ФИТРгрантови: Електронски зелен пазар – виртуелен пазар за зеленчук и овошје

Овој текст е дел од серијалот “ФИТР грантови” во кои што ги контактиравме фирмите кои имаат ИТ решенија на последнитe повици за грантови на ФИТР. Идејата зад серијалот е јавноста подобро да се запознае со компанијата, продуктот и очекувањата поврзани со грантовите.

ИТ.МК се обиде да стапи во контакт со сите компании од ИТ секторот и нивните одговори ќе ги објавиме како што пристигнуваат.


Споделете со нас неколку информации за вашата компанија… Кога е основана, примарна дејност, тековни клиенти или сл… или ако е ново основана, која е структурата и од кого е основана?

ЕЛЕКТРОНСКИ ЗЕЛЕН ПАЗАР ДООЕЛ Ресен, е основано на 26. 11. 2018 година, што значи дека точно утре, 26. 11. 2019, правиме една година постоење. ЕЗП е замислен како веб-страница, која можете да ја посетите на www.ezp.com.mk, www.cybergreenmarket.com, а набрзо и на www.greenbalkanexpress.com, каде што ќе можат да се сретнат, не само продавачот и купувачот, ами и сите други заинтересирани страни кои барем малку нешто со своите дејности задираат во земјоделството.

Дали може да ни кажете нешто повеќе за проектот за кој добивте финансии од ФИТР? За каков точно проект станува збор?

Од една страна Македонија е земја на зеленчук и овошје. Од друга страна пак, Балканот, и Македонија како негово средиште, уште од древни времиња биле и крстопат, ако не и најзначајниот крстопат на светот. Совршени услови за пазар, нели!?

И иако ЕЗП не е класичен пазар, ами виртуелен, сепак нашата цел е иста со онаа на секој друг класичен пазар, а тое е да создадеме убава и привлечна средина и за продавачите и за купувачите и да ги привлечеме да дојдат на ЕЗП и на ова место да се сретнат и да ги направат своите купопродажби.

Кога се формиравме, бевме само добра идеја и еден човек, а сега, благодарение на подршката од страна на „Фодот за иновации и технолошки развој“ сме компанија со 5 вработени.

Во моментот сме во фаза на доработување на верзиите на ЕЗП на другите странски јазици, и до крајот на декември, окекуваме дека ЕЗП ќе можете да го видите и на другите јазици, покрај на англиски, каков што во моментов и е.

Во однос на нашите клиенти, во моментов сме фокусирани на јаболкото како производ и се трудиме да ги запознаеме и производителите и компаниите кои работат извоз на јаболко, претежно од Преспа, слободно да почнат да ги нудат свите јаболка на целиот свет, изложувајќи ги на ЕЗП.

Нашата политика е доколку наш клиент, кој платил годишна ЕЗП такса, во текот на една година не остварил најмалку 10 нови контакти и нити еден успешен договор за продажба и извоз на својот производ, наредната година ги користи услугите на ЕЗП бесплатно.

Колку време и до кој степен е во развој? Кога најрано би можеле да очекуваме MVP (minimum viable product) од продуктот достапен за јавноста?

Реално, ЕЗП треба да ги остварува своите први реални и планирани приходи пред крајот на првиот квартал од проектот, т.е. до крајот на јануари 2020 год.

Колку ќе ви помогнат дополнителните финансии од страна на ФИТР? Во кои делови од проектот поточно ќе ви помогнат финансиите од Фондот?

Проектот е во висина од 35 250,00 евра, од коишто нашето учество е во висина од 15% од вредноста на проектот, или 5 280,00 евра. Средствата се наменски испланирани за дизајнирање на веб-страницата на ЕЗП, маркетинг, опрема во компјутери за нашите вработени, средства за превод на македонската верзија на ЕЗП на англиски, руски, француски, германски, турски, бугарски, албански, грчки и српски, и со ова, покрај нашите 5 вработени, во проектот „Е- Зелен пазар“ се опфатени уште 10-тина соработници. Од голема помош за нас како компанија која буквално започнува од нула, е тоа што 18 000,00 евра се предвидени за плати на нашите вработени во текот на 12 месеци од траењето на проектот.

Дали производот/услугата што го планирате да го развиете е за домашен или интернационален пазар? Која е вашата примарна целна група?

Во моментот сме фокусирани на Македонија, и на насловната на ЕЗП стои „Дали сте заинтересирани за купување на производи од Македонија“, но нашата втора фаза е ЕЗП да биде виртуелен пазар за земјоделски производи од целиот Балкан.

Нешто дополнително што би сакале да додадете? :)

Дополнително би сакале да додадеме дека ЕЗП, иако е пазар, тој има за цел да стане и средиште и за другите интересни сфери коишто имаат допир со земјоделството. Замислата е нашата ЕЗП заедница да може да креира и други видови на огласувања, започнувајќи од класични огласи за трактори и приклучни машини, земјоделски недвижнини, семиња и семенски материјали, преку профили на фирми кои нудат услуги на паковање и транспорт, сe до брокерски друштва, осигурителни компании и поединци агенти за продажба на осигурувања на посеви и приватни пензиски програми погодни за земјоделци. На ЕЗП свој интерес ќе најдат и луѓе кои знаат странски јазици и луѓе кои сакаат да работат како предприемачи- за нив ќе биде интересен делот: „Find your local guide here”.

Отворени сме за соработка со секој кој сака да биде ЕЗП Промотор во Македонија, Балканот и светот.