ФИТРгрантови: FledgeHR, апликација за менаџирање на човечки ресурси

IT.mk редакција

во feature, ИТ.МК

Овој текст е дел од серијалот “ФИТР грантови” во кои што ги контактиравме фирмите кои имаат ИТ решенија на последнитe повици за грантови на ФИТР. Идејата зад серијалот е јавноста подобро да се запознае со компанијата, продуктот и очекувањата поврзани со грантовите.

ИТ.МК се обиде да стапи во контакт со сите компании од ИТ секторот и нивните одговори ќе ги објавиме како што пристигнуваат.


Споделете со нас неколку информации за вашата компанија… Кога е основана, примарна дејност, тековни клиенти или сл… или ако е ново основана, која е структурата и од кого е основана?

РrymАpps работи од 2014 година и е фирма со-основана од Илија Јованоски и од Илијанчо Гаговски. Илија е технички директор и одговорен за целокупниот развој на производот, како и за менаџирањето на вработените, а Илијачно е одговорен за развојот и реализацијата на бизнис и продажните планови и партнерствата. Во моментов броиме 9 вработени, со намера во следните неколку месеци да отвориме уште барем 2 нови работни места, за да го надополнат нашиот одличен и посветен тим.

Концептот за развој на компанијата PrymApps е формиран околу две идеи: Од стратешки аспект, PrymApps е продуктно ориентирана компанија, а од технолошки аспект, нашиот фокус е на развивање cloud базирани апликации. Првата определба значи дека не се занимаваме ниту со outsourcing, ниту со систем интеграција, туку со развој на сопствени производи, според нашите согледувања на пазарот. Технолошки, определени сме за развој на cloud платформата на Мајкрософт – Azure.

Временски, ваквата определба значи дека сме подготвени на долг инвестициски циклус, кој на среден рок треба да донесе присуство на глобалниот пазар и соодветни заработки.

Во моментов FledgeHR, нашиот примарен производ, го користат околу 20 фирми од Македонија, Словенија и Србија и нивниот фидбек е одличен, што не охрабрува дека сме на вистинскиот пат.

Дали може да ни кажете нешто повеќе за проектот за кој добивте финансии од ФИТР? За каков точно проект станува збор?

Проектот финансиран од ФИТР се однесува на развој на нови модули и примена на концепти и техники за машинско учење во нашата апликација за менаџирање на човечки ресурси, FledgeHR.

FledgeHR е софтвер за менаџирање со човечки ресурси, базиран на cloud технологија. Со користење на FledgeHR компаниите добиваат интегрирана платформа за повеќе различни функции од областа на менаџирање со човечки ресурси: огласување, прибирање на информации и селекција на кандидати за вработување, on-boarding или воведување во работа на нови вработени, мерење на перформанси на вработените, мерење на нивото на компетенции, пресметка на варијабилен дел на плата, систем за напредување во кариерата, автоматизирање на креирање на договори за работа, нотификација за истекување на договори, лиценци и дозволи, систематизација на работни места, како и контрола на работно време и одмори. Идејата беше, да се понуди интегрирана софтверска платформа која секој корисник ќе ја користи во обемот во кој во тој момент ги има изградено своите функции, а која ќе биде подготвена да одговори на неговите растечки барања како што фирмата се развива. Притоа, корисникот не треба да инвестира во дополнителна инфраструктура, затоа што за користење на софтверот му е потребен само интернет пребарувач – на било кој уред – се друго е хостирано во „облакот“, во случајов Microsoft Azure.

Колку време и до кој степен е во развој? Кога најрано би можеле да очекуваме MVP (minimum viable product) од продуктот достапен за јавноста?

Производот го развивавме веќе три години и тој сега е достапен за продажба – го користат дваесетина фирми во Македонија, Словенија и Србија.

Колку ќе ви помогнат дополнителните финансии од страна на ФИТР? Во кои делови од проектот поточно ќе ви помогнат финансиите од Фондот?

Финансирањето од ФИТР е клучно за развој на модулите за вработување, мулти регионален модул за отсуства, заштита при работа и модул за едукација на вработени со кои ќе го заокружиме производот, како и за развојот на нашите вработени во однос на усвојување на нова технологија – машинско учење – која ќе ја примениме во нашиот производ.

Дали производот/услугата што го планирате да го развиете е за домашен или интернационален пазар? Која е вашата примарна целна група?

Производот е наменет за глобалниот пазар и цел ни е да се конкурираме со најголемите играчи во оваа област. Заради концептот на развој кој се базира на cloud технологијата, буквално можеме да опслужиме корисници кае било во светот и да им пружиме инфраструктура и поддршка од Македонија. Целта е да им овозможиме на средно големите фирми (глобално гледано, ова се фирми со 500+ вработени) да добијат решение за менаџирање на човечки ресурси кое досега го имале само големите корпорации, но да го добијат по цена која можат да си ја дозволат. Затоа, софтверот го продаваме по принципот Software as a Service, што значи нула инвестиција во инфраструктура за корисникот и месечно плаќање на претплата за користење, наместо огромни еднократни инвестиции.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии