#ФИТР грантови: Моби Промо – веб базирана платформа за дигитален маркетинг

Овој текст е дел од серијалот “ФИТР грантови” во кои што ги контактиравме фирмите кои имаат ИТ решенија на последнитe повици за грантови на ФИТР. Идејата зад серијалот е јавноста подобро да се запознае со компанијата, продуктот и очекувањата поврзани со грантовите.

ИТ.МК се обиде да стапи во контакт со сите компании од ИТ секторот и нивните одговори ќе ги објавиме како што пристигнуваат.


Споделете со нас неколку информации за вашата компанија… Кога е основана, примарна дејност, тековни клиенти или сл… или ако е ново основана, која е структурата и од кого е основана?

Компанијата ММ Дисоски е основана 2012 – та година од страна на Валентина Дисоска со 100% домашен капитал како иновативен стартап кој работи на креирање на иновативни производи како за себе така и за своите клиенти.

Примарна дејност на компанијата е бизнис, маркетинг и компјутерски консултантски услуги, вклучително и изработка на софтвер , софтверски услуги , развој на мобилни апликации.

Работиме на неколку полиња, развојот на иновативни проекти е примарен дел од нашето работење. Бидејќи долги години сме поврзани и работиме во ИТ сферата и маркетингот, нашите иновативни проекти речиси секогаш се поврзани со ИТ или пак во делот промоција и маркетинг, имаме работено проекти за промоција на држаавата , за промоција на компаниите, за интерактивно учење јазици, едукативни софтвери за учење преку игри, заштита на децата на интернет и многу други производи кои се дел од нашето портфолио. Консултантскиот дел кој што е насочен кон развој на компаниите, бизнис планирање, пристап до финансии и маркетинг е последица од искуството стекнато преку нашето работење. Преку пракса и преку искуство со наши проекти сметаме дека сме идеална компанија која може да нуди консултантски услугиги за претходно споменатите теми.

Досега сме имале преку дваесет успешно реализирани консултантски проекти во државата и надвор, на европскиот пазар.

Како компанија сме активни и ги следиме современите текови на сите полиња на кои работиме, понекогаш сме и пред времето со продуктите кои ги пласираме на пазарот, но тоа е претприемачкиот порив, кој не тера да учиме и да одиме напред.

Така е и со најновиот наш продукт MOBI PROMO, кој што е препознаен и поддржан од Фондот за иновации и технолошки развој.

Дали може да ни кажете нешто повеќе за проектот за кој добивте финансии од ФИТР? За каков точно проект станува збор?

MOBI PROMO (Mobile ad network ) е веб базирана платформа која има за цел да ги поврзе огласувачите со: вебсајтови и со компании кои развиваат мобилни апликации (издавачи) , кои пак сакаат да прикажуваат огласи / реклами на својата мобилна верзија на сајтот , односно во својата мобилна апликација.

Од една страна преку систем за регистрација се приклучуваат вебсајтови и компании кои развиле или развиваат мобилни апликации. Од друга страна на платформата се приклучуваат компании кои имаат потреба да ги огласуваат своите продукти/услуги.

Огласувачите не мора да ги контактираат веб сајтовите поединечно за да креираат онлајн кампањи, додека пак веб сајтовите добиваат клиенти и можност за заработка од маркетинг услуги благодарение на нивната посетеност на мобилната верзија на сајтот.

За веб сајтовите, MOBI PROMO платформата генерира специфичен софтверски код кој се имплементира во веб сајтот или мобилната апликација и при секоја посета од страна на крајните корисници прикажува огласи/реклами на огласувачите.

Огласувачите добиваат една супер актуелна алатка која им овозможува преку самостојно креирање на маркетинг кампањи да стигнат до поголем број потенцијални клиенти и да ја зголемат продажбата на своите производи и услуги.

Пет клучни карактеристики на Моби Промо за огласувачи:

Едноставност
Моби Промо е веб базирана платформа која од едно место, истовремено, обезбедува прикажување на рекламни пораки на партнерските веб сајтови на публиката која пристапила преку мобилен уред.

Премиум публика
Пристап до премиум публика преку премиум партнерски веб сајтови – издавачи. Соработуваме само со квалитетни Издавачи, кои обезбедуваат позитивно опкружување за корисникот и испорачуваат реален интернет сообраќај

Таргетирање
Платформата обезбедува врвна оптимизација и сегментација на целната публика. Таргетирање според: категорија на веб сајт, оперативен систем на мобилниот уред, земја на потекло на веб сајтот и според земја на потекло на публиката.

Досег
Моби Промо во моментов соработува со 20 Издавачи (вебсајтови), чиј интернет сообраќај преминува 6 милиони прикажувања месечно.

Извештаи
Платформата нуди можност за следење „во живо “ на текот на рекламна та кампања. Следете број на прикажувања, број на кликови, процент на успешност и состојба на буџет. Бидејки платформата е нова и корисниците од двете страни не се запознаени со работата на истата, нашиот тим нуди и експертска помош при креирање на рекламни кампањи како и при поврзување на веб сајтовите.

Колку време и до кој степен е во развој? Кога најрано би може ле да очекуваме MVP (minimum viable product) од продуктот достапен за јавноста?

Моментално, фазата на финално тестирање на MVP е завршена и MOBI PROMO не само што е достапен и функционален, туку веќе ги доби и првите клиенти.Резултатите од кампањите на првите клиенти се повеќе од задоволувачки, клиентите имаат увид на целата кампања, точен број на прегледи, кликови и дефинитивно можеме да кажеме дека нашиот продукт е една од најпрецизните алатки кога говориме за насочен маркетинг и за статистика на рекламните кампањи.

Колку ќе ви помогнат дополнителните финансии од страна на ФИТР? Во кои делови од проектот поточно ќе ви помогнат финансиите од Фондот?

ММ Дисоски започна со софтверски развој на платформата MOBI PROMO на почетокот на 2017 година како самостоен продукт. Во меѓувреме Фондот за иновации и технолошки развој ја препозна иновативноста на нашиот продукт и не поддржа со одредени средства кои пак ја забрзаа динамиката на работата, помогнаа за дополнителен развој на софтверската платформа, развој и подготовка на маркетинг стратегија за настап на локално, регионално и глобално ниво.

Дали производот/услугата што го планирате да го развиете е за домашен или интернационален пазар? Која е вашата примарна целна група?

Иако, Македонскиот пазар за ваков тип на платформи како што е MOBI PROMO е релативно мал, сепак нуди одлична можност за компаниите и сајтовите да развијат нов начин на комуникација со клиентите и маркетинг канали, а нас ни нуди можност за финални нагодувања на софтверската апликација. Сепак, MOBI PROMO е наменет да дејствува во полето на огласување и маркетинг на поголеми пазари, наша примарна цел е регионалниот, односно глобалниот пазар.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии