Гејминг новости од минатата недела #102

Kои настани и новости ја одбележаа гејмерската индустрија неделава? Добредојдовте во најновиот извештај за вашето омилено хоби, 102-то издание!

Студеното време стега, а снегот неуспешно се труди да ги затрупа сите гејминг вести од минатата недела. Премрзнати, и по успешно направени два снешковци, нè стопли веста дека за Dragon Age: Origins произлезе огромна закрпа која исправа 790 багови. Додека ја преземаме неофицијалната закрпа, нашето радување за повторна посета на хитот на Bioware се пренасочува кон хитот на Obsidian. Pillars of Eternity 2: Deadfire доби солидни можности за систем со битки кој е заснован на редови (turn-based). Бесплатното надополнување дава целосно нова димензија во и онака одличната игра. Растргнати во еуфорија на овие две RPG игри, од необјаснива причина почнуваме да размислуваме за судбината на Fallout 76 и дали навистина би можеле да биде бесплатна за играње – тема на која многу се дискутираше неделава. На сивите пазари, играта чини помалку од 500 денари, што е историско намалување кое не очекувавме да дојде по само два месеци. Bethesda, меѓутоа, не намалуваат со работата на насловот и разговараа неделава за нов PvP мод кој би требало да излезе во март. Со оваа вест, челни лица од Bethesda побрзаа и да ги негираат гласините дека играта ќе биде бесплатна за играње.

Фокусирајќи се на поубави работи, бараме задоволување на нашата MMO потреба на други фронтови. Па така, прочитавме за тоа дека EverQuest добива нова земја и нови рејдови. По се изгледа, дваесетгодишнината планираат да ја одбележат на висока нота. Новитетите, во кои е вклучена и нова приказна, ќе бидат целосно бесплатни. Во случај да сте по survival MMO игри, би можеле да го насочите вниманието и на Last Oasis. Оваа игра во ран пристап им дозволува на сите играчи да се движат во бродови, користејќи ја дигиталната сила на едрата, но и на механичките нозе.

Игри во отворени светови, отсекогаш привлекувале поголема група гејмери. Токму поради тоа, воопшто не сме изненадени од најавата на Generation Zero – шутер кој ви дозволува препукување со ретро роботи во исклучително отворен свет. Кога веќе повлекуваме неколку паралели во научно фантастични води, не е лошо да ве информираме дека доколку сакате да ја играте Metro Exodus потребен ви е компјутер со најмалку Intel Core i5-4440 процесор, 8GB RAM, и GeForce GTX 1050. Препорачаната конфигурација, меѓутоа, бара процесор од ранговите на i7 и GeForce GTX 1070 графичка карта. За максимална графичка исполнетост, побарувачката е значително поголема и се заснова на Intel Core i9-9900K, 16GB RAM, и GeForce RTX 2080 Ti. Да, Metro Exodus се заканува да биде она што беше на времето Crysis. Минатата недела беше и недела на Anthem. Многумина гејмери конечно можеа да го проверат идниот хит на Bioware и отворено да позборуваат за не инспиративната амбициозност удавена во технички недостатоци. Општото мислење беше дека се работи за игра која влече инспирација и од Destiny и од Warframe, но некаде помеѓу таквата желба успева да се истакне само како наслов кој има криза на идентитет. Вакво редење sci-fi вести не е на арно и чувствуваме потреба да потенцираме дека доколку сакате да се втурнете во малку поразличен формат на овој жанр, би можеле да ја проверите и нашата листа од 10 најдобри sci-fi серии од 2018 година.

Ни хорор жанрот не беше запоставен и неделава се пружи ексклузивна можност да се провери демото за Resident Evil 2 Remake. Поголемиот број гејмери беа крајно импресионирани од играта, но, од некоја причина, не се сите осмелиле да поминат низ целото демо. Според извештајот до кој ние дојдовме, само 26% од гејмерите имале храброст да стигнат до самиот крај на демото. Играта само што излезе, а веќе слушаме гласини дека Netflix работи на телевизиска серија која е заснована на овој серијал. Како и да е, демото исчезнува на 31.јануари. Неполн месец по RE2R, ќе може да провериме хорор на македонски начин. Wounded излегува на Steam на 28.февруари.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии