ФИТРгрантови: GSIX – Pedaless ги трансформира велосипедите во електрични

Овој текст е дел од серијалот “ФИТР грантови” во кои што ги контактиравме фирмите кои имаат ИТ решенија на последнитe повици за грантови на ФИТР. Идејата зад серијалот е јавноста подобро да се запознае со компанијата, продуктот и очекувањата поврзани со грантовите.

ИТ.МК се обиде да стапи во контакт со сите компании од ИТ секторот и нивните одговори ќе ги објавиме како што пристигнуваат.


Споделете со нас неколку информации за вашата компанија… Кога е основана, примарна дејност, тековни клиенти или сл… Или ако е ново основана, која е структурата и од кого е основана?

GSIX е дел од IT сферата скоро 7 години, формално, иако приказната за нејзино создавање е пред повеќе од 1 деценија, кога се запознаваат нејзините основачи – Алекс, Влатко, Теди и Бошко. Од самиот старт сме посветени на создавање иновативни софтверски продукти како што кажува и нашиот слоган – When Entrepreneurship meets Engineering.

Претприемништвото и софтверскиот инженеринг се двете експертизи кои ги фузираме и креираме стандардизирани и tailor-made софтверски решенија за мобилни уреди и веб. Клиентите со кои соработуваме се од различни индустрии и се распространети низ целиот свет, исто како и тимот од 30+ луѓе кој е лоциран во Македонија, Германија и Денвер, Колорадо.

Меѓу позначајните GSIX иновативни продукти се вбројува Android апликацијата – Crack Your Screen – со над 20,000,000 корисници и признаена со 1 место од Samsung Smart App challengе-от во 2012 година.

Годинава сме особено горди што ФИТР одлучи да го поддржи нашиот најнов и иновативен хардвер наречен Pedaless, чиј креатор е Бошко Петрески – еден од основачите на GSIX.

Дали може да ни кажете нешто повеќе за проектот за кој добивте финансии од ФИТР? За каков точно проект станува збор?

Pedaless преставува иновативен уред – едноделна компонента која е наменета за велосипеди и ги трансформира истите во електрични. Корисниците на Pedaless ќе уживаат во можноста да направат надградба на велосипедот што веќе го поседуваат и со помош на еден уред да го направат побрзо превозно средство низ градските средини. Покрај подобрените способности, корисниците ќе го намалат времето на возење од една до друга релација и што е најважно од се, ќе придонесат кон намалување на аерозагадувањето во животните средини, така што ќе имаат побрз велосипед со кој ќе го заменат својот автомобил.

Процесот на поставување на Pedalеss e едноставен и во просек трае 5 минути. Најновите мерења на прототипот покажаа дека може да се помине до 30km со максимална брзина од 25 километри на час. Со Pedaless е вклучена и литимуска батерија која се полни околу 4 часа. Не прави бучава и не додава поголема тежина на велосипедот.

Крајната мисија на Pedaless е да премине во најатрактивна алтернатива на автомобилите.

Колку време и до кој степен е во развој? Кога најрано би можеле да очекуваме MVP (minimum viable product) од продуктот достапен за јавноста?

Моментално, Pedaless e во фаза на прототип кој постојано го тестираме и ги подобруваме неговите перформанси. Веќе неколку месеци активно сме посветени на овие процеси и според нашите планови предвидено е да го претставиме MVP-то на Pedaless во март 2020.

Колку ќе ви помогнат дополнителните финансии од страна на ФИТР? Во кои делови од проектот поточно ќе ви помогнат финансиите од Фондот?

Добиените средства од ФИТР веќе активно се користат во процесите на изработка на Pedaless, тестирање и постојано подобрување.

Дали производот/услугата што го планирате да го развиете е за домашен или интернационален пазар? Која е вашата примарна целна група?

Примарна целна група на Pedaless e националниот пазар. До овој момент за македонскиот пазар не е познат уред од овој вид кој го трансформира вашиот велосипед во електричен. Постојат само дистрибутери на целосни електрични велосипеди кои во споредба Pedaless имаат значителни разлики.

Факторите кои идат во прилог за развој на пазарот на електрични велосипеди се позитивни и во нагорна линија и на домашниот пазар. Стапката на раст на пазарот на електрични велосипеди на светско ниво e 6,3% и во 2025 е проценет на вредност од 6,9 милијарди еврa.

Статистиките покажуваат дека во Европа, трендот за купување велосипед е двојно зголемен во споредба со инвестирање во автомобил. Со оглед на нагорните трендови и поволната клима, како и првичниот позитивен фидбек кој го добиваме од луѓето на кои го презентираме, планираме Pedaless да го пласираме и на регионалните пазари.

Нешто дополнително што би сакале да додадете? :)

Следете го развојот на Pedaless на социјалните медиуми и бидете во тек со новостите. Подгответе се за ново велосипедско искуство следната пролет.