ФИТР Грантови: Intelligent Network Solutions – платформа за споделувања на виртуелна реалност VirtoScope

Овој текст е дел од серијалот “ФИТР грантови” во кои што ги контактиравме фирмите кои имаат ИТ решенија од 79-те добитници на последниот повик за грантови на ФИТР. Идејата зад серијалот е јавноста подобро да се запознае со компанијата, продуктот и очекувањата поврзани со грантовите.

ИТ.МК се обиде да стапи во контакт со сите компании од ИТ секторот и нивните одговори ќе ги објавиме како што пристигнуваат.



Споделете со нас неколку информации за вашата компанија… кога е основана, примарна дејност, тековни клиенти или слично, или ако е ново основана, која е структурата и од кого е основана?

Компанијата се вика Intelligent Network Solutions (на кратко попозната како INS) и е основана во септември 2007-ма. Основана е од страна на Игор Пупалески и Газменд Ајруловски, што значи дека е 100% сопственост на македонски државјани. Примарна дејност е изработка на софтвер и софтверски услуги, каде што главна експертиза е изработка на ентерпрајз ГИС системи, но не е и ограничена само на тоа, туку развиваме и мобилни апликации, иновативни решенија за smart cities платформи итн. Имаме над 350 клиенти кои што користат наш софтвер во над 15 држави а меѓу највисоките референци се компании како T-Mobile, Telecom Austria, Swisscontact Zurich, ADNOC итн.

Дали може да ни кажете нешто повеќе за проектот за кој добивте финансии од ФИТР? За каков точно проект станува збор?

VirtoScope претставува веб платформа за објавување и споделување на ВР (Виртуелна Реалност) содржини со предефинирана, бесплатна библиотека на содржини како 3Д објекти, 3Д сцени, 3Д рендери, 360 степени слики и видеа, за управување со и организација на ВР презентации (во живо или снимени), како и стриминг во живо на 360 степени видеа со можност на 360 видео конференции. Поедноставно, фокална точка за управување, објавување и користење на ВР содржини.

Колку време и до кој степен е во развој? Кога најрано би можеле да очекуваме MVP (minimum viable product) од продуктот достапен за јавноста?

Проектот е на ниво на PoC (Proof of Concept) и најрано би бил во активна бета за 16 до 18 месеци од почетокот на развој. Со оглед на тоа дека договорот треба допрва да се потпише, точна дата на започнување на проектот допрва треба да се определи но се надеваме дека ќе почнеме веке некаде во септември.

Колку ќе ви помогнат дополнителните финансии од страна на ФИТР? Во кои делови од проектот поточно ќе ви помогнат финансиите од Фондот?

Финансирање на иновација и сопствен продукт од овие пропорции се случува обично на еден од два начини: со барање на „seed“-фонд (обично пропратен со барање на инвеститорите за процентуално учество во сопственичка структура) или со финансирање од сопствен џеб. Бидејќи ние не сме стартап туку сме компанија која што на годишно ниво произведува повеќе од еден (а најчесто 4-5) продукти, делење на сопственичка структура со инвеститор врз база на само еден продукт не ни е опција, што ни ја остава опцијата со само-финансирање.

Лани го направивме PoC-то на VirtoScope и се решивме оваа година да побараме средства од надвор кои што ќе ги искористиме за тековни трошоци на развојниот тим, дедициран за развој на овој продукт, како и за плаќање на надворешни компании за истражување на пазарот, управување со финансии и припрема на бизнис модел како и QA/QC во соработка со факултетот за информатика во Битола. Друг дел од буџетот ќе се потроши на хардвер како графичка станица за обработка на ВР содржини или различни типови на 360 камери со кои ќе се тестира системот пред да влезе во бета.

Дали производот/услугата што планирате да го развиете е за домашен или интернационален пазар? Која е вашата примарна целна група?

Производот планираме да го пласираме, да, и на домашниот пазар, но е дефинитивно ориентиран за надворешниот пазар каде што планираме да ги искористиме нашите конекции во Европа и блискиот исток за директна продажба на white label продукт кон големи клиенти. Во припрема е бизнис модел со висок потенцијал на комерцијализација и се надеваме дека идентификувавме пар кориснички сценарија кои што на нашите идни клиенти можат да им донесат заработка. Јасно, бидејќи станува збор за иновација и продукт кој што допрва треба да го развиеме, сето тоа зависи првенствено од успешна техничка реализација на проектот, но, ние сме оптимисти и веруваме во нашиот тим, така да би требало за година/ година и пол од денес веќе да почнеме со директна продажба.