ФИТРгрантови: Ентер Охрид – Luca Framework, алатка за висока продуктивност и брз развој на веб базирани деловни решенија

Овој текст е дел од серијалот “ФИТР грантови” во кои што ги контактиравме фирмите кои имаат ИТ решенија на последнитe повици за грантови на ФИТР. Идејата зад серијалот е јавноста подобро да се запознае со компанијата, продуктот и очекувањата поврзани со грантовите.

ИТ.МК се обиде да стапи во контакт со сите компании од ИТ секторот и нивните одговори ќе ги објавиме како што пристигнуваат.


Споделете со нас неколку информации за вашата компанија… Кога е основана, примарна дејност, тековни клиенти или сл… или ако е ново основана, која е структурата и од кого е основана?

Ентер доо – Охрид е водечки македонски производител на деловен – ERP (Enterprise Resource Planning) софтвер со успешни имплементации во преку 350 компании и институции од различна големина и профил во Македонија и регионот (Србија, Косово, Албанија, Црна Гора). Нашиот главен производ Luca ERP е комплексен систем од десетина пакети со кои целосно се покриваат деловните операции на дузина индустрии во комерцијалниот сектор како и комплетниот backoffice на субјектите во јавниот сектор. Во Ентер работат триесетина лица, пред сѐ IT инженери, но и други профили – експерти за сметководство, финансии, управување со деловна документација, комерцијално работење, оптимизација на производство, буџетирање во јавен сектор и др кои активно ги спроведуваат имплементациите на нашите деловни решенија. Комплетниот раководен и сениорски тим е со над петнаесетгодишно работно искуство внатре во компанијата. Квалитетот на производите, услугите и целокупното работење постојано ги потврдуваме покрај со вообичаеното проширување на клиентската база и со поседувањето на клучните сертификати во нашата област: ISO 9001, ISO 20000 и ISO 27001.

Дали може да ни кажете нешто повеќе за проектот за кој добивте финансии од ФИТР? За каков точно проект станува збор?

Luca Framework е алатка за висока продуктивност и брз развој на веб базирани деловни решенија која е иновативен продукт според суштинските ефекти кои ги постигнува, затоа што коренито го иновира процесот на развој на нашите деловни апликации. Luca Framework не е само идеја, туку продукт кој е веќе успешно тестиран како proof-of-concept прототип. Функционира како на т.н.р. „код генератор“ – машина која врз основа на претходно поставен модел со дефинирана структура и однесување врши креирање на финалните ентитети и содржини (маски, форми, процедури, функции), заменувајќи го програмерот во мануелната продукција на код, минимизирајќи го ризикот од програмерски грешки и забрзувајќи го развојот со што директно ја зголемува компаниската продуктивност и ја елиминира потребата од т.н.р. second level програмирање. Нашите симулации покажуваат дека со оваа алатка развојот на секоја нова верзија на Luca ERP ќе се скуси за 33%, рачно ќе се пишува помалку од 50% од кодот, баговите ќе се намалат за 60%, периодот на имплементација кај корисниците за 15%, вкупните трошоци за развој за 25%, а за имплементација за 10%.

Колку време и до кој степен е во развој? Кога најрано би можеле да очекуваме MVP (minimum viable product) од продуктот достапен за јавноста?

Во моментов го реализираме четвртиот од вкупно петте предвидени квартали. Во овој квартал го спроведуваме интегрирањето на компонентите на алатката во функционална работна околина. Петтиот, последен квартал е планиран за инсталирање и конфигурирање на работната верзија на алатката во проектот Luca 2020 ERP, што практично значи нејзино де факто активирање и ефектуирање во сите наредни верзии и нови продукти на Luca брендот на деловни решенија: Luca 2020 ERP, Luca Cloud Small Business, Luca MidSize Regional и Luca Spec International.

Колку ќе ви помогнат дополнителните финансии од страна на ФИТР? Во кои делови од проектот поточно ќе ви помогнат финансиите од Фондот?

Поддршката од страна на ФИТР ни помага да го совладаме маѓепсаниот круг карактеристичен за нашата индустрија: за да ги зголемиме приходите, мора да го засилиме пазарното учество кое на лимитиран пазар како македонскиот може да го реализираме исклучиво со збогатување на содржините на софтверот, за што пак мора да ги зголемиме развојните трошоци кои и онака растат во недостаток на квалитетни ИТ ресурси. Со тоа на минимум се сведени интерните капацитети за издвојување ресурси и време за ваква радикална операција која не може веднаш да направи поврат на вредноста. Грантот од ФИТР ни овозможи клучните ресурси да ги ставиме во помирна и постабилна околина во која ќе може да пружат максимум без секојдневен притисок и резултатите се веќе видливи, во проектот се движиме побрзо од планираното. Во однос на добиените средства, во најголем дел се користат за обезбедување на плати за вработените вклучени во дизајнот и развојот на алатката, а дел и за набавка на хардверска, системска и развојна опрема, како и обезбедување на надворешни услуги релевантни за продукцијата.

Дали производот/услугата што го планирате да го развиете е за домашен или интернационален пазар? Која е вашата примарна целна група?

Luca Framework е наменет за интензивна интерна употреба во развојот и оптимизирањето на нашите финални производи – деловните решенија кои се наменети за македонскиот, регионалниот и интернационалниот пазар. Погоре беа спомнати четирите главни продукти кои благодарение на Luca Framework ќе бидат произведени во рекордно време, а се фокусирани на различни целни групи: Luca 2020 ERP е наменет за македонските средни и големи компании и институции, Luca Cloud Small Business за домашните мали фирми и сметководствени бироа, Luca MidSize Regional ќе ги покрива вертикалните индустрии на Западен Балкан пред сѐ агроиндустријата и индустријата за храна и пијалоци, додека Luca Spec International е специјално решение за производство и управување со документи наменето за интернационалниот пазар.

Нешто дополнително што би сакале да додадете? :)

Концептите model based software development framework, code generator и domain specific language се познати во ИТ индустријата и не се сами по себе иновација, но ова е веројатно прв случај, компанија која не е голем светски производител на ERP софтвер, покрај главниот производ сама да го произведе и алатот за негово производство. Иако ефектите на Luca Framework како алатка пред сѐ ги анализираме во контекст на нејзиното влијание во развојот на нашиот главен производ Luca ERP, најважната карактеристика на овој framework е универзалната применливост во дизајнирањето на десетици други деловни модели од различни домени, но со слична метаструктура во комерцијалниот сектор, образованието, здравството, финансиските услуги, индустријата, електронската трговија, а особено кај специјализираните бизнис апликации за одредени целни групи применливи на глобално ниво како cloud решенија.