ФИТРгрантови: Sigmoid Group- JetMinds, едукативна платформа наменета за ученици во основно и средно образование

IT.mk редакција

во ИТ.МК

Овој текст е дел од серијалот “ФИТР грантови” во кои што ги контактиравме фирмите кои имаат ИТ решенија на последнитe повици за грантови на ФИТР. Идејата зад серијалот е јавноста подобро да се запознае со компанијата, продуктот и очекувањата поврзани со грантовите.

ИТ.МК се обиде да стапи во контакт со сите компании од ИТ секторот и нивните одговори ќе ги објавиме како што пристигнуваат.


Споделете со нас неколку информации за вашата компанија.. кога е основана, примарна дејност, тековни клиенти и сл.. или ако е ново основана, која е структурата и од кого е основана?

Сигмоид е компанија специјализирана во областа на Data Science. Со повеќе од 20 вработени распоредени во две канцеларии (Скопје и New York), работиме проекти на три континенти за клиенти од повеќе индустрии (финансиски институции, телекоми, безбедност, итн).

Проектите се делат на две категории, податочна инфраструктура и custom-made предиктивни модели базирани на вештачка интелигенција. Истите таргетираат стратешки проблеми врзани со зголемување на профитабилноста и оптимизирање на операциите на нашите клиенти.

Компанијата располага со интерно-развиена инфраструктура – Reactor, која овозможува развој и поврат на инвестицијата во многу краток временски период.

Повеќе информации за компанијата: sigmoidgroup.com

Дали може да ни кажете нешто повеќе за проектот за кој добивте финансии од ФИТР? За каков точно проект станува збор?

JetMinds е едукативна платформа наменета за ученици во основно и средно образование.

Платформата овозможува бесплатно учење, на мајчин јазик и по програма која го прати официјалниот образовен модел. Материјата е направена од врвни експерти (вклучително универзитетски професори) од секоја област. Воедно, материјата на JetMinds е прикажана со илустративни примери од секојдневнието, се со цел учениците да ја разберат суштината на проблемите кои ги изучуваат, а не само да учат на памет.

Првично, JetMinds ќе биде достапна со предметот математика, а понатаму ќе се надградува и со останати предмети, пред се со фокус на оние кои се најпроблематични за учениците.

 

За симболична претплата – помала од еден приватен час, учениците и родителите ќе добијат низа дополнителни бенефити кои не се достапни на ниту едно друго место.

Платформата овозможува ученикот преку игра и редовно решавање на голем број задачи да ја совлада целосно тековната материја пред да премине на нов материјал. На овој начин сакаме да се осигураме дека ученикот нема да кумулира дупки во знаењето. Од друга страна, бројните податоци за активноста на секој ученик ни даваат единствена можат да предвидиме со голема прецизност кои дупки во знаењето ги има стекнато секој ученик во претходните одделенија. Технологијата која е вградена за оваа цел е базирана на применета вештачка интелигенција. Истата овозможува JetMinds да препорача лекции кои треба да ги совлада ученикот за да го намали јазот помеѓу материјата која ја учи тековно и она што му е недостаток во знаењето од претходно.

Воедно, како дел од премиум бенефитите, родителите ќе добијат детален и прецизен увид во прогресот кој го имаат децата во учењето.

Колку време и до кој степен е во развој? Кога најрано би можеле да очекуваме MVP (minimum viable product) од проектот достапен за јавноста?

Продуктот е во финална фаза на тестирање. Лансирањето на JetMinds е планирано во декември 2019 година во Македонија.

Колку ќе ви помогнат дополнителните финасии од страна на ФИТР? Во кои делови од проектот поточно ќе ви помогнат финансиите од Фондот?

Тимот на Сигмоид работи на платформата JetMinds од 2017 година. Пред добивањето на инвестицијата од ФИТР продуктот беше функционален прототип и оваа инвестиција само го забрза неговиот развој.

Иако инвестицијата е релативно мала за развој на платформа од големината на JetMinds, сепак истите овозможија со дополнителна инвестиција од Сигмоид да комплетира развојот за пазарот во Македонија.

Дали производот/услугата што го планирате да го развиете е за домашен или интернационален пазар? Која е вашата примарна целна група?

JetMinds ќе се лансира првично на македонски пазар, но платформата е предвидена да се шири и глобално. Сметаме дека сме одлично позиционирани, бидејќи повеќето продукти на едукативниот пазар (Coursera, edX, Udemy, итн) се насочени кон високото образование.

Потребите на нашите корисници се доста поспецифични. На пример, учениците во основно и средно образование, вообичаено се уште немаат доволно познавање од англискиот јазик за учење на продукти како Khan Academy, особено не коплексна материја како математика која следи странска програма. Всушност, поради таа неапликабилност е доста високо и користењето на приватни часови (тутори), кое е исклучително неефикасно во дигиталниот свет во кој живееме.

Дополнително, сметаме дека сме пионири во користењето на машинско учење за детекција на дупки во знаењето, односно препорачување што ученикот да работи следно врз база на истото. Оваа технологија нуди голема компетитивна предност, бидејќи повеќето ученици откако ќе ги кумилираат тие дупки во знаењето не знаат понатаму од каде да почнат со материјалот.

Нешто дополнително што би сакале да додадете?

Се надеваме дека македонскиот пазар ќе биде отворен кон продукт кој ја размрдува статус-кво состојбата во образованието (особено техничките/STEM науки) со најнапредна технологија, како и дека ќе го препознае трудот на еден млад и енергичен тим да пласира или “извезе” македонски продукт во областа на технологијата на глобално ниво.

Во однос на окружувањето, сметаме дека иако се наоѓа на самиот почеток и брои многу недостатоци, македонскиот старт-ап екосистем доживува експоненцијален раст во последните неколку години. Веројатно настаните се временски премногу блиску за да бидат забележани, но Фондот за иновации за прв пат овозможи структуриран пристап до venture capital за македонските компании. Воедно, тоа е клучна компонента за развој на старт-ап компании базирани на скалабилни продукти со потенцијал за експлозивен раст. Веруваме дека една од овие компании многу брзо ќе прерасне во МБИ-10 компанија, нешто што досега беше екслузивитет за компании формирани многу одамна со сериозен државен капитал.

Во оваа насока, наша препорака и желба за понатамошен развој би била превземање повеќе чекори кон smart venture capital. Поточно, следење на веќе успешни примери како Израел, па дури и поразвиените фондови од регионот (на пример бугарските Eleven и LAUNCHub), каде инвеститорот има проактивна улога во развојот на компанијата со учество во бордот, обезбедување на вмрежување, know-how, но и пристап до дополнителни серии на докапитализација со цел забрзување на растот на успешните приказни.