Гејминг новости од минатата недела #100

Kои настани и новости ја одбележаа гејмерската индустрија неделава? Добредојдовте во најновиот извештај за вашето омилено хоби, 100-то издание!

Исклучително сме горди што нè читате низ годините и што заедно го дочекавме стото издание на гејминг извештаите. Во чест на тоа, еден читател ќе добие 10 клучеви за игри на Steam, друг читател ќе добие пет игри, а трет три. Други десет читатели ќе бидат наградени со по една игра за Steam. Сè што треба да направите е да го најдете овој пост на нашата официјална Facebook страна, да ја имате лајкнато истата и да оставите коментар за тоа која е вашата игра на годината. Среќните читатели ќе бидат избрани по случаен избор и објавени два дена по објавување на извештајот. Игрите кои ќе ги доделиме се исто така избрани по случаен избор од редакцијата на IT.mk. Среќно!

Минатата недела беше недела на распродажби на игри. Лудилото со попусти до 90% и понатаму продолжува и, оние кои бараат уште пониски цени, би можеле да го заобиколат Steam и да ја проверат ситуацијата во GOG, Green Man Gaming, или Origin. Не застанувајте тука, и тркнете и до GamersGate, GamesPlanet, Voidu, или Fanatical.

Call of Duty: Black Ops 4 доби надополнување кое ја воведе Operation Absolute Zero за PC гејмерите. Надополнувањето ви дозволува да го проверите најновиот специјалист со инвентивната алатка за хакирање и EMP граната. Сопствениците на сезонската пропусница, пак, добиваат пристап до две нови мапи за мрежно препукување. Dead of The Night е нова мапа за зомби фанатиците.

Life is Strange 2 доби филмски трејлер. Авторите зад ваквите трогателните наративни искуства, објаснија дека авантурите со браќата ќе можат да се продолжат на 24.јануари, за кога е планирано втората епизода да излезе.

For Honor ќе ви дозволи да играте со четири нови херои. Новата сезона се вика Year of the Harbinger. Сопствениците на пропусницата за третата година ќе можат првин да играат со витез на 31.јануари. Сите останати ќе можат да го купат витезот за 15,000 Steel, односно 15 долари. По витезот, доаѓа самурај, па викинг и на крај кинески воин заснован на традиционална кинеска вештина. Оние кои ќе ја купат пропусницата за 30 долари, ќе добијат и по еден ексклузивен изглед за сите четири херои, ексклузивен ефект, 30 дена шампионски статус, и пет кутии со плен.

The Long Dark стана значително подобра благодарение на најновото надополнување. Играта исфрли две епизоди, а потоа реши да се фокусира на бројни исправки и надополнувања, наместо да работи на преостанатите епизоди. Како што дефинитивно ќе забележите од трејлерот, нема аспект во The Long Dark да не е преработен. Како резултат на тоа, играта е значително подобра од претходниот производ и вреди повторно преигрување, особено за време на новогодишните празници. Третата епизода би требало да излезе пред новата година.

The Walking Dead: The Final Season ќе се продава само на продавницата Epic. Оние кои ја имаат купено играта на Steam, или GOG ќе ги добијат преостанатите епизоди, но сите идни купувачи ќе можат легално да ја искусат играта само преку Epic. Не е тешко да се открие причината зад ваквата одлука. Од секоја продадена игра, Epic дава 90% од средствата, а Steam само 70%. Играта излегува на 15.јануари.

The Quiet Man е една од најлошите игри во 2018 година. Сите засегнати решија да го прифатат поразот со раширени раце и објавија трејлер со кој се слави неуспехот на The Quiet Man. Играта е поевтина за време на моментните распродажби, но дали навистина треба да ја купите? Трејлерот го крие одговорот.

И, со малку позабрзано темпо, би ве информирале дека Quake Champions ги отстрани кутиите за плен. Играта со пирати, Atlas, излезе на Steam по неколку одложувања, но е во прилично нестабилна состојба. Најновиот трејлер за Control, пак, ја открива најстарата и, можеби, нај морничавата куќа под опсада.

Од друга страна, се дозна дека Fallout 76 ќе добие нов PvP мод на почетокот на новата година, а The Bard’s Tale 4 ќе добие нова, бесплатна зандана и огромно надополнување. Во меѓувреме, излезе RPG играта Atom од раниот пристап на Steam. Фановите на првите Fallout и Wasteland дефинитивно би требало да ја проверат.

1 коментар на “Гејминг новости од минатата недела #100

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии