ФИТРгрантови: ЗОНЕЛ Софтвер -АМБИОН 2.0 иновативно решение за мониторинг на температура и релативна влажност

Овој текст е дел од серијалот “ФИТР грантови” во кои што ги контактиравме фирмите кои имаат ИТ решенија од 79-те добитници на последниот повик за грантови на ФИТР. Идејата зад серијалот е јавноста подобро да се запознае со компанијата, продуктот и очекувањата поврзани со грантовите.

ИТ.МК се обиде да стапи во контакт со сите компании од ИТ секторот и нивните одговори ќе ги објавиме како што пристигнуваат.


Споделете со нас неколку информации за вашата компанија… кога е основана, примарна дејност, тековни клиенти или сл… или ако е ново основана, која е структурата и од кого е основана?

ЗОНЕЛ Софтвер е софтверска компанија основана во 1992 година. Нашите решенија се користат од страна на скоро 1800 различни корисници со профил – трговија, услуги, производство, сметководство, угостителство, маркетинг, државни институции, банки и други финансиски институции. Наша специјалност се програми за сметководство, материјално и комерцијално работење со изобилство на менаџерски ориентирана извештаи за продажба. Нашите софтверски решенија не се ограничени на одредена област и затоа се применливи кај било кој тип на компанија или индустрија.

HELIX Мобилни / PDA уреди – HELIX мобилен – Мобилна продажба и наплата – за секаков вид на трговија на големо и дистрибуција до клиентите, прием и продажба во магацин, инвентар, ресторан операција.

AMBION – систем за точни и навремени мерење на температура и релативна влажност со можност на мерење повеќе точки, со големи можности за подесување во зависност од вашите потреби.

ЗОНЕЛ Софтвер има 22 вработени поделени во 4 сектори: Поддршка на корисниците, Техничка поддршка, Софтверски развој и Сектор за продажба и маркетинг. Младиот тим на ЗОНЕЛ Софтвер се состои од 5 лица со завршен економски факултет и 15 лица со завршени факултети за софтверско инженерство или електротехнички факултет.

Дали може да ни кажете нешто повеќе за проектот за кој добивте финансии од ФИТР? За каков точно проект станува збор?

АМБИОН 2.0 е проект кој има за цел да развие иновативно решение за мониторинг на температура и релативна влажност врз основа на постојното решение на кое ЗОНЕЛ Софтвер работи во последниве две години. Решението одговара на потребите на корисниците на пазарите во Македонија и регионот – Албанија, Косово и Србија, а и пошироко. Има своја конкурентна предност поради својата прилагодливост и конкурентна цена споредено со цените на решенијата кој доаѓаат од главно од земји членки на ЕУ. Во проектот врз основа на истражените потреби на корисниците ќе се развие безжично решение за мониторинг на температура и влага. Исто така ќе се развие иновативна софтверска апликација која на корисниците ќе им овозможи решение кое е прилагодливо за различни индустрии од кои доаѓаат потенцијалните корисници. Во рамките на проектот ќе се имплементира иновативна стратегија за интернационализација на решението која ќе се базира на зголемена едукација на потенцијалните корисници за потребата од вакви решенија во нивното работење. Исто така ZONEL Software ќе имплементира ИСО 9001 стандард и ќе подготви Декларација за сообразност со EN 12830 Стандардот со што ќе ја зголеми конкурентноста на производот и овозможи негова продажба надвор од Република Македонија, на почетокот во земјите од регионот а понатака и во други земји од Европа и пошироко.

Колку време и до кој степен е во развој? Кога најрано би можеле да очекуваме MVP (minimum viable product) од продуктот достапен за јавноста?

Во проектот се работи за надградба и развој на постојното решение кое веќе ZONEL Software го пласира на пазарот во Република Македонија и го користат неколку големи компании од секторот производство и преработка на храна, фармација и други индустрии ( Битолска Млекара, Еурофарм, Плива, Адриамед, Интерком, МЗТ Вабтек, …).

Решението кое е резултат од овој проект очекуваме да биде во фаза на комерцијализација на крајот од првата половина од траењето на овој проект значи за некои 6 до 8 месеци.

Колку ќе ви помогнат дополнителните финансии од страна на ФИТР? Во кои делови од проектот поточно ќе ви помогнат финансиите од Фондот?

Овој проект ЗОНЕЛ Софтвер го развива во последнава година. Средствата од ФИТР ќе помогнат во побрз развој на решението и негово побрзо пласирање на предвидените пазари.

Средствата од Фондот ќе се користат за три главни активности.

  1. Технолошки развој на решението – Развој на безжично решение за мониторинг на температура и релативна влажност врз основа на постојаното решение кое функционира преку ftp кабел – Развој и подобрување на софтверското решение преку развој на протокол за безжично преземање на податоците и креирање на модул за прилагодливи извештаи за различни индустрии.
  2. Имплементација на ИСО 9001 Стандард и изготвување на Декларација за сообразност за EN 12830 Стандард
  3. Маркетинг активности – Подготовка на иновативна маркетинг стратегија за интернационализација и учество на саеми

Дали производот/услугата што го планирате да го развиете е за домашен или интернационален пазар? Која е вашата примарна целна група?

Со решението во прва фаза ќе се таргетираат пазарите во Македонија, Албанија, Косово и Србија. Се работи за Б2Б решение и ќе се таргетираат повеќе сектори каде се работи со производи кои се осетливи на промена на температура и влага, па и повеќе други амбиентални параметри и каде постои обврска за нивно континуирано следење.

Следниве сектори се само некои од потенцијалните корисници на нашето решение: Производство и преработка на храна, млечна индустрија, месна индустрија, фармација, болници, лаборатории, складирање на овошје и зеленчук и други.