar, се појави и за iOS и Android направите. Во чест на десетгодишнината, Bully: Anniversary Edition се одликува со целосната содржина од оригиналната игра како и со сите надградби кои се појавија со верзијата Bully: Scholarship Edition. Додатно, верзијата е прилагодена за монитори со висока резолуција, но и проширена со нови содржини во мрежниот дел. Преку Rockstar Games Social Club акаунтот можете безболно да ги префрлувате вашите сочувани сесии низ сите направи.

The Last of Us 2 доаѓа, а песната која Ели ја пее во трејлерот достигна прво место на UK Spotify листата. Песната е на Shawn James & The Shapeshifters и се вика Through the Valley. Преслушување на сите песни имате на Bandcamp страната на групата или преку долното видео. Што се однесува до претпоставките за причината која ја разбеснила Ели до тој степен да бара крвава освета, многу гејмери веруваат дека (SPOILER) (SPOILER) (SPOILER) (SPOILER), Џол е всушност мртов и дека Ели поминува низ фази на длабоката психолошка растроеност.

А на некое друго место и во некое друго време, DICE потврди дека Star Wars Battlefront 2 ќе се одликува со чистокрвна кампања, Capcom сака да продаде 4 милиони копии од Resident Evil 7 само на првиот ден од излегувањето на играта, Final Fantasy 15 ќе добива бесплатни додатоци, Titanfall 2 приредува викенд со двојно печалење XP, најновото надополнување за GTA V ќе биде поврзано со крадење автомобили, а, низ триминутно видео, Funcom покажаа што всушност треба да очекувате од нивното најново чедо, Conan Exiles!

За крај, мало потсетување дека Digital Chaos и Сакса без пораз на Boston Major, Јужна Кореја ке ги казни оние што мамат во е-спортот со затвор, Ubisoft ја подарува Assassin’s Creed III, а GG.mk посвети епизода на The Games Awards.

Која вест највеќе ви се допадна? Која пропуштивме? Кажете нѝ во коментарите, на друштвените мрежи или во гејминг секцијата на ИТ форум!

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии