ФИТРгрантови: Книготека Фондација Македоника – Пакет за производство, продажба и дистрибуција на e-книги

Овој текст е дел од серијалот “ФИТР грантови” во кои што ги контактиравме фирмите кои имаат ИТ решенија од 79-те добитници на последниот повик за грантови на ФИТР. Идејата зад серијалот е јавноста подобро да се запознае со компанијата, продуктот и очекувањата поврзани со грантовите.

ИТ.МК се обиде да стапи во контакт со сите компании од ИТ секторот и нивните одговори ќе ги објавиме како што пристигнуваат.


Споделете со нас неколку информации за вашата компанија… кога е основана, примарна дејност, тековни клиенти или сл… или ако е ново основана, која е структурата и од кого е основана?

Книготека е компaнија за издавачка дејност основана во 2015 година чија главна активност е креирање готови апликативни решенија наменети за дигиталната издавачка индустрија. Светските технолошки трендови и развојот на дигиталното издаваштво овозможија основачите на Книготека да ја создадат Фондацијата Македоника и нејзината прва бесплатна дигитална библиотека во регионот. Македоника е благороден проект чија основна цел е зачувување на националното пишаното културно наследство и промовирање дела на млади, талентирани автори, книги во дигитален формат што на брз и едноставен начин стануваат достапни за бесплатно користење и читање од сите граѓани на Република Македонија, како и нашинците кои живеат во соседните држави и дијаспората. За неколку години постоење дигиталната библиотека објави преку 1.000 бесплатни дигитални наслови и се здоби со 50.000 редовни читатели од земјата и надвор од неа.

Развивајќи ја платформата за потребите на Македоника ја искористивме можноста за надградба на нашата постоечка платформа со создавање уникатно дигитално решение наменето за издавачката индустрија. Во целокупниот досегашен и иден развој на иновацијата е вклучена партнерската софтверска компанија Семос со која Фондација Македоника и Книготека имаат повеќегодишна соработка. Во текот на своето тригодишно работење, Книготека има остварено соработка со најголемата српска издавачка куќа Лагуна и со осум македонски издавачки куќи. Менаџмент тимот на претпријатието го сочинуваат: Андреа Бундалевска, Камелија Спасова, Илија Секуловски и Игор Лештар.

Дали може да ни кажете нешто повеќе за проектот за кој добивте финансии од ФИТР? За каков точно проект станува збор?

Иновативното решение претставува целосно интегриран софтверски пакет за производство, продажба и дистрибуција на електронски книги, наменет и погоден за најголемиот број издавачи од светот. Моделот е составен од две основни компоненти – Back Office (позадинска канцеларија) и апликација за читање за десктоп (Windos и OSX) и мобилни уреди (Android и IOS).

Позадинската канцеларија е комплексно серверско решение за администрирање на целокупното работење на дигитална продавница за електронски книги. Таа овозможува изработка на детални извештаи, групирање на книгите по жанровски категории и организација на корисниците по групи на интерес, што му овозможува на издавачот градење на квалитетна и фокусирана понуда, комплетна контрола врз административното и финансиско работење и создавање ефикасна стратегија за маркетинг и продажба.

Апликацијата за читање е конципирана да го следи највисокиот технолошки развој и да биде во рангот на најдобрите читачи на пазарот. Нејзина основна карактеристика е решението што ние го развиваме за највисоко криптирано ниво на заштита на содржините. Тоа апсолутно оневозможува било каква нелегална дистрибуција на авторските дела – проблем со кој се соочуваат и некои од големите светски агрегатори.

За ефикасна и едноставна продажба на електронските книги во апликацијата ќе биде вграден модул за плаќање со платежни картички или ваучери, што на читателите им овозможува брзо и едноставно купување на електронските книги

Паралелно со равојот на иновативното решение ќе се одвива и фазата на тестирање, а по заокружувањето на готовиот производ следува негова правна заштита, по што ќе започнат маркетиншките и комерцијални активности.

Колку време и до кој степен е во развој? Кога најрано би можеле да очекуваме MVP (minimum viable product) од продуктот достапен за јавноста?

Софтверската платформа започна да се развива уште во 2013 година со создавањето на бесплатната дигитална библиотека Фондација Македоника. Во моментов, прототипот на иновативното решение е во фаза на припремна комерцијална имплементација во Република Србија во соработка со издавачката куќа Лагуна.

Проектот за кој добивме финансиски средства од Фондот ќе се спроведува во времетраење од 2 години. Изработката на производот и негова правна заштита се предвидени во првата половина од проектот додека во втората половина следува негова комерцијализација на светскиот пазар.

Колку ќе ви помогнат дополнителните финансии од страна на ФИТР? Во кои делови од проектот поточно ќе ви помогнат финансиите од Фондот?

Бидејќи се работи за сложен и скап истражувачки и развоен технолошки процес, средствата од фондот се од огромно значење за развојот на овој проект. Најголем дел од средствата ќе се искористат за надградба и развој на нашиот постоечки софтверски систем. Дополнително ќе се искористат средства за патентирање на производот, нови вработувања, комерцијален и маркетиншки настап на светскиот пазар како и тековни деловни активности.

Дали производот/услугата што го планирате да го развиете е за домашен или интернационален пазар? Која е вашата примарна целна група?

Потенцијални клиенти на нашето решение се сите издавачи во светот кои неизоставно мораат да го преориентираат своето традиционално работење со печатење хартиени книги и нивна продажба преку класичните канали на дистрибуција кон продажба на дигитални изданија преку интернет.

Досега, најразвиен е пазарот на електронски книги во САД, каде повеќе од 50% од тиражот е во дигитални изданија, а годишно се затвораат преку илјада традиционални книжарници. Темпото донекаде успева да го следи Велика Британија, каде дигиталните книги минатата година претставуваа 25% од вкупниот тираж. Западноевропскиот пазар на електронски книги делумно заостанува зад пазарот на англо-саксонското говорно подрачје, иако бележи постојан раст во последните години. Во развиените ЕУ држави тиражите на електронските книги веќе достигнуваат 20% од бројот на вкупните изданија. Најголемиот пазар на електронски книги е Германија, а зад неа следат Франција, Шпанија и Италија. Би напоменале дека најголемиот број од електронските изданија во овие држави се продаваат преку 5-те големи продажни агрегатори (Amazon, Nook, Kobo, iBooks i Google Books) кои овозможуваат објавување на книгите на нивниот јазик и писмо. Развојот на индивидуалните дигитални книжарници и тука е во зародиш.

Остатокот од Европа и светот се на самиот почеток во дигиталната книжарска индустрија. Издавачите од источна и јужна Европа, Африка и Азија немаат можност за продажба на своите дигитални изданија преку монополот на големите продажни агрегатори, бидејќи тие не можат да бидат објавени на нивниот јазик и писмо.

Експертите од оваа област предвидуваат дека во наредните 5-6 години насекаде во светот електронската книга ќе доминира во однос на традиционалната, а потенцијалниот пазар е огромен. Токму овој факт, како и фактот што нашето иновативно решение овозможува создавање на индивидуална дигитална книжарница со сите функционалности и текстови што можат да бидат објавени на било кој јазик, го прават нашиот производ единствен и исклучително атрактивен во дадениот момент.

Најголемо внимание Книготека ќе обрне на домашните и издавачите од регионот како и оние од источна и јужна Европа, Азија и Африка каде дигиталното издаваштво е најмалку развиено.