GeForce Now – Сѐ што треба да знаете

Како што се подобруваат брзините и квалитетот на интернет провајдерите ширум светот, стримањето на игри наместо нивното играње локално зема прилично голем замав. Иако кај нас можеби и не е најраспространето ова, ситуацијата на светско ниво е малку поразлична.

Еден од најголемите играчи во оваа индустрија од неодамна е GeForce Now. Иако некој може ќе се присети дека сервисот е достапен уште од 2013та година под името Nvidia GRID, до почетокот на минатиот месец истиот беше во бета верзија. Nvidia го направи достапен за јавноста на 4ти февруари, и во моментов е достапен за PC, Mac, Android и Shield TV уреди.

Што е GeForce Now, и како функционира?

Накратко кажано, GeForce Now е стриминг сервисот на Nvidia. Главната придобивка со користењето на ваков сервис е што имате на располагање навистина моќен хардвер на кој што може да уживате во играње, без да платите големи суми на пари за истиот. Ова исто така ви овозможува да испробате некои прилично напредни графички подесувања, како играње во 4K HDR или ray-tracing, на уреди кои што инаку не би можеле да го поднесат истото.

Сервисот работи на прилично едноставен систем – Nvidia има сервери на најразлични локации низ светот кои се опремени со најдобрите Nvidia RTX графички картички на кои вие всушност ги играте игрите. Кога ќе пристапите на сервисот, вие всушност се поврзувате на најблискиот сервер, и ја добивате можноста да уживате во игрите без оглед на тоа каков хардвер имате.  

person wearing orange and black headphones

По ова, сигурно ќе се запрашате колку всушност ова функционира. Од досегашните искуства на корисниците, зачудувачки многу. Секако, потребно е да имате солидна интернет конекција – Nvidia препорачуваат минимум од 10Mbps во обете насоки. Доколку сакате да стримате во HD (720p) резолуција со 60fps, ќе ви треба конекција со барем 20Mbps. И секако, за 1080p60 искуство, ќе треба да имате минимум 50Mbps конекција. Ваквите брзини секако се достижни кај нас, и може да ги добиете кај повеќето оператори.

Една работа која вреди да се спомне е дека ваквиот сервис не е баш најдобра опција за играње компетитивни игри од типот на Counter Strike: Global Offensive, или Overwatch. За да уживате во истите на малку повисоко ниво, вас всушност ви е потребно најбрзо што е можно да го видите резултатот од било кое поместување на глувчето или притискање на копчето на тастатурата. Со оглед на тоа дека со GeForce Now сигналот патува до серверите на Nvidia, па назад до вашиот компјутер, минимално доцнење на истиот е неизбежно. Иако Nvidia тврдат дека пинг до нивните сервери не би требало да надминува 60ms, во пракса резултатите не се толку сјајни. Од друга страна, доколку сакате да се опуштите во кампањата на некоја игра и не ви е потребно multiplayer искуство, сервисот ви пружа одлична можност за истото.

Дали сервисот е бесплатен?

Одговорот на ова прашање е и да, и не. Сервисот е достапен во две нивоа, од кои едното е бесплатно. Другото, кое е познато како Founders членство, ќе ве чини 5.49 евра месечно доколку се зачлените на период од една година.

Секако, како и со многу слични сервиси, доколку планирате поголемиот дел од вашето гејминг искуство да го правите преку GeForce Now, бесплатното членство нема да ви е доволно. Со него добивате стандарден пристап до серверите, и максимално време по сесија од еден час.

boy wearing headset playing computer game

Од друга страна, со Founders членството имате приоритетен пристап, што значи дека кога и да ви се игра, ќе бидете ставени во редот пред сите други со стандардно членство. Исто така, имате подолго време за играње и не сте ограничени на само еден час. За жал, не е неограничено, туку имате 6 часа на располагање, пред да бидете повторно ставени во редот за чекање. Ова членство ви дозволува и да играте со RTX вклучено, нешто што не е достапно со бесплатната опција. Доколку се двоумите за Founders членство, во моментов добивате 90 дена за играње пред таа една година да почне да одбројува па може да видите дали ви одговара истото. Една работа која разочара многу корисници е фактот што Founders членството ви е достапно на максимум една година. По истекот, цените ќе одат нагоре, но засега нема поконкретни информации.  

Кои игри се достапни во моментов?

Ова е една работа по која GeForce Now се разликува од другите слични сервиси – на располагање ви се игрите кои ги имате купено од продавници како Steam, GOG, Origin, и слично. Многу од попопуларните се достапни инстантно кога ќе се најавите на сервисот, додека за други ќе мора да почекате некоја минута додека се спуштат. И да, навистина е некоја минута, спуштањето на нови игри е прилично брзо. Убаво е да се знае и дека секојпат кога ќе зачувате игра, истата е зачувана на серверот на Nvidia, па може да продолжите од каде што сте застанале, дури и од друг уред.

За жал, во моментов планот да ги добиете на располагање сите игри кои се достапни во онлајн продавниците не оди баш по планот. Многу студија за развивање на игри ги повлекоа своите игри или го блокираат пристапот до истите преку сервисот откако истиот излезе од бесплатната бета. Логиката позади ова е дека кога ќе купите игра, всушност купувате дозвола за да ја играте, но не ја поседувате, барем вака ги гледаат работите компании од типот на Activision Blizzard, кои забрануваат играње на нивните игри преку вакви сервиси. Истите компании сметаат дека Nvidia всушност печали пари на нивен грб со тоа што наплаќа за GeForce Now, и покрај фактот што корисниците сепак мораат прво да ја купат играта која сакаат да ја играат. Токму ова е и причината поради која игрите се тргнати од сервисот, и во моментов не се знае дали ќе се вратат и кога.

Колку и дали вреди GeForce Now?

Доколку имате добра интернет конекција, GeForce Now е одличен начин да поиграте некоја од игрите кои ги имате на повисока резолуција, или да вклучите некое од графичките подесувања кои бараат помоќен хардвер од вашиот. Секако, оние кои поминуваат по неколку часа дневно во играње веројатно ќе сметаат дека е попаметно да ги инвестираат парите во помоќен хардвер. Истиот нема да ги ограничи со оние 6 часа по сесија, ниту пак ќе биде проблематичен кога треба да се игра нешто компетитивно, како што споменавме погоре. Иако цената во моментов е прилично разумна, чинејќи нешто над 65 евра на годишно ниво, кога Nvidia ќе ја покачат истата, математиката веројатно ќе оди повеќе во полза на нов хардвер наместо ваков сервис.

Од друга страна, доколку играте по час до два во денот, бесплатното членство е всушност одлична опција да се опуштите малку без тоа да ве чини. Да, ќе бидете ограничени од неколку аспекти, но со оглед на тоа дека не плаќате ништо, веројатно и вреди.  

1 коментар на “GeForce Now – Сѐ што треба да знаете

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии