ФИТРгрантови: Инфопројект – Екомонитор ќе овозможи граѓаните и институциите да имаат целосен и точен преглед на загадувањето

Овој текст е дел од серијалот “ФИТР грантови” во кои што ги контактиравме фирмите кои имаат ИТ решенија на последнитe повици за грантови на ФИТР. Идејата зад серијалот е јавноста подобро да се запознае со компанијата, продуктот и очекувањата поврзани со грантовите.

ИТ.МК се обиде да стапи во контакт со сите компании од ИТ секторот и нивните одговори ќе ги објавиме како што пристигнуваат.


Споделете со нас неколку информации за вашата компанија… кога е основана, примарна дејност, тековни клиенти или сл… или ако е ново основана, која е структурата и од кого е основана?

Инфопројект ДОО е информатичка компанија, основана 1989 година, со главна дејност, производство и имплементација на корпоративни софтверски решенија.

Infomatrix, интегриран ERP систем, е најважниот производ на команијата.

Нашите корисници и клиенти се бројни домашни и странски компании. Еве скратена листа од нив:

  • Адинг АД, Скопје – производство на градежни материјали со фабрики во Македонија и Бугарија
  • Imperial Tobacco – интернационална компанија – CRM систем за анализа на продажба (во повеќе земји)
  • Тутунски комбинат АД, Скопје – дистрибуција на цигари
  • Водовод Скопје – Комплетен billing систем и заднинска обработка (во соработка со Дуна)
  • Филолошки факултет „ Блаже Конески“ – Скопје
  • Ветеринарна болница Скопје
  • USAID – Social Impact, САД
  • Факултет за ветеринарнa медицина, Скопје
  • Комерцијална Банка АД, Скопје – систем за BMS
  • Ларс, Штип – производство на производи од конзервиран зеленчук
  • Белина, Скопје – трговија со хемиски препарати и алати за градежништво

Повеќе информации побарајте на нашиот сајт https://infoproject.mk/

Дали може да ни кажете нешто повеќе за проектот за кој добивте финансии од ФИТР? За каков точно проект станува збор

Основната цел на проектот ЕКОМОНИТОР да се овозможи граѓаните и институциите да имаат целосен и точен преглед на загадувањето на воздухот и други параметри кои влијаат на животната средина и квалитетот на живеење.

Ова ќе се постигне со мрежа од професионални уреди за мерење на параметрите и нивно собирање и обработка во единствен централен систем.

Проектот ќе овозможи колективно собирање (аквизиција) на податоци за квалитетот на воздухот, температурата, ветерот и други метеоролошки податоци во урбаните средини во Македонија.

Податоците, после соодветна статистичка обработка, ќе се презентираат на веб-сајт, мобилни апликации, а ќе бидат достапни и преку API (апликациски интерфејс) за користење во други апликации.

Бројот на уреди ќе биде голем, за да може да се има подобра гранулација на резултатите.

Колку време и до кој степен е во развој? Кога најрано може да очекуваме MVP (minimum viable product) од продуктот достапен за јавноста?

Времетраење на проектот е 2 години. Моментално се наоѓа во доцна фаза на развој на почетната верзија т.е се надеваме дека многу скоро ќе имаме MVP. Веќе се во тек две пилот-инсталации во различни општини во Македонија. Наскоро, јавноста ќе биде детално известена за ова.

По лансирањето на MVP, ќе продолжиме со континуирано развивање и додавање на функционалности.

Колку ќе ви помогнат дополнителните финансии од страна на ФИТР? Во кои делови од проектот поточно ќе ви помогнат финансиите од Фондот?

Дополнителните финансии од ФИТР играат голема улога во извршувањето на проектот. Бидејќи станува збор за многу комплексна имплементација која се развива од почеток, потребни се големи ресурси за целосно изведување.

Нашата компанија учествува со 30% во вкупната сума на проектот, што значи дека и самите сме инвестирале во успехот, особено што се работи за значајна сума.

Финансиите главно се трошат на набавка на репро-материјали и развој на софтверот. Се користат сензори со индустриски квалитет кои се калибирани и CE сертифицирани во ЕУ – што значи дека се проверени и одобрени од надлежните институции во ЕУ.

Со проектот е планирано да се произведат околу 220 мерни станици и околу 40 комуникациски станици.

Дали производот/услугата што го планирате да го развиете е за домашен или интернационален пазар? Која е вашата примарна целна група?

Проектот, освен на домашен терен, има и голем регионален (а зошто не, и поширок?) потенцијал. По опфаќањето на македонскиот пазар, планираме да се прошириме и во соседните земји – кои се соочуват со истите проблеми со загадувањето како и ние тука.

Веќе имаме контакти со одредени заинтересирани страни во околните земји од Балканот.

Нешто дополнително што би сакале да додадете? :)

Екомонитор е првиот целосно македонски производ од својот тип наменет за комерцијална употреба.

Прашањето кое често го добиваме е зошто сме ние различни?

  • Освен мерење на параметрите за загадување на воздухот, ние ќе мериме податоци и за: звучна (сонична) загаденост (бука во урбаните средини), радијациска изложеност (гама зрачење), UV зрачење, осончување (соларизација) – битен податок при употребата на фотоволтаични ќелии, јачина и насока на ветер, итн. Овие дополнителни сензори нема да се наоѓаат во секој уред, туку на одредени релевантни позиции каде што ќе биде утврдено дека се од интерес и секако – на желба на купувачот.
  • Бидејќи ќе имаме воспоставена независна комуникациска мрежа за размена на дигитални податоци, со неа ќе можат да се споделуваат и други видови на измерени податоци: загадување, киселост и влага во почва, загадување на води во реки и езера, водостои, итн.
  • Податоците кои ги собираат сензорите ќе бидат јавно достапни во изворна (raw) форма за секој да може да ги прегледа или користи за сопствени анализи
  • Следната фаза на проектот е производство на уреди за рана дојава на шумски пожари. Се работи за комплексна комбинација на различни врвни технологии (инфрацрвени камери, разни сензори, вештачка интелигенција за распознавање на симптомите…). Македонија има голем проблем со шумските пожари, и нивната рана дојава е од големо значење. Секако, нашата комуникациска мрежа и тука ќе има голема улога.