Гејмерите го рејдаа Собранието… и ја пропуштија шансата

Може да го разберете моето изненадување кога добив покана да одам во Собранието на Република Македонија за јавна дебата за гејминг. Што? Но, знаев дека видеоигрите и станаа интересна тема на пратеничката Лидија Димова која неодамна го спомна е-спортот кога се расправаше за Законот за спорт. Тогаш г-ѓа Димова направи лоша грешка споредувајќи го е-спортот со јамб, и не беше сфатена сериозно. Овој пат беше далеку поподготвена да дискутира, бидејќи побара од гејмерите да ја научат за терминологијата и да приложат стратегија. И тие одговорија на повикот, праќајќи статистики за вртоглавиот раст на гејминг индустријата и е-спортот… со таа подлога македонската битка за признавање на гејмерите можеше да почне.

Boss HP: 100%

Темата на јавната дебата беше „гејмингот како комерцијална дејност“, што е разбирливо бидејќи кога зборуваме за видеоигри зборуваме за милиони играчи што вложуваат милијарди долари; и за е-спорт турнири кои имаат наградни фондови со шест нули. Очекувањата се дека во Македонија мора гејмингот да се сфати како сериозен бизнис, дека е-спортот мора да се сфати како сериозен спорт бидејќи со години имаме тимови кои ја претставуваат Македонија на интернационални турнири за DotA, Counter Strike или игрите на карти како Magic And Gathering.

Но, гејмерите дојдоа неспремни, збунети дека ќе дискутираат за своето омилено хоби. Стигматизирани дека си го трошат времето на тие штетни и насилни игри, гејмерите ја дочекаа шансата да ги оправдаат видеоигрите како едукативни и образовни алатки, како од Assassin’s Creed или Age of Mythology се учи историја подобро отколку на училиште. Игрите секако се кул, има куп истражувања што покажуваат дека помагаат кон развојот и едукација на децата. Има и истражувања дека шират говор на омраза и помагаат кон асоцијалност и бегање од реалност.

Сето тоа е во ред. Но, таа дебата заврши одамна. Единствената причина зошто гејмерите беа викнати во собраниската сала Борис Трајковски беа парите што гејминг индустријата ги прави. Тие требаше да објаснат како во Македонија може од игри да се прави бизнис.

Boss HP: 50%

Меѓу идеализирањето на видеоигрите, сепак имаше неколку клучни точки што вреди да се запомнат. Првин, дека игрите можат да ви ја доближат недостижната реалност. Земете ги на пример авионските симулации кои првин беа претворени во игри, за потоа таа технологија да се користи во вистинските симулатори. Или енџинот на Total War кој се користи за симулирање на вистински историски битки во документарци на National Geographic. Или виртуелната реалност која буквално ќе ве транспортира од едно на друго место. Изработка на игри значи и работа на нови технологии за кои ви се потребни нови работни места за да ги сместите стотиците инженери, дизајнери, артисти, аниматори, музичари. Игрите се софтвер кој, без разлика дали е креиран од домашни или странски компании што бараат ефтини таленти, може да се продава и директно од Македонија, бидејќи продажбите се случуваат преку онлајн дистрибитувни мрежи.

Би го издвоил говорот на Самуил Петревски од Гоблин, кој беше еден од ретките што зборуваше за бизнис и продажба на физички продукт кој мора да го увезе во Македонија, и да плати царина на царинарници кои се потсмеваат што игра игрици. Гоблин е единствената продавница за игри на табла во Македонија и организатор на различни турнири – oд државни турнири за Magic and Gathering која се игра со физички карти до турнири во Hearthstone која се игра на таблет компјутери. За Самуил турнирите се шанса за најдобрите гејмери да се вработат за своите спонзори или студијата за игри, бидејќи тие не се само гејмери. Тие се програмери, дизајнери, артисти… на кратко, луѓе кои од блиску ја имаат истражено играта и гејминг индустријата.

Тој побара институционална помош за сите македонски е-спортисти кои ја претставуваат Македонија на интернационалните турнири. Македонија вложува во своите спортисти, иако во моментов инвестираните пари во фудбал и ракомет ни се враќаат лошо. Македонија е последна во тие спортови, но 17-та во светот по Magic and Gathering и го имаме еден од најдобрите DotA играчи, Saksa. „Ако треба да се поддржи е-спортот, тогаш институциите треба да го направат тоа сега бидејќи фали многу малку за да направиме нешто“, вели Самуил кој се пожали дека институциите престанале да им даваат логистичка помош, како место каде се организираат турнири.

Бобан Тотовски, претседател на Македонската е-спорт федерација потврди дека имаат проблем со логистика да организираат турнири. „Видеоигрите можеби наскоро ќе ги видиме на Олимписките игри, со нас или без нас“, вели тој. „Но, за почеток мора да се потрудиме да имаме сертифицирани турнири кои ќе гарантираат дека наградите ќе се исплатат“. За таа помош се потребни институциите и регулативите.

Umren, популарен Twitch стример

Umren, популарен Twitch стример

Умрен, познат и како Јане Здравевски, еден од најпопуларните македонски стримери на Twitch, ги претстави баналните проблеми со кои се соочува секојдневно. Тој успеа да најде странски спонзори за своите стримови, но наидува на проблем да им објасни дека во Македонија не може да се плаќа преку PayPal, и дека мора да смени локација на живеење за да има пристап до оптички интернет. Ако не можете да му потврдите на спонзорот дека има основни услови за градење бизнис и кариера, тогаш како ќе очекувате тој да внесе поголем капитал во вас и вашата држава?

WIPE!!1

Гејмингот е бизнис, беше категоричен Aнтони Пешев, еден од членовите од Советот за евроинтеграции кои присуствуваа на настанот. Ова e oчигледната вистина бидејќи денес игрите не се мерат по бројот на гејмери, туку по бројот на заработувачка. Една глупава игра како Candy Crush генерира 50.000 долари на ден, Minecraft вреди 2,5 милијарди долари, Call of Duty: Modern Warfare 3 продаде 8,8 милиони копии за еден месец, а целата франшиза направи над 10 милијарда долари вкупно… Гледајќи во овие бројки, станува јасно дека Македонија мора да инвестира во стартапи, гејминг студија, независни игри.

Но, како? Гејмерите не знаат. Тие сè уште се борат со предрасудите дека си го трошат времето на нешто што вреди милиони долари.

3 коментари на “Гејмерите го рејдаа Собранието… и ја пропуштија шансата

  1. Imase ljuge sto imaa golem kapacitet za gejmingot da go napravat kaj nas sega neznam kade se mislam vo stranstvo deka se edniot bese decktoto Jane li bese mislam,sto igrase warcraft i stranata mislam deka ja imasae warcraft.mk i uste eden znam ama voj mislam deka bese epten onaka spremen Viktor se vikase mislam cpu mu bese nikot na kanter sto gi pravese turnirite na saem so enternet i wcg mislam deka im go prodade na enter a i moze se tuka dvajcata neznam pa pobarajte gi ako se tuka

  2. 1. luge so mislat deka assassin’s creed, call of duty i minecraft se dobri igri nemat pravo da se narekuvat gejmeri.

    2. Makedonija e vtora naj omrazena drzava u site competitive igri (koj ne znae za toa nema dovolno igrano)

    3. Makedoncite nejkat da dadat 3 evra za originalna igra ne pa da ti plakat turniri ili da trosat pari vrz drugi igri.

    edinstvenoto nesto so go priznavam u makedonija se MTG igracite igraam ja na kompjuter nogu vreme ne sum imal sansi u zivo da ja igraam. Drugoto e se za nikade u makedonija ne postojat gejmeri tuku postojat “KANTER” igrac “Dota” igrac “LoL” igrac ” NFS” igrac i ”PES” Igrac u makedonija NEMA luge so ja sledat celata industija i znaat so e dobro a so e loso.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии