ФИТР грантови: Webfactory – Pendulibrium, AI и ML во финансискиот сектор

Овој текст е дел од серијалот “ФИТР грантови” во кои што ги контактиравме фирмите кои имаат ИТ решенија од 79-те добитници на последниот повик за грантови на ФИТР. Идејата зад серијалот е јавноста подобро да се запознае со компанијата, продуктот и очекувањата поврзани со грантовите.

ИТ.МК се обиде да стапи во контакт со сите компании од ИТ секторот и нивните одговори ќе ги објавиме како што пристигаат.


Споделете со нас неколку информации за вашата компанија… кога е основана, примарна дејност, тековни клиенти или слично… или ако е ново основана, која е структурата и од кого е основана?

Веб Фактори е основана во 2009 година и нашата примарна дејност е развој на софтвер. Изработуваме целосни решенија од самото дефинирање и смислување на продуктот до негова целосна реализација (mobile, web, backend) и пласирање на пазарот. Во моментот имаме клиенти од Велика Британија, Канада, САД и Јапонија. Работиме во повеќе вертикали меѓу кои здравство, финансии и услужни дејности.

Дали може да ни кажете нешто повеќе за проектот за кој добивте финансии од ФИТР? За каков точно проект станува збор?

Проектот за кој добивме финансии се вика Pendulibrium, и е посебен сектор во Веб Фактори. Секторот е фокусиран на примена на Artificial Intelligence и Machine Learning во финансискиот сектор, за подобра анализа и предвидување врз основа на финансиски извештаи.

Колку време и до кој степен е во развој? Кога најрано би можеле да очекуваме MVP (minimum viable product) од продуктот достапен за јавноста?

Pendulibrium како посебен самофинансиран сектор постои од мај 2017. Првичните активности се состоеја од изготвување на бизнис план, обучување на кадар, подготовка на иницијална маркетинг стратегија како и изработка на неколку демо проекти кои се јавно достапни на Github. Првата фаза на Pendulibrium која се очекува да биде завршена за неколку месеци, се фокусира на изработка на продукт за предвидување на слободниот капитал на мали и средни претпријатија.

Овој продукт се изработува во партнерство со компанијата Akoni од Велика Британија и е само дел од поголема примена на AI во финансискиот сектор за автоматско менаџирање на слободниот капитал.

Колку ќе ви помогнат дополнителните финансии од страна на ФИТР? Во кои делови од проектот поточно ќе ви помогнат финансиите од Фондот?

Најголем дел, 90% од средствата ќе бидат наменети за човечки ресурси и зголемување на постоечкиот тим, а останатите 10% се за инфраструктура и иницијална маркетинг стратегија. Дополнителните финансии ќе помогнат за многу побрзо градење кадри од областа на AI. Проекти од ваков тип сè уште не се често застапени во Македонија. Средствата ќе ни помогнат да им дадеме можност на младите кадри да навлезат во оваа индустрија преку работа на актуелни проблеми на светско ниво.

Дали производот/услугата што го планирате да го развиете е за домашен или интернационален пазар? Која е вашата примарна целна група?

Во првата фаза нашата целна група се FinTech компании од Велика Британија, а подолгорочниот план опфаќа присуство на интернационален пазар.

Нешто дополнително што би сакале да додадете? :)

Pendulibrium се обидува да ги реши глобалните актуелните проблеми преку примена на Artificial Intelligence и Machine Learning. Моменталната состојба во AI на светско ниво е фокусирана на градење на кадри. Токму поради ова сме многу среќни што имаме прилика да работиме тука, во Македонија. Навистина имаме квалитетен кадар на кој му треба можност да работи на тоа што навистина го сака. Ги повикуваме сите AI ентузијасти слободно да не контактираат.

1 коментар на “ФИТР грантови: Webfactory – Pendulibrium, AI и ML во финансискиот сектор

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии