ФИТРгрантови: Елевејт Глобал – автоматизирана платформа за процесирање на подотоците во енергетската индустија.

Овој текст е дел од серијалот “ФИТР грантови” во кои што ги контактиравме фирмите кои имаат ИТ решенија на последнитe повици за грантови на ФИТР. Идејата зад серијалот е јавноста подобро да се запознае со компанијата, продуктот и очекувањата поврзани со грантовите.

ИТ.МК се обиде да стапи во контакт со сите компании од ИТ секторот и нивните одговори ќе ги објавиме како што пристигнуваат.


Споделете со нас неколку информации за вашата компанија… Кога е основана, примарна дејност, тековни клиенти или сл… или ако е ново основана, која е структурата и од кого е основана?

Елевејт Глобал е компанија фокусирана на предиктивно моделирање и вештачка интелигенција. Компанијата е основана од Горан Стојановски и Ѓорѓи Маџаров, кои го користат своето долгогодишно искуство во оваа област за автоматизирање на процеси во големи компании. Како компанија секогаш се гордееме со нашите клиенти и партнери како T-Systems, IskraTel, EVN, Netcetera, DriveBox Automation, GotSolutions и други.

Тимот на Елевејт Глобал се состои од 14 луѓе, со кои што во изминатиот период заедно го развиваме софтверските решенија и производи кои се пласираат на пазарот. Моментално, нашето продуктното портфолиот се состои од два самостојни производи (BAT и ASAP) и еден партнерски производ заедно со Netcetera (RiSIQ.ae).

 Дали може да ни кажете нешто повеќе за проектот за кој добивте финансии од ФИТР? За каков точно проект станува збор?

Елевејт Глобал доби поддршка од Фондот за иновации и Технолошки развоја за проектот BAT – „автоматизирана платформа за процесирање на податоци во енергетската индустрија“. Овој производ е наменет за компаниите кои работат во енергетската индустрија како трговци/дистрибутери на енергија, произведувачи на енергија но и големи потрошувачи на енергија. ВAT им помага на компаниите да брзо и лесно да изградат предиктивни модели и да ги оптимизираат сопствените трошоци за енергија во иднина. Со помош на овој производ, компaниите ги анализираат сите историски податоци кои се достапни и врз основа на тоа што се случило во минатото, предвидуваат што може да се случи во иднина. На пример, во енергетскиот сектор тоа би значело, врз основа на потрошувачката на електрична енергија во минатото се предвидува потенцијалната потреба од енергија за следниот ден или за некој подолг период.

Информацијата за потрошувачка или производство на струја е од исклучителна важност за енергетските системи, заради балансирање на пазарот. имено, компниите кои купуваат енергија на пазарот, можат истата да ја набават по пониска цена и со многу мал ризик еден ден однапред. Во спротивно, сите разлики помеѓу купената (номинирана) енергија и реално искористената, подлежат на пазарни пенали.

Дополнително, ВАТ овозможува автономоно предвидување на голем број на корисници, со што значително ја олеснува работата на операторите кои се одговорни за набавка на енергија.

Колку време и до кој степен е во развој? Кога најрано би можеле да очекуваме MVP (minimum viable product) од продуктот достапен за јавноста?

Имаме изработен прототип (MVP) за проектот ВАТ. Овој производ веќе се тестира во нашите партнерски компании како EVN и IskraTel. Во моментов преговараме со неколку домашни и странски компании за комерцијално користење на ВАТ и постојано работиме на надградба на карактеристиките на софтверот. Подобрувања на интерфејсот но и додавање на нови функционалности кои ни ги сугерираат нашите клиенти.

Колку ќе ви помогнат дополнителните финансии од страна на ФИТР? Во кои делови од проектот поточно ќе ви помогнат финансиите од Фондот?

Со добиените финансиски средства од ФИТР, ќе биде завршен развојот на првата верзија (алфа) на ВАТ која ќе се нуди на пазарот според моделите на директна продажба или изнајмување на корисничка лиценца. Исто така, голем дел од средствата се користат за развој на продажбата и отворање на нови пазари надвор од регионот.

Дали производот/услугата што го планирате да го развиете е за домашен или интернационален пазар? Која е вашата примарна целна група?

Примарна целна група на ВАТ се енергетските компании од западна Европа. Сепак пазарот започнуваме да го освојуваме регионално пред целосно да се фокусираме на продажба во развиените земји.

Иако нашиот фокус е на Европскиот и светскиот пазар, позитивно сме изнанадени од приемот кој го имаме во локалната индустрија. Тука, компаниите се многу заинтересирани за можноста да ги надгледуваат процесите со помош на податочни модели.

Нешто дополнително што би сакале да додадете? :)

Паралелно со развивањето на нашите производи, како компанија сме фокусирани на враќање на вредност во ИТ заедницата. Затоа ги подржуваме професионалните настани и научните настани кои се одржуваат во земјава. Заедно со група на ентузијасти веќе втора година го промовираме неформалниот настан Data Science Meetup Macedonia каде се промовираат истражувања и примена на Data Science во индустрија.

Оваа година ја поддржавме и меѓународната конференција ICT Innovation 2019, каде нашиот пријател, проф. Diego Klabjan од Northwestern University ги пренесе најновите трендови и случувања во Машинското Учење на пазарот во САД. Во моментов спремаме уште еден проект за зајакнување на AI/ML заедницата во Скопје, кој се вика Skopje.AI и претставува локална гранка на интернационалната организација city.AI. На овој начин се трудиме да ја подигнеме свеста и интересот за оваа брзо-растечка гранка во нашата земја.