For.io Studio – online алатка за лесен и побрз развој на Node.js изработена од Николче Михајловски

For.io Studio е алатка за полесен и побрз развој на Node.js апликации. Автор на платформата е Николче Михајловски, девелопер од Битола, кој сега живее и работи во Лозана, Швајцарија. Платформата може да генерира 95 отсто од кодот кој е потребен за работа на апликацијата. Со ова For.io Studio го забрзува развојниот процес и овозможува кратење на здодевната и рутинска работа при развојот на апликации.

За платформата разговаравме со нејзиниот автор кој со програмирање започнал пред 25 години.

Кажи ни нешто повеќе за себе? Што работиш, каде научи да програмираш?

Роден сум во Битола. Со програмирање започнав пред 25 години, на 11-годишна возраст, на курсеви организирани од „Народна Техника“ – Битола. Тоа беше одличен начин да се научи програмирање, и беше достапно за сите. Во тоа време учевме програмски јазици како Basic и Pascal, работејќи на 286-ки.

Информатиката отсекогаш ме фасцинирала, па за време на моето средно образование редовно учествував на регионални и републички натпревари по Информатика, каде освоив и неколку медали. Потоа завршив додипломски студии по Информатика на ПМФ и магистерски студии на ФИНКИ во Скопје. Моментално со сопругата живееме во Лозана, Швајцарија. Освен со програмирање, се занимавам и со музика. Пријателите ме знаат како шегаџија и само-прогласен виртуоз на гитара. :)

Кажи ни нешто повеќе за studio.for.io, што е, како функционира, на кој најмногу ќе му биде од корист?

For.io Studio е онлајн платформа за брз и лесен развој (RAD) на квалитетни веб апликации базирани на Node.js. Главната улога на оваа платформа е да го зголеми степенот на автоматизација при програмирање и тестирање. Првично, studio.for.io се обидува да ја разбере природата на апликацијата која треба да биде развиена, како и структурата на податоците кои ќе бидат процесирани со неа. Со тоа платформата може да генерира до 95% од изворниот код на посакуваната апликација, што на програмерите им заштедува неколку недели или месеци кои инаку би биле потрошени на досадна рутинска работа. Останатиот дел, секако, треба рачно да се доработи.

Платформата studio.for.io не е замена за традиционалните развојни околини, туку би се користела паралелно со нив.

Дел од клучните функционалности на платформата се:

1. Моделирање на апликацијата која треба да се развие, како и на структурата на податоците кои таа ќе ги обработува.

2. Автоматско генерирање на код (спецификација и имплементација на REST API), базирано на податочни модели дефинирани од корисникот.

3. Автоматско генерирање и ажурирање на интеграциски тестови, со кои би се одржувал висок квалитет на проектот.

4. Инстантно извршување на тестови, со помош на вградени симулатори, со што се постигнува брза повратна информација (feedback) при промена на кодот.

Би сакал да напоменам дека studio.for.io не генерира код само еднократно. Реалност е дека апликациите се развиваат итеративно, дел по дел, што значи дека е потребно континуирано генерирање на код. Најголемиот предизвик на сите генератори на код е како да се ажурира генерираниот код откако ќе биде рачно променет. Тоа е една од причините зошто многу RAD алатки премногу ветуваа, но малку исполнуваа во последниве 2 декади.

Верувам дека најдов практично решение за овој предизвик, па минатата година поднесов апликација во САД за патентирање на мојот изум за автоматско ажурирање на генериран код кој бил рачно променет. Оваа функционалност ќе биде вградена во studio.for.io во иднина, и верувам дека ќе и донесе голема предност на оваа платформа во однос на останатите RAD алатки.

Studio.for.io изгледа како да може да стане сериозна платформа за развој, од каде идеја и желба за развој на ваква платформа?

Во изминативе 14 години работев на развој на различни апликации, во различни компании. Премногу пати сум ги искусил истите проблеми кои се јавуваат при стандарден развој на апликации. Иако софтверските технологии брзо еволуираат, мое мислење е дека и ден денес начинот на кој повеќето луѓе програмираат е многу сличен со тој од пред 15 години. Тој начин на програмирање е застарен и премногу бавен за потребите на модерната индустрија, па верувам дека е потребна сериозна промена.

Секако дека веќе постојат различни кратенки за брз развој на софтвер (на пр. други RAD алатки), кои дел од програмерите ги користат. Притоа програмерите се приморани да направат компромис од аспект на квалитет на софтверот (на пр. типичниот избор: брза изработка или квалитетна изработка) или делумно губење на контрола врз проектот (на пр. vendor lock-in). Мојата амбиција е да развијам технологија за брз и лесен развој на квалитетен софтвер, каде што инженерите нема да се приморани да направат значителен компромис.

Кои технологии се користени за развој на платформата?

Платформата studio.for.io се извршува скоро целосно во интернет прелистувачот (технологии: JavaScript, Angular, HTML, CSS). Интересен факт е дека платформата нема backend, а изворниот код на генерираните апликации се зачувува локално во Интернет прелистувачот, што овозможува висока приватност за програмерите. Апликациите кои се генерираат со studio.for.io се базирани на Node.js, Express и MongoDB.

Каде ја гледаш најголемата придобивка за корисниците на платформата?

Придобивките од правилно користење на studio.for.io се:
– заштеда на време и пари, како резултат на зголемена продуктивност при развој на апликации;
– висок квалитет и полесно одржување на софтверот, како резултат на моќните и лесно одржливи интеграциски тестови.

За илустрација на потенцијалната заштеда на време и пари ќе искористам еден реален пример:
– со користење на studio.for.io, за развивање на еден мој личен проект минатата година ми беа потребни само 3-4 часа, и квалитетот беше одличен;
– доколку истиот проект би се развивал со стандардните технологии (без studio.for.io), би биле потребни 3-8 недели и буџет од $2,000 – $20,000 (бројките се базирани на проценки кои ги добив од 15-тина програмери и софтверски компании ширум светот), а квалитетот верувам дека би зависел од цената.

Кој е планот за монетаризација на studio.for.io?

 Проектот може да се користи бесплатно за некомерцијални цели. За комерцијална употреба, корисниците ќе треба да купат соодветна лиценца.

Имаш ли планови за дополнителен развој? Што е следно?

Да, ова е само почетокот. Следна планирана функционалност е автоматско генерирање на графички интерфејси. Планирани се и уште многу други интересни функционалности, но тие нека бидат изненадување.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии