Франција има нова специјална виза за технички таленти

Франција ќе се обиде да прерасне во технички центар во Европа. Овој примат до пред Брегзит, го имаше Велика Британија, но по излегувањето од Унијата останатите држави членки се обидуваат да го преземат.

Франција веќе има неколку програми за поддршка за стартапи со кои сериозно се инвестира во нови и иновативни компании. Владата креираше неколку инвестициски фондови фокусирани на стартапи. Дополнително, има и повеќе акцелератори и програми за грантови за стартапи.

Сепак новите промени се во нешто поинаква насока. Франција се обидува да ги привлече талентираните странци да се преселат и да работат во Франција. Со новата програма за Француска техничка виза, Франција им помага на француските стартапи поедноставно да дојдат до квалитетен кадар. Програмата иако ја олеснува емиграцијата во Франција, сепак најмногу е наменета за компании во Франција. Токму француските стартапи аплицираат за оваа програма и потоа можат да регрутираат талентирани индивидуалци од целиот свет.

Ова секако ќе помогне најмногу со регрутирање на кадар надвор од Европската Унија кој е во недостаток во Франција. Со тоа ќе се надминат 2 проблеми, првиот секако е решавање на проблемот со регрутирање на талентиран технички кадар, а вториот е влез на различни култури во овој сектор. За глобален успех на стартапите е потребно мултикултурно општество, вели  Кет Борлонган од French Tech Visa за TechCrunch.

Програмата е прилично лесна за влез, компаниите не треба да докажат дека се обидувале да пронајдат кадар во Франција, туку едноставно поднесуваат барање. За административни трошоци за визата се потребни 368 евра што секако не се премногу средства.

Визата беше достапна и досега, но сега се тргнати неколку големи ограничувања. Најпрво досега беше достапна за најголемите 100 компании во Франција, а тоа повеќе не е случај. Втората промена е на образованието на техничките кадри. Повеќе не се потребни завршени магистерски студии за кандидатот да биде вклучен во програмата.

По добивањето, визата трае неколку години и може да се продолжи доколку кандидатот работи во друга компанија, односно ја промени работата откако стигнал во Франција. Дополнително, за да може да дојдат со „техничкиот талент“, виза ќе добијат и членовите на семејството.