ФИТР грантови: CodeWell и Книжарница Три ќе прават електронска платформа за книги

Овој текст е дел од серијалот “ФИТР грантови” во кои што ги контактиравме фирмите кои имаат ИТ решенија од 79-те добитници на последниот повик за грантови на ФИТР. Идејата зад серијалот е јавноста подобро да се запознае со компанијата, продуктот и очекувањата поврзани со грантовите.

ИТ.МК се обиде да стапи во контакт со сите компании од ИТ секторот и нивните одговори ќе ги објавиме како што пристигаат.


(На прашањата одговора Нино Карас ко-основач на CodeWell)

Споделете со нас неколку информации за вашата компанија… кога е основана, примарна дејност, тековни клиенти или сл… или ако е ново основана, која е структурата и од кого е основана?

CodeWell е компанија која нуди ИТ решенија и услуги за клиенти од целиот свет. Компанијата ја основавме заедно со Мартин Анчевски и во тек на 7 години постоење и развој имаме завршено повеќе од 100 успешни проекти за клиенти ширум светот со 100% стапка на успех. Во нашето портфолио може да се најдат компании од клубот на Fortune 500 и Global 500, лоцирани на 6 континенти во светот. CodeWell е исто така, (како што веќе знаете ) пионер на Македонската стартап заедница преку лансирање на неколку од најпознатите македонски стартап компании, MarkO и Letz.

Letz беше првата македонска стартап компанија која успеа да добие Venture Capital инвестиција. Освен тоа, Letz освои многу интернационални награди, се инкорпорира во САД и се најде на многу светски познати магазини и портали вклучувајќи ги Forbes, The Huffington Post, Venture Beat, Tech Crunch итн.

Letz беше првата и единствена Европска стартап компанија која ја освои престижната награда на Product Hunt – Product of the Year.

Издавачки центар ТРИ е издавачка куќа која 19 години опстојува на пазарот во Република Македонија се профлирира како еден од најреномираните, сериозни и професионални издавачки куќи. Посветени на издавање на високо квалитетна литература, следејќи ги сите нови трендови и стандарди, главната мисија на ТРИ е да биде во чекор со актуелните случувања на светската книжевна и културна сцена со цел да ја направи книжевноста секогаш достапна до македонските читатели.

Компанијата е основана од Винка Саздова, додека на чело на менаџмент тимот е Бојан Саздов, кој е управител и главен уредник на ТРИ. Тој е одговорен за подготвување на годишната издавачка програма, како како и за подготовка, спроведување и квалитетно раководење со уредувачката стратегија, координација и надзор на издавачките процеси, управување и надзор на човечките ресурси и подизведувачи, комуникација со авторите, добивање на авторски права и нивна реализација.

Дали може да ни кажете нешто повеќе за проектот за кој добивте финансии од ФИТР? За каков точно проект станува збор?

ReadSpace ќе биде напредна и проширена електронска платформа за книги наменета за Европскиот пазар. Платформата има за цел да овозможи отворање на целосен брендиран електронски сервис за книги со само неколку кликови преку Software as a Service моделот.

Нашата платформа се состои од неколку клучни елементи кои заедно го прават ова решение комплетно како и за издавачите така и за потрошувачите на електронски книги.

Јадрото на системот ќе биде електронската продавница која ќе им овозможи на издавачите да продаваат електронски и печатени книги. Продавницата ќе вклучува модули кои ќе ги поддржуваат сите делови од процесот за управување со една дигитална продавница, вклучувајќи готови механизми за плаќање, до механизми за управување со синџирот за снабдување. Ова ќе служи како главен фокус каде што издавачите ќе можат да ја промовираат и продаваат својата содржина директно на корисниците.

Покрај електронската продавница, ReadSpace ќе овозможува читање на купените или бесплатните електронски книги од продавницата. Достапен во форма на апликација, Read Space ќе може да се користи на најразлични мобилни и таблет уреди, како и електронски читачи кои работат на iOS и Android платформите.

Самиот систем ќе вклучува и сопствен систем за заштита на дигиталните ресурси, налик на ADOBE DRM, коj инкорпорира напредни криптографски механизми со цел да спречи кражба на дигиталните ресурси.

Платформата ќе им овозможи на издавачите ширум Европа, како и на стандардните brick and mortar книжарници на едноставен начин да добијат сопствен севкупен електронски сервис за книги, без притоа да има потреба да инвестираат огромни суми на пари како и време за развој на систем од ваков тип.

Колку време и до кој степен е во развој? Кога најрано би можеле да очекуваме MVP (minimum viable product) од продуктот достапен за јавноста?

Идејата за ReadSpace дојде од соработката која веќе ја имаме со Издавачки Центар Три, за кои уште во 2014та година ја изработивме најпосетуваната електронска продавница за книги во Македонија Kniga.mk. Неколку години подоцна ја развивме и мобилната апликација за купување и читање на електронски книги Kniga.mk. ReadSpace е следбеник на kniga.mk продавницата и претставува следен чекор во еволуцијата на производот што ќе стигне до пошироката публика и ќе се отвори за сите кои што би имале придобивки од технологијата што ја нуди. MVP на производот може да очекуваме за една година од започнување на проектот.

Колку ќе ви помогнат дополнителните финансии од страна на ФИТР? Во кои делови од проектот поточно ќе ви помогнат финансиите од Фондот?

Доволно е да се каже дека без финансиите од страна на ФИТР овој проект со огромен потенцијал ќе останеше “во фиока” и ќе чекаше друга ивестициска можност во иднина.
Без средствата од Фондот ние немаше да можеме да ги овозможиме сите потребни ресурси за изработка на овој комплексен проект во моментов.

Финансиите од фондот ќе бидат искористени во најголем дел за да се покријат платите за развојниот тим кои што се неопходни за создавањето на ReadSpace и пополнувањето со најдобрата достапна содржина.

Дали производот/услугата што го планирате да го развиете е за домашен или интернационален пазар? Која е вашата примарна целна група?

Со ReadSpace целиме кон Европскиот пазар, бидејќи за разлика од развиените пазари за електронски книги какви што се Америка и Велика Британија, европскиот е далеку понеразвиен. Дури и да го занемариме Американскиот како најразвиен и да ја земеме само Велика Британија за споредба ситуацијата на пазарот е повторно драстично различна. Според последните извештаи за 2017та година во Велика Британија се продале севкупно 95 милиони книги за една година, од кои 34% од севкупната продажба на книги се електронски книги. Во останатиот дел од Европа, електронските книги учествуваат со само 6% удел во севкупниот број на продадени книги.

Целта е ReadSpace да овозможи полесна дигитализација на сите издавачки центри, печатници, па дури и книжарници кои во моментов немаат соодветни канали за безбеден и едноставно достапен пласман на нивните книги во дигитална форма.

Капацитетот и искуството кое CodeWell го има со креирање на интернационални продукти во комбинација со искуството на Издавачкиот центар ТРИ (повеќе од 20 години искуство во бизнисот на издавање книги и 5 години со kniga.mk) ќе ни помогне да креираме продукт кој ќе ги задоволува потребите на издавачките центри ширум Европа.

1 коментар на “ФИТР грантови: CodeWell и Книжарница Три ќе прават електронска платформа за книги

  1. Naj prevarantskata kompanija vo Makedonija i uste se narekuva pioner na makedonskata startap scena.
    Kolku samo grantovi dobija od drzavata i od raznorazni fondovi. Go zafrknaa i Yes inkubator od kade ukradoa sto se mozese a i proekti zemaa pod raka dodeka go imaa na svoja strana direktorot. Se nadevam nema da go cenzurirate ovoj komentar.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии