ФИТРгрантови: Сието доо – Скопје – пионерска фирма во Македонија која работи на полето на развој на системите за електрично напојување од сонце и ветер

Овој текст е дел од серијалот “ФИТР грантови” во кои што ги контактиравме фирмите кои имаат ИТ решенија на последнитe повици за грантови на ФИТР. Идејата зад серијалот е јавноста подобро да се запознае со компанијата, продуктот и очекувањата поврзани со грантовите.

ИТ.МК се обиде да стапи во контакт со сите компании од ИТ секторот и нивните одговори ќе ги објавиме како што пристигнуваат.


Споделете со нас неколку информации за вашата компанија… Кога е основана, примарна дејност, тековни клиенти или сл… или ако е ново основана, која е структурата и од кого е основана?

Друштвото за производство на индустриска електроника СИЕТО доо од Скопје е основано 1992 год.

Основната дејност на фирмата е производство на специјална индустриска електроника. Вработените во СИЕТО имаат големо искуство во дизајнот и развојот на: тиристорски управувани исправувачи, DC регулација на број на вртежи на еднонасочни електромотори, фреквентна регулација на асинхрони електромотори, коректори на мрежен напон, непрекинати напојувања, електронски уреди за шински возила и друго.

Како фирма што се грижи за зачувување на животната средина согласно европските и светските препораки, СИЕТО во сите свои производи се труди да вгради компоненти и технологија која ќе овозможи минимална потрошувачка на енергија, отсуство на загадување на околината како и можност за рециклирање на дотраените делови. Исто така, дел од производната програма на СИЕТО се однесува на контрола на квалитетот и мерење на загаденоста на воздухот.Во контекст на нашите заложби за зачувување на природните ресурси, развојниот тим на СИЕТО покрај другото, се занимава и со изнаоѓање нови решенија и можности за искористување на обновлививите извори на енергија.

Сието доо – Скопје е пионерска фирма во Македонија, која работи на полето на развој на системите за електрично напојување од сонце и ветер и има 18 годишно искуство во оваа област.

Компанијата ги изгради и првата енергетски независна еколошка куќа и првата фотоволтаична централа во РМ.

Напоредно со изведба на сончеви електрични централи, СИЕТО ги нуди и своите флексибилни решенија за сопствено изолирано напојување со електрична енергија добиена од Сонце и од ветер за индивидуални и резиденцијални објекти.

Сието доо работи во сопствени деловни простории, поседува најсовремена компјутерска, мернорегулациона опрема и инструменти кои се користат во процесот на производството на нови производи, во одржувањето и срвисирањето во и по гарантниот рок.

Фирмата е сместена во сопствен деловен простот на ул. Коце Металец, 2а, лок. бр. 5. Исто така, фирмата користи и голем магацински простор, сместен во првата еколошка куќа во с. Кадино, општина Илинден.

СИЕТО доо е сопственик и на:

  • првата фотоволтаична централа во Р.Македонија – „СОНЧЕВ ПАРК КАДИНО“, изградена во с. Кадино, општина Илинден, со инсталирана моќност од 10 kW
  • фотоволтаичната централа Сончев Парк – Кадино 2, со инсталирана моќност од 34 kW (КО Кадино КП 58/3)

Централите претставуваат посебни производни целини.

Сервисот на Сието доо – Скопје, за исполнување на обврските од другите свои дејности поседува и користи најсовремена мерна опрема составена од: осцилоскопи, фреквентени регулатори, фреквенц метри, отпорни декади, акумулаторски празнач, стационарни и мобилни дигитални мултиметри. Сервисната служба на Сието поседува сопствено сервисно возило и е спремна да одговори на повик за интервенции на целата територија на Р.Македонија.

Дали може да ни кажете нешто повеќе за проектот за кој добивте финансии од ФИТР? За каков точно проект станува збор?

Потребата од управување со потрошувачката на електрична енергија, следењето на потрошувачката на електричната енергија и преземање соодветни мерки за подобро искористување на енергијата пред нас постави барање за вклучување мерки за подобрување на енергетската ефикасност, приближувањето на алтернативните извори на енергија до малите семејни потрошувачи, преиспитување на периодот во денот во која се јавуваат најголемите потреби од користење на енергијата, беа основите од кои започна проектот 10.000 сончеви покриви.

Досегашната законска регулатива не даваше можност индивидуалните домаќинства да произведуваат електрична енергија од фотоволтаици, а произведените и неискорисени вишоци да се предадат во дистрибутивниот систем на ЕВН. Новиот Закон за енергетика, за првпат во РМ, ја дава можноста индивидуалните домаќинства да монтираат on-grid системи. Бенефитот ќе го почуствуваат самите потрошувачи, со намалувањето на конвенционалните сметки за струја, операторот на пазарот на електричната енергија, поради растоварувањето на системот, како и државата, поради отварањето нови работни места.

Дисперзираната фотонапонската централа, односно сите фотонапонски системи монтирани во рамките на проектот „10.000 сончеви покриви“, освен со придобивката во намалување на енергетската криза во Република Македонија, со својата работа придонесува и за намалување на штетните емисии на СО2 во атмосферата.

По завршувањето на целиот проект, Република Македонија во атмосферата ќе емитува за 30 милиони kg помалку СО2, секоја година, во споредба со еквивалентното производството на струја од фосилни горива. Фотонапонските панели добро се вклопуваат во животната средина, не го нарушуваат екосистемот, не вршат никакво загадување и позитивно влијаат од аспект на намалувањето на емисија на штетни гасови во атмосферата.

Колку време и до кој степен е во развој? Кога најрано би можеле да очекуваме MVP (minimum viable product) од продуктот достапен за јавноста?

10.000 сончеви покриви е истражувачки и развоен проект кои вклучува подобрување на постојните процеси и воведување на нов производствен процес.

Со овој проект се планира проектирање и изведба на индивидулни системи за производство на електрична енергија од сонце (дисперзирана соларна електрична централа) со монтирање фотонапонски панели со вкупно инсталирана моќност од 1.500.000 Wp (500 х 3kW за 2018 година), со вкупно максимално годишно производство на електрична енергија од 2.2 GWh.

Дисперзираната соларна централа ја замисливме во вид на бројни самостојни фотоволтаични системи. Секој систем, со моќност од 1 КW до 5 КW, ќе биде монтиран на покрив на објект, или во двор на индивидуално домаќинство.

Теоретски, на овој начин може да се покријат 10.000 домаќинства во Македонија со систем за сопствено производство на електрична енергија.

Овој проект има јасна комерцијална цел и во досегашниот период, истиот ги помина фазите на демонстрација, тестирање, развој на прототипот и е воспоставена производна-линија.

Проектот „10.000 сончеви покриви“ придонесува за остварување на целта фотоволтаичните системи да бидат исплатливи и за малите инвеститори. Бенефитот од новиот тип на фотоволтаични системи ќе го почуствуваат самите потрошувачи, со намалувањето на конвенционалните сметки за струја, операторот на пазарот на електричната енергија, поради растоварувањето на системот, како и државата, поради отварањето нови работни места.

Согласно податоците добиени од мерната станица на СИЕТО за глобалната сончева инсолација за регионот и искуството што го имаме од просечното производство во нашите две централи, утврдивме дека кај просечен PV систем од поликристален силициум, со номинална моќност од 3 KWp, треба да се очекува загуба поради:

  • температурни разлики 6.2%
  • од рефлексија од аголни несовпаѓања 2.8%
  • други загуби (кабли, инвертор итн.) 3.0%

или вкупно очекувани загуби во системот 12 %

Делумно, овие загуби можат да се неутрализираат со адаптации во носивата конструкција на панелите. Во текот на евалуацијата утврдивме дека:

  1. доколку системот се инсталира како фиксен, со оптимален агол на наклонетост на панелите кон сонцето, очекуваното годишно производство на струја ќе изнесува 4,7 MWh.
  2. истиот систем монтиран како систем со мануелно менување на аголот на насоченост, се очекува годишно да произведе 5,4 MWh.

Иако постојат речиси неограничен број на комбинации и начини на кои може да се постави и да се експлоатира еден фотоволтаичен систем, заклучивме дека е најдобро да се концентрираме на типизација на системите (од 1,3 и 4 kW) .

Комплетирањето на секој систем се состои од повеќе фази:

  • изработка на проектна документација
  • изведување градежни работи
  • поставување носачи и конструкција
  • монтажа на фотонапонски панели и на инвертори
  • поврзување на мерна и управувачка електроника
  • ожичување
  • приклучување на системот со потрошувачите

Сието еден просечен систем од 3kW може да инсталира за 2 дена по принцип клуч на рака.

Колку ќе ви помогнат дополнителните финансии од страна на ФИТР? Во кои делови од проектот поточно ќе ви помогнат финансиите од Фондот?

Со оглед дека СИЕТО е мала фирма, дополнителните финансии кои ги добивме од ФИТР беа единствена можност речиси цела година активно да се посветиме на овој развоен проект. За нас од особена важност беше можноста да набавиме различни типови опрема за да може да ги дизајнираме системите.

Дали производот/услугата што го планирате да го развиете е за домашен или интернационален пазар? Која е вашата примарна целна група?

Во нашето досегашно искуство заклучивме дека проектот 10.000 сончеви покриви, пред се, е наменет за домашниот пазар, за потрошувачи кои можат да се групираат главно во три групи:

  1. Иноватори – успешни, софистицирани, активни лица со највисоки приходи, склони да прифаќаат иновации многу побрзо од другите, преземаат контрола во дадена ситуација, имаат висока самопочит, нивните купувања ги одразуваат нивните вкусови, независност и карактер, a купуваат тесно сегментирани производи поради изобилството ресурси;
  2. Размислувачи – зрели, задоволни и одговорни лица, професионалци, често мотивирани од вредности и идеали, избираат трајни и функционални производи кои им даваат поголема вредност за нивните пари;
  3. Постигнувачи – успешни лица секогаш насочени кон остварување на целите, фокусирани се на кариерата и семејството, вообичаено преферираат скапи производи како одраз на нивните успеси и постигнувања во професионалниот и личниот живот;

Нешто дополнително што би сакале да додадете? :)
Во проодолжение се дадени фотографии од неколку инсталирани фотоволтаични системи:

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии