#ФИТРгрантови: М Нет – ХД платформа за интернет телевизија

IT.mk редакција

во Вести

Овој текст е дел од серијалот „ФИТР грантови” во кои што ги контактиравме фирмите кои имаат ИТ решенија на последнитe повици за грантови на ФИТР. Идејата зад серијалот е јавноста подобро да се запознае со компанијата, продуктот и очекувањата поврзани со грантовите.

ИТ.МК се обиде да стапи во контакт со сите компании од ИТ секторот и нивните одговори ќе ги објавиме како што пристигнуваат.

fitr tabela

Споделете со нас неколку информации за вашата компанија… кога е основана, примарна дејност, тековни клиенти или сл… или ако е ново основана, која е структурата и од кого е основана?

М Нет – ХД“ е новоформирано претпријатие кое работи во областа на интернет информирањето, интернет рекламирање и ИПТВ телевизиска платформа. „М Нет – ХД“ е основана во март 2020 год. од страна на Благој Серсемов, Трајче Андонов и Горан Христовски. Д-р Благој Серсемов е доктор по економски науки и автор на две книги, има 10 годишно работно искуство во странски компании. Трајче Андонов, со 20 годишно искуство во телевизиското работење во телевизии, како монтажер, организатор на телевизиски преноси во живо, графички видео дизајнер и аниматор. Горан Христовски, со 5 годишно искуство во поставување на телекомуникациски кабелски мрежи, како и 15 годишно искуство во телевизиско работење.

Дали може да ни кажете нешто повеќе за проектот за кој добивте финансии од ФИТР? За каков точно проект станува збор?

Идејата за овој проект произлезе од нашето долгогодишно работење во класичен телевизиски медиум и проблемите со недостатокот на иновативност, со кои се соочувавме низ годините.

Класичните телевизиски медиуми имаат проблем со прилагодувањето кон новите техничко-технолошки, но и техничко-социјалните текови на современиот живот. Тоа доведе до поделба на класични телевизиски медиуми, IPTV медиуми, социјални мрежи, Youtube емитувачи, комерцијални IPTV системи (пр. Netflix) и слично. Меѓутоа, наместо општата заложба за постепено обединување на сите сервиси во еден технолошки напреден правец, сведоци сме на се поголема оддалеченост на овие технологии една од друга.

На една страна се класичните телевизиски медиуми и продукции, кои се малубројни, но со голем капитал. Од друга страна се новите т.н. интернет платформи (пр. Youtube, Twitch, Instagram), кои околу бизнис идејата ги собраа помалите продукции и индивидуални продуценти, кои овде ја најдоа шансата преку масовност, со своите аудиовизуелни дела да добијат дел од маркетинг колачот. Меѓутоа овде продуцентите се соочуваат со проблем на строга поврзаност со платформата на која емитуваат и почитување на политиката на рекламирање и авторски права кои се во исклучива надлежност на самата платформа.

Радува фактот што во последниве години се полека се појавува и трета страна, независни IPTV телевизиски медиуми. Заедницата низ целиот свет е доста голема, а веќе се појавија и бесплатни софтверски решенија и платформи за емитување.

Идејата за нашата бизнис-можност е токму оваа „трета страна“. Овде емитувачите се претежно мали телевизиски платформи, кои емитуваат програма во еден сопствен свет. Сами по себе не се доволно моќни да ги задоволат законските услови за емитување во класичните телекомуникациски кабелски оператори и останати класични дистрибутери на телевизиски сервиси. Исто така не се во можност, заради некомпатибилност со класичниот систем, да ги сервисираат средствата за авторски права, законски временски рамки за одредени категории на програми, дефиниција на рекламен простор и слично.

Целта на овој проект е да биде посредник помеѓу првата и втората страна опишани погоре. Односно, да им овозможи на групи од помали продуценти да со обединување на своите аудиовизуелни дела, со соодветно менаџирање, да склопат колаж од телевизиска програма, која ќе ги задоволува законските прописи, со што ќе се создаде телевизиски сервис кој ќе може да биде понуден на кабелските оператори и другите телевизиски дистрибутивни системи.

Освен тоа, потребна е и нова стратегија за рекламирање (ad-sharing) која досега не е имплементирана кај класичните радиодифузери.

Проектот „Повеќенасочна дисперзирана ИПТВ мрежа“, објаснето на едноставен начин, значи телевизија (телевизиска мрежа) која во основа ќе се пренесува преку интернет врски (ИПТВ), но нема да биде централизирана, туку ќе храни со видео материјали од повеќе локации, материјалите ќе се обработуваат од повеќе локации, а најважно, ќе се емитува од повеќе локации. Идејата е, да се искористат големиот број на продуцирани материјали (на пример, емитувања во живо на јутјубери (Youtubers), фејсбук и инстаграм инфлуенцери, IP телевизии), кои преку оваа платформа на менаџмент, колажно ќе се склопат во телевизиски канал/и, кои притоа ќе ги задоволуваат законските регулативи да се регистрираат како телевизии (радиодифузери), во согласност со правилниците на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ).

На тој начин, ќе се пробие патот на овие претежно млади луѓе, кои продуцираат видео програма, да добијат пристап до класично телевизиско емитување (радиодифузијата).

Иновативноста на овој проект е што нема да користи никакви комерцијални софтверски и технички решенија, што досега ги обесхрабруваше помалите продуценти на програма, кои сакаат да ја емитуваат својата програма низ телевизиски радиодифузери. М Нет-ХД платформата ќе биде целосно бесплатна, базирана на серверски-софтверски решенија издадени под општа-јавна лиценца (GPL), кои веќе се достапни.

Колку време и до кој степен е во развој? Кога најрано би можеле да очекуваме MVP (minimum viable product) од продуктот достапен за јавноста?

Проектот „Повеќенасочна дисперзирана ИПТВ мрежа“ е во почетна фаза со извршени првични тестирања, со опремата и во просториите со кои располага „М Нет-ХД“. Заклучокот е дека во лабораториски услови концептот на проектот технички функционира.

Проектот е поделен на три фази.

Во првата фаза, планирано е да бидат ставени во функција три емитувачи на аудиовизуелни дела, со опрема финансирана од овој грант, како симулатори. Ќе емитуваат сигнал од три града: Штип, Кочани и Виница. Обработката ќе се врши во серверот во Штип, а потоа ќе биде реемитувана низ IPTV канали, авторизирани под логото на М Нет-ХД. Емитувачите ќе продуцираат програма од информативен, забавен и спортски карактер, кои не подлежат на авторски права на реемитување, а ќе бидат од тимот вклучен во проектот. Првата фаза планирано е да трае два месеци, при што ќе се спроведат активности за верификација, дали процесот технички функционира.

Во втората фаза ќе бидат организирани првите активности во демонстрација на проектот пред однапред таргетирана публика, како и негова промоција во медиумите. Втората фаза се планира да трае околу еден месец.

Во третата фаза ќе почне реалната примена на системот. Трите технички опремени екипи (Штип, Кочани и Виница) ќе почнат да доставуваат аудиовизуелен материјал до серверот во Штип, каде ќе се врши обработката. Освен овие три екипи, ќе бидат вклучени и доставувачи на аудиовизуелен материјал кои ќе се пријават во втората фаза. Ќе се евалуира работата на секоја од екипите, ќе се врши менаџмент на доставените содржини, ќе се усогласуваат со регулативите на ЗААВМУ и ќе се реемитуваат. Третата фаза се пларина да трае шест месеци.

m>>net logo

Колку ќе ви помогнат дополнителните финансии од страна на ФИТР? Во кои делови од проектот поточно ќе ви помогнат финансиите од фондот?

Од оваа иновација очекуваме значителен напредок во нашето претпријатие. Како актуелен светски тренд и концепт кој што е се уште во зародиш во светот, очекуваме значителни финансиски приходи во наредните години.

Нашите развојни планови се од интернет информативен портал со сопствен ИПТВ телевизиски канал, како што е моменталната ситуација, да преминеме во регистриран радиодифузер.

Со добивањето на овој кофинансиран грант, ќе се случи значително поместување на нашите развојни планови нанапред. Од класичен режим за изнајмување на рекламен простор, кој не е таргетиран според параметри на регион и публика, ќе преминеме во режим на изнајмување на споделен рекламен простор (ad-sharing), кој што е сосема нова димензија кај овој тип на радиодифузери, и не е заситен од конкурентски понуди на услуги.

Доколу успее оваа фаза од проектот, што ќе гравитира помеѓу категориите „proof of concept“ и „пилот проект“, што уште во оваа фаза е предвидено да генерира профит, во следната фаза предвидуваме и активно вклучување во доработка на OBS платформата со сопствени софтверски инженери. Со тоа ќе се подобри работењето во целата стопанска гранка во која делуваме.

Проектот по дефиниција треба да изврши општествено и социјално влијание преку доближување на новата и класичната технологија во телевизиското работење, што е тренд во светот, а на што мора сите учесници во овие стопански гранки да реагираат навремено и постепено да го усогласат своето работење со новите трендови.

Со таргетирање на малите продуценти, јутјубери, фејсбук и инстаграм инфлуенцери и слично, всушност се таргетира младиот работен потенцијал, бидејќи во голем дел ова се претежно млади луѓе. Со ова сметаме дека од луѓе кои што досега видео материјалот, кој барем кај нас, го продуцираат во главно како хоби, би имале интерес ова да го работат како постојано вработени и тоа да биде нивна професија. Со ова мислиме дека ќе проектот ќе има голем потенцијал за нови вработувања.

Дали производот/услугата што го планирате да го развиете е за домашен или интернационален пазар? Која е ваша примарна целна група?

Потенцијални клиенти ќе ни бидат продуценти на аудиовизуелни содржини, изнајмувачи на рекламен простор во аудиовизуелни содржини и маркетинг агенции. Потенцијалните клиенти ќе бидат од целата држава, без ограничувања по региони.

Во првата фаза од проектот ќе се опфати само националниот пазар. Во втората фаза од проектот ќе се направи излез на регионалните пазари, првенствено во Бугарија, Србија, Албанија, Косово и Романија. На регионалните пазари ќе го спроведеме искуството што ќе го добиеме на домашниот пазар.

Нашата компанија веќе има извршено истражување на пазарот и беше констатирано дека на пазарот не постои слична платформа на нашата. Македонскиот пазар веќе неколку години по ред бележи благ, но континуиран пораст во оваа област. Во отсуство на независен мерач на домашниот пазар ние правевме сопствено истражување. За големината на пазарот говори фактот дека во Македонија постојат над 250 регистрирани маркетинг агенции во целата држава и огромен број на мали продуценти, јутјубери, фејсбук и инстаграм инфлуенцери и слично и се бележи континуиран пораст на нивниот број. Како пример од нашата земја има над 500 инфлуенсери на Инстаграм.

Нашата компанија е во процес на групирање на потенцијалните клиенти според тоа како ќе реагираат на нашиот инструмент на продажба. Со нашата детална анализа на пазарот ги увидовме нашите можности за делување. За да обезбедиме поголем прилив на финансиски средства ние го оценивме како добар потрошувачкиот потенцијал на пазарот, пазарот има економска сила да ја купи нашата услуга. Ние како фирма треба континуирано да ја надградуваме нашата платформа и треба да реагираме на промените.

Нашата компанија оствари повеќе контакти со потенцијални клиенти и веќе имаме позитивен интерес за соработка.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии