Гејминг новости од минатата недела #101

Kои настани и новости ја одбележаа гејмерската индустрија неделава? Добредојдовте во најновиот извештај за вашето омилено хоби, 101-то издание!

По кратка пауза на овој фронт, копаме со полна пареа и откриваме интересни работи. Гејмерската индустрија никогаш не спие, а нашето будно око делува збунето од веста дека Steam сега има над 30 000 игри. И покрај тоа што работите не изгледаат сјајно за Valve, ситуација која се потрудивме да ја покриеме тука, инди сцената и понатаму делува заинтересирана за хаотичното пласирање на Steam. Но, Steam е надалеку посакуваната платформа и од самите гејмери, чија бројка на месечно ниво се има искачено на 90 милиони корисници. Ни најголемиот конкурент на Steam не седи со скрстени раце. Неделава, Epic се изјаснија дека и тие ја применуваат истата политика за враќање игри. Kако и Steam и, доколку не сте задоволни од некоја игра која сте ја играле под два часа, парите ќе ви бидат вратени. Очекуваме големи работи од Epic Store, особено откако прочитавме неделава дека играта Fortnite им има спечалено 2.4 милијарда долари. Само во 2018 година. Во случај да сте еден од ретките кои не ја играат оваа игра, побрзајте да навлезете во бесплатното патување на What Remains of Edith Finch. Играва е бесплатна до 24 јануари, а потоа го предава центарот на вниманието на The Jackbox Party Pack. Да, на Epic му оди супер. Само доколку би можеле да излезат на крај со бројните тужби за крадење танцови. Минатата недела, и мајката на детето во портокалова маица реши да бара пари за танцот и ја тужи компанијата. Во случај да ве интересира целата драма со танцовите, дефинитивно кликнете тука.

Оние кои само сакаат да заиграат нешто ново, би сакале да ги израдуваме со вестите дека My Time at Portia конечно излезе од раниот пристап. Во случај да сакате да бидете вовлечени во интересна димензија на создавање работи, истражување свет, борење во зандини, правење свадби и многу повеќе, ова би можело да е играта за вас. Оние кои се задоволни со добриот, стар Minecraft, би можеле да бидат заинтригирани од Effortless Building mod. Слушнавме дека со овој мод, градењето комплексни структури е значително олеснето. Третата епизода на The Walking Dead, пак, ја пружа екслузивната можност да ја продолжите приказната со Клем. Со затворањето на Telltale, не очекувавме дека ќе го здогледаме крајот на овој серијал. До таквото нешто, нè очекува уште една епизода, но на Epic Store. Играта повеќе не се продава на Steam.

Сега за сега, не ви се игра ништо од ова? Во ред е, имате право да сте пребирливи. Исто како и новото DLC за Assassin’s Creed Odyssey. Рекламирајќи се како игра со огромна слобода на избор, особено во одделот во романтика, Shadow Heritage го принудува херојот во хетеросексуална врска, нешто што беше крајно осудено од гејмерите и ги принуди Ubisoft да дада официјална изјава и длабоко извинување. Длабочината доаѓа во различни форми, нешто што нѝ стана јасно откако прочитавме дека Black Desert Online сега има Battle royale мод кој ви дозволува да се втурнете во епски битки помеѓу 50 играчи. Се чини дека корењата на battlegrounds и fortnite се шират длабоко и немилосрдно. Што е одлично за носталгично навраќање на веќе проверените формули. Токму поради тоа, би можело да се израдувате кога ќе чуете дека новата сезона за Diablo 3 почна минатата недела и ви дозволува да си добиете нови крилја, нови оклопи, оружја, и многу повеќе. Во случај да сакате да сакате вашата hack and slash акција да ви биде испорачана директно од вашиот телефон, ова се три игри кои се директно инспирирани од Diablo.

Понекогаш, гејмерот не сака да биде окупиран од минатите наслови, или од моментните. Понекогаш, опуштањето е во градење возбуда за игрите на иднината. Во тој случај, достигнете го соодветното хајп ниво со веста дека Far Cry: New Dawn ќе бара компјутер со барем Intel Core i5 2400 процесор, 8GB RAM, и Nvidia GeForce GTX 670 графичка. За богато графичко искуство, цената произлезе дека е повисока, а данокот во хардверот се мери со Intel Core i7-4790 процесор, 8GB RAM и Nvidia GeForce GTX 970. За Far Cry: New Dawn ќе мора да почекате до 15.февруари, а недела дена по неа, ќе можете да се втурнете во небесните ширини со Anthem. Некаде, помеѓу излегувањето на овие две игри (од 7 до 10 февруари), ќе можете да ја одиграте и приватната бета за The Division 2. Сметаме дека ова е одлична прилика да ве потсетиме дека играта излегува на 22.февруари, а за сите активности ќе има ригорозен систем за барање другарчиња. Оние кои се радуваат за заедничко дружење на фантазиски простори, веќе од јуни ќе можат да истражуваат целосно нова територија и приказна во The Elder Scrolls Online. Најновото проширување на ZeniMax Online Studios се вика Elsweyr и ќе се одликува и со нова класа – Necromancer.

Нашето кафе веќе е допиено, а изворот со интересни вести од неделава се чини исцрпен. До наредното видување, имајте пријатна недела, и останете со it.mk!

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии