ФИТР грантови: Dark One – „Скопје“ е видеоигра инспирирана од Скопје во 70-тите и бруталистичката архитектура на Кензо Танге

Овој текст е дел од серијалот “ФИТР грантови” во кои што ги контактиравме фирмите кои имаат ИТ решенија на последнитe повици за грантови на ФИТР. Идејата зад серијалот е јавноста подобро да се запознае со компанијата, продуктот и очекувањата поврзани со грантовите.

ИТ.МК се обиде да стапи во контакт со сите компании од ИТ секторот и нивните одговори ќе ги објавиме како што пристигнуваат.


Споделете со нас неколку информации за вашата компанија… кога е основана, примарна дејност, тековни клиенти или сл… или ако е ново основана, која е структурата и од кого е основана?

Dark-1 е студио за развој на видео игри, официјално основано во јануари 2018 од Кристијан Трајковски, Марко Зарев и Симон Стојановски. Тимот работи на заеднички проекти уште од 2013, кога победува на првиот Global Game Jam во Скопје со прототип од играта “Odium to the Core”. Компанијата својата прва игра “Odium to the Core” за прв пат ја издава во Мај 2018 на iOS, Steam и Android (Amazon store). Подоцна Dark-1 станува официјален Playstation и Xbox партнер и во Декември ја прави “Odium to the Core” достапна и за Nintendo Switch и Xbox One конзолите, правејќи ја првата македонска игра на овие конзоли. Играта има продадено над 14000 копии низ сите платформи.

Дали може да ни кажете нешто повеќе за проектот за кој добивте финансии од ФИТР? За каков точно проект станува збор?

Проектот за кој добивме финансиска поддршка од ФИТР е нова First Person Shooter open-world survival видео игра за PC и конзоли, длабоко инспирирана од Скопје во 70-тите и бруталистичката архитектура на Кензо Танге, со работен наслов “Скопје” :). Играта е со уникатен cel-shaded арт стил инспириран од стрипови, и содржи поедноставени survival механики и мобилна база со која можете побрзо да го истражувате градот. Ја користиме оваа прилика да ви дадеме мал ѕир во стилот на нашата игра преку неколку screenshots.



Колку време и до кој степен е во развој? Кога најрано би можеле да очекуваме MVP (minimum viable product) од продуктот достапен за јавноста?

Играта е веќе петти месец во развој и имаме постигнато огромен прогрес, повеќето клучни системи во играта се функционални, арт стилот е дефиниран, имаме proof-of-concept прототип на кој постојано итерираме. Како и да е, имаме долг пат пред нас пред играта да биде подготвена за пошироката јавност. Планот е играта да биде достапна на Steam како Early Access наслов во втората четвртина од 2020.

Колку ќе ви помогнат дополнителните финансии од страна на ФИТР? Во кои делови од проектот поточно ќе ви помогнат финансиите од Фондот?

Финансиите од ФИТР се огромна помош и го покриваат развојот на играта до нејзиното издавање како Early access наслов, како и набавка на дополнителни асети и плагини со што процесот драстично се убрзува и олеснува. Без овој грант не би можеле да се фокусираме целосно на проектот што за ваков амбициозен проект е клучно со цел завршување во разумен временски рок.

Дали производот/услугата што го планирате да го развиете е за домашен или интернационален пазар? Која е вашата примарна целна група?

Како секое парче софтвер денеска, посебно видео игрите кои се пласираат на платформите како Steam, Epic store и слични, планот е овој производ да биде поставен на светскиот пазар. Нашата целна група се љубители на Survival и FPS жанровите од 16 до 35 години, пред се на американскиот и европскиот пазар.

Нешто дополнително што би сакале да додадете? :)

Следете не нас и прогресот на нашата игра на друштвените мрежи: